Нема силна Влада без силен СДСМ!

Нема силна Влада без силен СДСМ!

Пишува: Зоран Милошески                                   

Од формирањето на Владата во јуни 2017 година, прва после пауза од 11 години, се’ до денес, СДСМ не и’ се израдува на власта. Таа среќа ја немаше ни Заев за четирите и пол години премиерски стаж, ниту пак почетокот на мандатот на Ковачевски ветува нешто поразлично.

Иако водењето држава не е работа на среќа, туку на знаење, стручност, патриотизам и визија, сепак, дури и тука к’сметот игра одредена улога. Оти, не секоја власт стартува од иста позиција и не секоја работи во идентични „надворешни“ услови, врз кои нема никакво влијание.

Да се потсетиме на дел од предизвиците на владата на Заев: И’ требаа 6 месеци да се конституира; наследи огромни долгови, девастирани и партизирани институции, децениски проблеми чувани под тепих; соочување со грчкото вето, бугарските уцени и калкулантскиот „топло-ладно“ однос на ЕУ; двегодишна пандемија која одзеде над 9.000 животи, ја разниша економијата и „изеде“ огромни буџетски средства за здравствени и социјални мерки. Ковачевски, пак, за „добредојде“ го пречека инвазијата на Русија на Украина, до небо вивнатите цени на енергенсите и прехранбените производи.

Долг временски период изразен во години, се’ до пред само неколку месеци од денот на „абдицирање“ од премиерската функција, Заев длабоко веруваше дека граѓаните умеат да ја препознаат „големата слика“. Дека се свесни за неопходноста од носењето тешки и непопуларни одлуки, без кои сонот за НАТО и ЕУ ќе останеше само сон. Често знаеше да каже: „Другарче, паметен и мудар е нашиот народ. Гледа и трае, ама кога треба, ќе си го каже своето“.

По ова прашање, никогаш не го делев неговото мислење. Ниту сега.

Со сиот ризик кажаното да биде разбрано и ставено во една или друга конотација, немам никаква дилема кога велам дека Заев беше најпосветениот и најискрениот премиер во тридецениското опстојување на независната македонска држава. Што, пак, никако не значи дека беше безгрешен.

Фактот што дозволи во неговото најтесно, како владино, уште повеќе партиско опкружување, да се инфилтрираат медиокритети, ситни и малку покрупни профитери на кои тој им послужи како отскочна штица и параван за остварување на нивните лични интереси, е единствено и само негова грешка. Негова и на никој друг!

А гревот му е уште поголем оти, сите до еден, ги знаеше колку пари вредат и кој за колку пари може да си ја продаде душата на ѓаволот. И, многумина од нив, си ја продадоа и душата и кожичката. Ама, продавајќи се себеси, го продадоа и предадоа и него!

Неразумно големата толеранција кон докажаните и осведочени хохштаплери и лицемери, отсуството на решителност да ја стави во функција неколкупати најавуваната метла и да им даде шут-карта на неспособните и корумпираните функционери, го чинеше „глава“. Со поднесената неотповиклива двојна оставка, Заев ја плати личната цена. Ама ја плати, а ако не се случи чудо, допрва ќе ја плаќа и СДСМ.

Ковачевски е сосема поинаков тип на политичар од Заев. Уште пред да седне во двете испразнети фотелји, на промотивните средби со партиското членство ширум државата, тој недвосмислено најави дека нема намера да биде ниту нов Бранко, ниту пак втор Заев. За почеток, го направи она коешто требаше и мораше да го направи – ги остави настрана емоциите и драстично ја намали достапноста за секој бадијалџија кој наумил да прави селфи во еден, а често и во двата кабинета.

Но, тоа е само првиот чекор од патот кој треба да го изоди, без притоа да има право да подзастанува или да отстапува пред пречките и искушенијата со кои ќе се соочи. Следниот чекор кој јавноста со интерес го очекува а кој треба да се случи деновиве, е она погоре споменатото „чудо“- именувањето на првите луѓе на Општинските организации.

Реков „чудо“, оти досега, најчесто, изборот функционирал според некои други правила и принципи. Тоа овој пат, едноставно, не смее да случи, од причина што  важноста на моментот во кој се случува партиската реорганизација, е значајна како ретко кога.

На актуелната Влада очајнички и’ треба силен СДСМ. За силен СДСМ, неопходни се силни Општински организации. За силни Општински организации насушно потребни се способни локални лидери, кои треба да бидат темелот на кој ќе се гради силна партиска инфраструктура. Го нема ли него, веќе на првите избори кои ќе следат, некогаш моќната организација ќе се распадне како кула од карти.

Колку и да бидат добри и ефикасни, централното партиско раководство не смее да игра на картата дека владините мерки за ублажување на кризата, за давање „кислород“ и ветар во грб на осиромашените граѓани, по автоматизам ќе ги вратат стотината и кусур илјади изгубени изборни гласови. Уште помалку, пак, дека тоа ќе дојде како резултат на неспособноста и нефункционирањето на актуелните градоначалници на ДПМНЕ.

Тоа ни под разно нема да се случи. Изгубените социјалдемократски гласови може да ги врати само – СДСМ. Се’ друго се приказни за мали деца.

Токму затоа, во целата оваа постапка Ковачевски и Зечевиќ немаат право на грешка. Која, доколку се случи, за партијата ќе биде од катаклизмички размери.

ПС: Надежта секогаш последна умира, а чуда им се случуваат само на оние кои веруваат во нив. Браќата Срби би рекле „живи били, па видели“!

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …