Белата куќа е загрижена оти бугарското вето се одложува, рече министерката Петровска

Белата куќа е загрижена оти бугарското вето се одложува, рече министерката Петровска

Министерката за одбрана Славјанка Петровска рече дека Белата куќа изразила загриженост за бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, за време на стратешкиот дијалог во Вашингтон минатата недела.

Петровска во Белата куќа се сретна со Аманда Слот, директор за Европа, Дејвид Фабрицки, директор за НАТО и европски прашања, и Адмир Музурович, директор за Балкан и Централна Европа при Советот за национална безбедност.

„Споделивме загрижености за застојот во европската интеграција на нашата држава и се разбира недвосмислено ја добивме поддршката дека тој процес треба да се забрза, осносно дека Република Северна Македонија треба да го добие датумот и дека треба да ги отпочне преговорите“, рече Петровска.

Според неа, предолгото тактизирање со ветото може да предизвика сериозен безбедносен проблем на Балканот.

„Го спомнав ветото неколку пати во контекст на безбедносната состојба. Затоа што се` додека има отворени прашања тоа значи дека државите се занимаваат со тие отворени прашања, а не со она што е круцијално. Мислам дека предолгото занимавање со ова прашање или тактизирање со ветото, особено во условите кои ги имаме сега на европското тло, а тоа е воената агресија врз Украина, остава простор за влијанија на трети држави кои, не секогаш, односно најчесто, не се добро наклонети кон состојбите. Поголема акција, поголема вклученост од сите страни ќе биде од бенефит за сите“, вели Петровска.

Таа нагласи дека одлагањето на почетокот на пристапните преговори носи ризик и од хибридни закани.

„Хибридните закани беа присутни во Северна Македонија и предходно, но, се разбира дека со започнувањето на руската инвазија врз Украина, и поради ставовите кои Владата на Северна Македонија ги има кон ова прашање, а тоа е јасна осуда и недвосмислена поддршка на Украина во оваа борба, се засилија кон Северна Македонија, кон институциите и се разбира кон одредени министри, политичари, или пак јавни личности кои го изразуваат тој свој став“, рече Петровска.

За време на стратешкиот дијалог во Вашингтон, Петровска, заедно со заменик-помошничката на секретарот за одбрана на САД Лора Купер, најавија соработка во однос на заштита од сајбернапади, како и развој на капацитети за справување со дезинформации.

За време на средбите беше договоен и грант од 40 милиони долари помош за модернизација на Армијата.

Прочитајте повеќе

ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите

ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите

Маркетите за многу краток период извадија нови производи само за да ја избегнат Одлуката за …