Белорусија испраќа деца од окупираните делови на Украина да тренираат со војската

Белорусија испраќа деца од окупираните делови на Украина да тренираат со војската

Белоруската државна телевизија на 10 јануари извести дека властите во оваа земја неодамна испратиле група деца која пристигнала од окупираните делови од Украина на обука во организација на белоруската војска, пренесува агенцијата „АП“.

Официјален Киев, како и белоруската опозиција, тврдат дека режимот на Лукашенко, сојузник на Кремљ, е вмешан во незаконски трансфер на голем број украински деца во Белорусија.

Критичарите на белорускиот и рускиот режим ова го опишуваат како кампања на индоктринација, за децата да станат проруски ориентирани.

Во телевизиски извештај од 10 јануари се наведува бројка од 35 деца кои од украинскиот град Антратсит, кој е под руска контрола, се испратени во гадот Моглиев на исток во Белорусија.

Државната телевизија во Белорусија соопшти дека децата се сместени во локален санаториум и дека за нив се грижат вработени од Министерството за вонредни состојби.

Во телевизискиот извештај стои и дека војската „ги учи децата како да се однесуваат во екстремни ситуации“. Прилогот ги прикажува украинските деца како на ракавите имаат сошиени руски знамиња.

Повеќе од 2.400 деца на возраст од 6 до 17 години се донесени во Белорусија од четири украински региони кои се делумно окупирани од страна на руските сили, стои во неодамнешното истражување на Универзитетот Јејл во САД.

Украински официјални лица претходно известија дека истражуваат депортација на деца како можен чин на геноцид, а државниот обвинител на Украина соопшти дека Белорусија исто така е и под истрага поради сомненија за насилно носење на повеќе од 19 илјади деца од окупираните делови на Украина.

Поранешниот белоруски министер за култура Павел Латушка, кој премина во редовите на опозицијата, до Меѓународниот суд за правда предаде докази за вмешаноста на владата на Лукашенко во депортацијата на децата, односно рече дека „белоруските власти не го кријат фактот дека децата се индоктринирани“.

Како што изјави тој за агенцијата АП, украинските деца се „индоктринираат да станат проруски“.

Според зборовите на Латушка, постоеле и примери за тоа дека деца од Украина се носени во Белорусија, а потоа во Русија каде се давани на посвојување.

Во март минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и тамошниот правобранител за правата на децата Марија Лавов-Белов, обвинувајќи ги за воени злосторства поради нелегална депортација и трансфер на деца од Украина во Русија.

Официјална Москва пак ги негираше овие обвиненија. Белорусија е еден од најблиските соработници на Москва уште од почетокот на руската воена инвазија на Украина од февруари 2022 година.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …