учебник книга читање читател

Бирото реагира на пишувањата во дел од медиумите во однос на новите наставни програми

Бирото за развој на образованието (БРО) испрати информација до медиумите, во која дава појаснувања околу новите наставни програми согласно Концепцијата за основно образование. Повод за појаснувањето, како што велат, се „погрешни информации во врска со новите наставни програми наведени во медиумите“.

Оттаму информираат дека ако се погледнат наставните програми за второ одделение, во стандардите за оценување и понудените активности, најдиректно може да се препознаат трите водечки принципи на новата Концепција: принципот на родова сензитивност/рамноправност, принципот на инклузивност и принципот на интеркуркултурност, наведено е во информацијата за медиуми од надлежните во Бирото за развој на образованието (БРО). Во Бирото велат дека националните стандарди се состојат од знаења, вештини и ставови, односно вредности базирани на осум подрачја на клучни компетенции за доживотно учење кои учениците треба да ги стекнат до крајот на основното образование.

Мета.мк веќе пишуваше дека Бирото ги објави наставните програми за второ и за петто одделение, кои предвидуваат низа новини во учењето од 1 септември.

„Во процесот на образованието, секој наставен предмет во секое одделение, како и воннаставните активности во училиштето, учествува, согласно возраста на учениците и спецификите на наставниот предмет, во стекнување на тие компетенции. Во секоја наставна програма од конкретен предмет прецизно е наведено што ученикот/ученичката треба да научи по тој предмет во даденото одделение. Тоа се гледа преку резултатите од учење и стандардите за оценување наведени во наставната програма“, наведено е во соопштението на БРО.

Така на пример, велат оттаму, во однос на родовата сензитивност, во наставната програма по Општество за второ одделение (страна 6-10) наведен е следниот резултат од учење: „Ученикот/ученичката ќе развива свест за почитување на различности врз основа на пол, јазик и можности“, кој се очекува да биде постигнат преку конкретни стандарди за оценување (пр.: „Препознава ситуации на нееднакво постигнување со момчиња и девојчиња во училиште.“ и „Наведува примери за почитување и непочитување на разликите во различни контексти.“) и серија од понудени активности прилагодени на возраста на учениците, кои овозможуваат самите ученици да изведат заклучоци во врска со родовата рамноправност“, појаснуваат во соопштението.

Оттаму, потенцираат дека Министерството за образование и наука и Бирото апелираат до сите заинтересирани субјекти во врска со наставните програми, да побараат релевантни информации од стручните тимови на надлежните институции, наместо самите да толкуваат или пренесуваат статуси од социјалните мрежи.

„Една од носечките цели на новите наставни програми и наставните методи е да ги научат учениците од рана возраст критички да размислуваат кога примаат и обработуваат информации, наместо да веруваат во секоја информација која ќе ја слушнат, без оглед на тоа дали е добронамерно или злонамерно пласирана. На тој начин, основното образование ќе овозможи идните возрасни граѓани да бидат поотпорни на политички или друг вид манипулации“, додаваат оттаму.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …