Бесими: Се планира данок за екстра профит

Бесими: Се планира данок за екстра профит

Со стопанските комори се води дискусијата за нов, вонреден данок на екстра добивка, по примерот на европските земји. Оние компаниите што имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво, при што тоа е 20 отсто повеќе од четиригодишниот просек, дополнително да им се оданочат екстра приходите, вели во интервју на Радио Слободна Европа, министерот за финансии Фатмир Бесими.

Министре, пред неколку месеци најавивте голема даночна реформа со која во буџетот треба да се слеат дополнителни 54 милиони евра. Реформата заврши со скромни законски измени и напуштање на прогресивниот данок уште пред да стапи на сила. Каков ефект очекувате од овие измени?

Најпрвин сакам да потенцирам дека даночната реформа не беше само за фискалните приходи, туку се базира на стратегијата за даночна реформа кога беше донесена од страна на Владата уште во декември 2020 година, каде главни цели на таа реформа е да се воспостави еден даночен систем кој ќе овозможи одржлив, инклузивен и забрзан економски раст, врз основа на нови технологии и подобрување на ефикасноста во даночниот систем.

Како приоритетни аспекти, области и принципи на таа стратегија беа правичност на даночниот систем, ефикасност, ефективност и транспарентност, како и зелениот концепт на даночниот систем. Значи овие беа главните принципи, меѓу кои во оваа фаза на реформите што беа презентирани и дискутирани се однесуваат само на делот што се однесува на реформите на даночната политика, односна на три даноци – данокот на личен доход, данокот на додадена вредност и данокот на добивка.

Пристапот за да се обезбеди поголема правичност беше, а притоа да не воведеме нови даноци и зголемување на постојните даночни стапки, беше да се зголеми даночната база.

Даночната база се предлага да се зголеми на две основи: едниот основ е намалување на сивата економија, за што имаме посебна стратегија за сива економија и вториот аспект е преку намалување на таканаречените даночни трошоци или ревидирање на листата на даночни ослободувања.
После расправата има ревидирање на неколку мерки и како вкупно некаде околу 76 милиони евра е сега фискалниот ефект на овој пакет што е во Собрание на гласање.

Кога сме кај даночните ослободувања, во момент кога многу земји од Европската унија воведуваат даноци за фирмите кои оствариле милионски екстра профити, вие го укинувате даночното ослободување за малите фирми кои имаат приход до три милиони денари. Како го објаснувате тоа? Се плашите ли да ги оданочите богатите?

Апсолутно не. Мислам дека тука се измешаа тезите. Не мислам дека тоа намерно некој го прави, туку заради временско коинцидирање. Значи даночната реформа е во пакетот што го објаснивме, тука спаѓа и намалување на сивата економија итн. Од тој аспект, во овој дел каде што до сега се предлагаат до шест милиони денари приходи имаат опција на оданочување на приходот, меѓутоа еден отсто од приходот или данокот на добивка од 10 отсто, каде што сите придобивки од даночни ослободувања за реинвестирана добивка остануваат. Така што со цел тоа што во одредена мера постоеше како ситуација дека се користи можноста да се регистрираат неколку мали правни субјекти кои се под три милиони, а со цел да не се плати данок, од тој аспект, тој дел се разрешува на овој начин. Малите фирми имаат други програми кадешто се поддржуваат нивните инвестиции. Инаку во тој дел што се споредува ова со тоа со екстра профити и даноци, тоа е друга тема?

Размислувате ли на таа тема?

Да, ние веќе тоа го најавивме, јас веќе имав состанок со стопанските комори, ќе имаме уште еден состанок, консултација со нив, и тоа е друг дел, тоа не е дел од даночната реформа. Даночната реформа ги имаше целите што ги кажав, да не се повторувам.

Дискусијата што сега се води со коморите е во однос на посебен, нов вонреден данок, а тоа е данок на дополнителна екстра добивка, што значи дека по примерот на другите земји, како Велика Британија, Италија, Унгарија, Хрватска итн, значи дури има и директива, препорака од земјите членки на ЕУ, земјите да оценат и да го користат тоа во вид на солидарност.

Тоа што ние сега го дискутираме со стопанските комори е дека во последните четири години они компаниите што имаат над 10 милиони евра приходи на годишно ниво и ќе се спореди нивната добивка во текот на 2022 година и делот што е остварен над 20 отсто во последните четири години, само тој дел ќе биде предмет на оданочување со овој нов данок, еднокатен, само за 2022 година, и нема да се повтори. Годините каде што немаат остварено добивка не се земаат предвид за оданочување.

Ние сме во фаза на дебата и доколку наидеме на разбирање, иако секако ќе има реакции, може тоа да придонесе.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …