Бектеши: Eлектраната ТЕ-ТО ќе почне да работи на 1 ноември

Бектеши: Eлектраната ТЕ-ТО ќе почне да работи на 1 ноември

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека од 1 ноември ќе започне со работа когенеративната електрана ТЕ-ТО во Скопје, која ќе произведува електрична и топлинска енергија. Тој додаде дека граѓаните не треба да се грижат, односно дека топлинска енергија за скопските потрошувачи во претстојнава грејна сезона ќе има.

Она што засега останува нејасно е што предвидува договорот меѓу ТЕ-ТО и државните власти во однос на работењето на овој енергетски капацитет, но и од каде и од кого ќе се набави природниот гас, кој е неопходен за производството на електрична и топлинска енергија.

Министерот Бектеши денеска не даде повеќе детали во однос на работењето на ТЕ-ТО. Она што допрва треба да се утврди е од каде и по која цена АД ЕСМ ќе го набави гасот. Од ова државно акционерско друштво информираа дека веќе ги добиле понудите за набавка на природен гас за скопските топлани, но и побараа од три компании кои доставиле понуди да ги допрецизираат информациите кои ги испратиле, и тоа во однос на конечните понуди за набавка на гас за ноември за работа на топланите Исток, Запад и Енергетика и понуди за евентуално вклучување во режим на работа на електраната ТЕ-ТО.

Инаку, друга опција за работење на ТЕ-ТО која што беше спомената од македонската влада минатиот месец е добивањето на гасот како енергенс од Србија со кој ТЕ-ТО ќе може да проработи, во замена за гарантирана цена за струјата која во еден дел би се извезувала во Србија. Иако првично ветена, од македонската влада на брифинг минатата недела информираа дека нема да има ништо од ваквата размена со Србија, поради забраната за извоз на природен гас. Сепак, Србија викендов ја укина забраната за извоз на природен гас за Македонија, а оваа информација ја објави самиот премиер Димитар Ковачевски.

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче одговори што ќе му е политика (ВИДЕО)

Д-р Венко Филипче во кратко видео објавено на неговата Фејсбук страница вели дека секогаш ќе …