Автобус јавен превоз

Бесплатен јавен превоз: Ќе се отстрани ли дискриминацијата врз студентите од приватните универзитети?

Студентите од државните и приватните универзитети ги уживаат истите права за стипендии, субвенциониран оброк и сместување во студентски дом, но не и кога станува збор за бесплатен јавен превоз во Скопје

Индиректна  продолжена дискриминација врз основа на личен и општествен статус извршил Град Скопје врз студентите од приватните универзитети, со тоа што не им овозможил бесплатен јавен превоз, како што е случај со нивните колеги од државните високообразовни установи. Ова го утврдила Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) откако двајца студенти од Куманово поднеле претставки, во кои велат оти се чувствуваат дискриминирани во однос на редовните студенти на државните факултети.

Град Скопје сега има рок од 60 дена за да ја отстрани повредата на правото на еднаквост. Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска не одговараат дали и како ќе постапат, но доколку не ја спроведат препораката на Комисијата, ќе се соочат со прекршочна пријава.

Студентите од приватните универзитети и понатаму немаат бесплатен јавен превоз во главниот град, откако Град Скопје и годинава ова право им го овозможи само на редовните студенти запишани на државните високообразовни установи. Битката на овие студенти со институциите трае со години, но сега доби нов развој на настаните, откако КСЗД утврди дека Градот извршил дискриминација.

Град Скопје извршил (ин)директна продолжена дискриминација врз студентите од приватните факултети

До оваа комисија претставки доставиле студент и студентка од Куманово, кои навеле оти поради неможноста да користат бесплатен јавен превоз, се чувствуваат дискриминирани во однос на своите колеги – студенти од државните факултети.

Двајцата студенти во претставките го опфатиле и Министерството за образование и наука (МОН), но Комисијата за спречување на дискриминација кај ова министерство не утврдила одговорност, бидејќи тоа не носело одлуки околу бесплатниот превоз на студенти, туку само спроведувало одлуки на Владата.

КСЗД во своето мислење утврдила директна продолжена дискриминација кон студентите што поднеле претставки, но и индиректна продолжена дискриминација кон сите редовни студенти на приватни универзитети.

Продолжената дискриминација, инаку, законски се смета за потежок облик на дискриминација, затоа што е вршена врз едно или група лица непрекинато, во подолг временски период, како што е случај и со бесплатниот превоз на студентите што е воведен во 2016 година.

Кога Комисијата побарала од Град Скопје да се произнесе за случајов, од таму добиле одговор дека Градот целосно ги отфрла наводите за извршена дискриминација.

Комисијата во своето мислење наведува дека во Законот за високо образование не се прави никаква разлика при дефинирањето на статусот, правата и обврските меѓу студентите запишани на државните и приватните универзитети, ниту пак во законите за студентски стандард и за субвенциониран студентски оброк.

Во конкретниот случај, Комисијата оценила оти Град Скопје, со обезбедувањето на бесплатен превоз само за студентите од државните универзитети во подолг временски период, создале услови за исклучување, разликување и оневозможување студентите од приватните универзитети да ја користат услугата под еднакви услови со другите, што претставува директна продолжена дискриминација која сè уште трае.

„Врз основа на изнесеното, Комисијата утврди дека Град Скопје, со своите одлуки за давање на субвенции на ЈСП Скопје за обезбедување бесплатен превоз на редовните студенти на додипломски студии од државните универзитети, од сопствениот буџет, во подолг временски период ги става редовните студенти на додипломски студии запишани на приватните универзитети, меѓу кои е и подносителот, во понеповолна положба и создава нееднаков третман кон истите, исклучувајќи им го пристапот до користење на бесплатен градски превоз на еднаква основа со студентите запишани на државните универзитети, во целосно споредлива ситуација, што претставува повреда на правото на еднаквост односно дискриминација“, се вели во едно од мислењата на КСЗД.

Отстранување на дискриминацијата или прекршочна постапка против Градот и Арсовска

Според заклученото, Комисијата сега му препорачува на Град Скопје да им го овозможи правото на студентите од Куманово што ги поднеле претставките да користат бесплатен градски превоз на еднаква основа како студентите од државните универзитети во рок од 30 дена од добивањето на Мислењето донесено на 15 мај, но препорачува дискриминацијата да биде отстранета и воопшто кај сите студенти кои се во иста положба.

„Се препорачува градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, да иницира измени и дополнувања на Одлуката за давање на субвенција на ЈСП Скопје со кои ќе се утврди правото на бесплатен превоз и на студентите запишани на приватните универзитети и соодветно на тоа ќе се обезбедат средства за бесплатен превоз на сите редовни студенти на додипломски студии од државните и приватните универзитети за 2023 година, со цел отстранување на повредата на правото на еднаквост, во рок од 60 дена од добивањето на ова Мислење…“, се вели во препораката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Комисијата укажува и дека согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, лицата на кои им се упатени препораките се должни да постапат по истите во законски зададениот рок и дека доколку истите не се спроведат, КСЗД е должна да поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.

Според Комисијата, и Владата создала услови за нееднаков третман на студентите со носењето одлуки со кои го задолжиле МОН да изврши трансфер од нивниот буџет на сметка на ЈСП Скопје, со намена да се покријат дел од трошоците на јавното претпријатие за обезбедување на бесплатен превоз на студентите на додипломски студии на државните универзитети за академските 202/2021 и 2021/2022 година. Сепак, Комисијата утврдила и дека таквата дискриминаторска практика на Владата завршила со буџетската 2022 година и не продолжила во тековната академска година, односно нејзините прописи веќе не произведуваат дискриминација.

Мета.мк во два наврата упати прашања до Град Скопје за тоа како ги коментираат мислењето и препораките на КСЗД и дали ќе постапат по истите, но и две недели подоцна, одговор од Градот и од кабинетот на Арсовска не добивме.

Институциите да постапат, апелираат студентите

Во меѓувреме, студентите од приватните универзитети за јавен градски превоз во Скопје плаќаат по 1.050 денари месечно, односно по 12.600 денари годишно. Студентите со кои разговараше Мета.мк велат дека неретко добиваат и казни за немање на валидни билети поради тоа што и нив треба постојано да ги продолжуваат, а реагираат и на хаосот кој во моментов владее во јавниот превоз во главниот град.

„Моментално, студентите, како и јас самиот, постојано обновуваме билети на месечна цена и плаќаме казни за немање валидни картици. Лично до сега два пати имам плаќано казна за немање картичка за користење на превозот бидејќи не ми следува како студент на приватен факултет. Ова е незамисливо во странските земји кои ги гледаме како пример. Дали бесплатно, дали со пониска цена – студентите во развиените демократски општества користат превоз под исти услови“, вели Филип Трајковски, претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје.

Со Трајковски се согласува и неговата колешка од Универзитетското студентско собрание на Американскиот универзитет на Европа – ФОН (АУЕ-ФОН), Мила Петрушевска.

„Со оглед на тоа дека имаме право на студентски оброк, да аплицираме за стипендија од МОН, да бидеме сместени во некој од студентските домови – зошто би го немале и правото на бесплатен јавен превоз? Тоа е исто како и кога меѓу пензионираните лица, кои што исто така имаат бесплатен превоз, би правеле поделби врз основа на тоа каде работеле – дали во јавен или приватен сектор. Притоа студентот како статус никаде не познава поделби во Уставот и законите. Дополнително, кај нив не се прави разлика ниту според големината на пензиите. Сепак, ние како студенти немаме никакви примања, а при тоа нашата потреба од превоз е многу поголема поради секојдневните обврски на факултет. Така што, ова за нас навистина би било олеснување во финансиска смисла бидејќи и онака имаме многу поголеми трошоци за разлика од колегите на државните универзитети“, смета Петрушевска, која додава:

„За 1.050 денари што месечно ги плаќаме, и онака ретко кога навреме ќе стигнеме на некое предавање со оглед на тоа што автобуските линии не се редовни, туку редовно доцнат. Ако остане на тоа дека треба да плаќаме, барем очекуваме добра услуга за возврат“.

