Балканските патишта кон ЕУ: Црна Гора, брзо од независност до лидер, но како понатаму?

Балканските патишта кон ЕУ: Црна Гора, брзо од независност до лидер, но како понатаму?

Во балканските приказни на патот до ЕУ „лидерите“ релативно често се менуваа. Црна Гора сега е државата која е најнапред до ЕУ, барем гледано од аспект на чекорите потребни до членство. Таа стекна независност во 2006 година, а по поднесеното барање за членство од 2008 година доби кандидатски статус во 2010 година. Преговорите започнаа во јуни 2012 година, а уште на првата меѓувладина конференција се отвори и привремено се затвори едно поглавје.
Релативно брзо завршија објаснувачкиот и билатералниот скрининг (дијалог за утврдување на усогласеноста со ЕУ) – за една година и три месеци. Оваа важи во споредба со Србија, не и претходно со Хрватска или други претходни кандидати.
Првите години на преговорите поглавјата се отвораа со засилена динамика – шест во 2013 година, дури девет во 2014, по шест во 2015 и 2016 година, за веќе во 2017 и 2018 година темпото да забави и да се отвораат по две поглавја. По една година пауза, конечно во 2020 година се отвори и последното поглавје – конкуренција. Сега Црна Гора ги има отворено сите поглавја што сега може да ги отвори – вкупно 33. (Во Поглавјето 35: Други прашања, кај Црна Гора нема содржина, како што е случајот кај Србија, додека Поглавјето 34 за учеството во институциите на ЕУ се преговара на крајот на преговорите).

И толку за отворањето. Но, за процесот, сепак, е најзначајно затворањето. Привремено затворени се само три поглавја, кои досега се сметаа за лесни. За дваесет и седум поглавја е во тек исполнувањето на одредниците за затворање на поглавјето (за секое од овие поставени се од 1 до 8 одредници). Не е тешко да се заклучи дека динамиката на преговори значително се успори со годините. Дали успорената динамика на преговорите последниве години се должи на значително полошите резултати на Црна Гора во процесот на пристапување во однос на првите години на преговарањето? Таков заклучок не би можел да се изведе од извештаите на Европската комисија или заклучоците на Советот на ЕУ. Факт е дека преостанатите поглавја се потешки, но исто така е факт дека одлуката за динамиката на преговорите во крајна линија, е сепак политичка одлука на ЕУ.

Балканските патишта кон ЕУ: Црна Гора, брзо од независност до лидер, но како понатаму?
Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Црна Гора е државата на која ЕУ за првпат го примени принципот „најпрвин темелите“ и се воведоа привремени одредници за поглавјата од владеењето на правото: 23. Правосудство и темелни права и 24. Правда слобода и безбедност. Во тек е спроведувањето на 38 такви одредници за поглавјето 23 и 45 за поглавјето 24. Се следи спроведувањето на плановите, се ревидираат плановите, но далеку е од заклучок дека тие се исполнети. Реформите во владеењето на правото во Црна Гора беа со широк опсег и под силно влијание на ЕУ, која инсистираше на независност и професионалност на правосудството и органите на прогон. Битно е и дека Црна Гора досега покажа исклучителна доследност во практично стопроцентно усогласување со надворешната политика на ЕУ, оневозможувајќи какви и да е дилеми околу стратешките геополитички определби.

Да ги разгледаме малку повеќе суштинските прашања на пристапувањето и сегашните состојби.
За Црна Гора последните избори беа посебно значајни – за прв пат од осамостојувањето во оваа држава се смени власта. Но, изборите беа тензични, поради црковните прашања поврзани со националниот идентитет. Тогашната позиција ја обвинуваше опозицијата за кумување со српската црква и поткопување на црногорскиот национален идентитет.
Тогашната опозиција а сега нова ширококоалициска влада, пак, се потпираше на силна антикорупциска реторика.
ЕУ ги поздрави изборите, ѝ посака успех на новата Влада и – најави дека оваа година нема да се затвораат поглавја. Тоа еврокомесарот Вархеи неодамна формално го објасни со примената на новата методологија којашто Црна Гора доброволно ја прифати. Кажа дека нема затворање поглавја сѐ додека не се исполнат привремените одредници од поглавјата на владеење на правото (иако ова формално не стои во Преговарачката рамка за Црна Гора). И додаде дека за ЕУ нема да биде прифатлив регрес во веќе спроведените реформи.

Вакво предупредување не доаѓа без причина. Новата црногорска влада посака да го смени специјалниот јавен обвинител, кој пред некоја година ги водеше процесите против двајца челници на Демократски фронт – сега битен дел од Владата, кои беа осудени за обид за државен преврат. Откако законски не можеше да го стори тоа, владеачката коалиција се обидува да донесе нов закон со кој ќе го укине ова обвинителство – веќе испробана, ама проѕрена балканска практика. Пораката од ЕУ до Црна Гора овојпат се чини доволно јасна – не им се допаѓа враќање назад.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

За првпат во американската историја денеска почнува кривичен судски процес против еден поранешен американски претседател. …