Од почетокот на протестите во Белорусија сѐ повеќе новинари од државни медиуми даваат откази, ги заменуваат руски новинари. Што критикуваат и како функционира пропагандната машина во земјата? ДВ разговараше со дел од нив.

Притисокот врз критичките новинари во Белорусија продолжува да се зголемува. За време на протестите беа уапсени голем број репортери, а некои од нив зборуваат за полициска бруталност. Блогерите се под систематска закана. Но дури и кај соработниците во државните медиуми симпатиите за претседателот Александар Лукашенко исчезнуваат. Паралелно со долготрајните протести низ цела земја против наводниот изборен фалсификат на резултатите од претседателските избори, цели редакциски тимови ги напуштаат државните медиуми, разочарани од полициската бруталност и развојот на настаните во нивната земја. Дел од овие новинари разговараа со ДВ за тоа кои им се мотивите за ваквата одлука

Долго премолчување околу ситуацијата со Ковид 19

Првиот наш соговорник сакаше да остане анонимен. Новинарот си дал отказ од издавачката куќа „Belarus Segodnja” („Белорусија денес“), оддел во рамки на претседателската администрација. Признава дека во неговата работа имало голема цензура: „На пример државните медиуми, меѓу кои и мојата издавачка куќа, долго го негираа Ковид 19. Отпрвин воопшто не се известуваше за тоа, а потоа се објавуваа само позитивни вести за голем број оздравени луѓе како и дека фабриките во Кина се повторно рестартирани.“

По некое време беше дозволено да се пишува за коронавирусот во Белорусија – но тоа речиси немаше ништо со новинарско известување. „Ги преработувавме текстовите за вестите на белоруската телевизија во духот дека земјата успешно се справува во Ковид 19, дека ќе умрат ионака претежно луѓе со претходни заболувања и дека во болниците има вишок слободни кревети на интензивна нега и респиратори. Моравме дури и да напишеме дека целиот свет ѝ завидува на Белорусија“ раскажува овој новинар.

И предизборната кампања за претседателските избори беше еднострано претставена во државните медиуми. „Се зборуваше само за Лукашенко. Ни беше наредено да не пишуваме ништо за останатите кандидати. Ни имињата не им ги споменувавме,“ вели тој.

Кога опозицискиот видео-блогер Сергеј Тихановски, сопруг на опозициската политичарка Светлана Тихановскаја, беше уапсен, тој си дал отказ од „Белорусија денес“. „Тој беше уапсен на 29 мај. Десет дена подоцна требаше да напишам вест дека властите ќе покренат обвинение против блогерот. И покрај тоа што имам голема доверба и почит кон Сергеј и неговата сопруга Светлана, требаше да напишам дека тој всушност е криминалец.“

Брза замена од Русија

И Светлана (името ѝ е сменето од редакцијата) си даде отказ од белорускиот јавен сервис. „И покрај тоа што го покривав само ресорот култура, со моето име некако стојам зад се што прави ‘Белтрадио’,“ вели таа. Оваа млада жена се сеќава како на 17 август протестираа со своите колеги од радиото. Вработените бараа изборните резултати од претседателските избори да се прогласат за неважечки, смена на изборната комисија, ослободување на политичките затвореници и крај на цензурата во медиумите. Раководството на јавниот сервис ги прогласи протестите за нелегални. Беше речено дека оној кој протестира може и да си замине. Многумина го сторија тоа, а персоналот бргу беше заменет со новинари од руски медиуми што го потврди и Лукашенко. „Ги замолив Русите: за секој случај испратете ни две до три групи новинари.“

Според Светлана ова се забележува и во вестите: „Се промени реториката. Известувањето стана порадикално, а за учесниците во мирните протести се известува уште понегативно.“ Овој начин на презентација ги изненади и новинарите кои често биле соочени со цензура. Светлана порано работела за агенцијата „АТН“ која припаѓа на групата државни канали „Белорусија 1“ и „Белорусија 24’’. Таму владееле строги правила.„Имаше луѓе чии имиња беа забранети на белоруска телевизија”, вели таа. Така опозициските политичари во снимките на „АТН” никогаш не смееле да бидат прикажани.

На новинарите им била дадена и листа од политиколози и економисти кои не смееле да ги контактираат. „Доволно е некое лице еднаш да искаже свое мислење кое не е во склад со официјалната политика и веќе никогаш нема да го видите на телевизија”, вели Светлана.

Weißrussland | Belarus | Minsk | Cornavirus | Militärparade | Lukaschenko (Reuters/V. Fedosenko)

Речиси сите вработени дале отказ

Валериј Кондратјев, кој работел за радио „Столица” (во превод – главен град), канал на „Белтелерадио”, имал повеќе среќа.

Вели дека во една ипол година само неколку пати го споменал името на претседателот и тоа во контекст на меѓународни средби со негово учество. Но, и кај „Столица” имало ограничувања во известувањето за коронавирусот.

Сѐ било ограничено на објавување на статистики од министерството за здравство, иако многумина тврдеа дека не се потполни. И кога пред изборите белоруски музичари западнаа во немилост кај властите, била издадена наредба веќе да не се емитуваат песни од нив.

По претседателските избори на 9.август уште му било тешко наутро да води емисија, вели Кондратјев.

„Кога се појавија снимки од тоа што се случило со уапсените демонстранти (многу по ослободувањето зборуваа за мачење, заб.на ред.) отидовме кај директорот. Реков ако не биде дозволено да се каже вистината ќе си дадам отказ. Други соработници ме поддржаа”.

На 17.август радио „Столица” почна штрајк. Се емитуваше само музика, спортски вести и временска прогноза. Раководството на „Белтел радио” штрајкот го декларирал за нелегален, вели Кондратјев. „Ни рекоа дека може да нѐ избркаат. Па затоа ние самите си дадовме отказ”, вели новинарот. Десетина соработници го напуштиле радио „Столица”, меѓу кои и директорот на дифузерот, неговиот заменик и музичкиот уредник. „Не можеме да работиме во државно радио и да се преправаме како ништо да не се случува.”

Извор: DW