Борбата на студентите од приватните факултети за добивање бесплатен јавен превоз трае со години. Во 2016 година, студенти ја обжалиле тогашната Одлука на Град Скопје пред Уставниот суд, кој пресудил оти одлуката нема уставна заснованост и му предложил на Градот да ја измени истата. Сепак, поради недоволен број на гласови од судиите, ваквата пресуда не била правосилна.

„Во кратки црти – Уставниот суд увиде дека нема уставна заснованост таа одлука и произлезе со предлози до Градот Скопје да ја измени истата одлука во наредното усвојување. Како и секој друг предлог, тој најверојатно заврши некаде во фиоките на тогашната администрација без воопшто да биде земен предвид. Не постои закон кој го дозволува изземањето на студентите од приватните факултети во користење на било какви сервиси што другите студенти можат да ги користат“, појаснува Трајковски од Американ Колеџ.

Тој додава оти голем дел од неговите колеги – студенти како примарно средство за транспорт до факултет користат автомобили.

„Верувам дека ова драстично ќе се намали доколку на студентите им биде овозможен бесплатен градски превоз и дека ќе биде повеќе користен од нивна страна“, вели Трајковски.

Студентските лидери од приватните универзитети апелираат институциите да почнат да работат на подобрување на студентскиот стандард и да ги решаваат ваквите проблеми на студентите, за кои додаваат оти „не смеат да постојат во 21 век“. Во спротивно, најавуваат и поинакви начини на искажување на незадоволството.

„Јас се надевам дека нема да дојде до поведување на прекршочна постапка доколку не се испочитува рокот, туку дека Град Скопје разумно ќе постапи во овој момент и дека ќе се донесат официјалните измени и дополнувања. Од искуство на средбите со надлежните, сакам однапред да кажам дека не прифаќаме изговори од типот – корона криза, немаме пари, инфлација, блокирани сметки. И ние студентите немаме никакви примања додека вие си ги покачивте платите бесрамно. Така што, доколку во наредните 60 дена нема никаков официјален резултат како што би требало да има, ние студентите масовно ќе излеземе на протести и нема да застанеме тука“, вели Петрушевска, претседателка на УСС АУЕ-ФОН.

Ништо од најавениот бесплатен јавен превоз за сите скопјани

Слична битка водат и средношколците од приватните училишта. Тие своите барања ги испратија до Собранието, од каде бараат измени на Законот за средно образование со кој на сите ученици запишани во јавните и приватните средни училишта би им се овозможил бесплатен јавен превоз.

Инаку, во својата предизборна кампања како кандидат за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска во 2021 година на големо најавуваше дека во текот на својот мандат ќе воведе бесплатен јавен превоз за сите граѓани на Скопје. Нејзината кандидатура тогаш ја поддржа и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

На прашање при гостување во емисија на ТВ21 во октомври 2021 година, за тоа дали доколку Арсовска стане градоначалник, таа и советниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се обидат да дадат еднаков статус на сите студенти независно дали се од државен или приватен универзитет, лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски рече:

„Еден од проектите на Данела Арсовска е токму бесплатен јавен транспорт за Скопје така што самото тоа кажува дека ќе нема потреба бидејќи секој кој ќе го користи јавниот транспорт ќе има можност да го користи бесплатно“.

Засега нема никаква најава дека јавниот превоз во главниот град ќе стане бесплатен за сите граѓани, а изминативе месеци недоразбирањата меѓу градоначалничката Арсовска, ЈСП Скопје и приватните автобуски превозници ескалираа со блокади на улици и сообраќаен колапс, а подоцна и со хаотичен јавен превоз без автобусите на приватниците.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Скопски маратон 2024

Од денеска започнува пријавувањето за јубилејното 20 издание на Виз Ер Скопски Маратон

На 06.10.2024 со старт 08:00 часот, ќе се одржи 20. јубилејно издание на најпознатата и …