Битиќи од бизнис форумот во Тревизо: Соработката на локално ниво ќе носи бенефит за двете земји

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во рамки на работната посета на Италија, чија цел е промоцијата на првата македонско-италијанска стопанска комора, „Апи Нордест“, денеска се обрати на бизнис форумот во Тревизо. Економската делегација од Република Северна Македонија беше пречекана од градоначалникот на Тревизо Марио Конти, кој едновремено го отвори Форумот.

Покрај вицепремиерот Битиќи, на Форумот свое излагање имаа и Џемаил Чупи, министер во Владата задолжен за дијаспора и Мунир Шемши, претседател на италијанско-македонската стопанска комора „Апи Нордест“.

Во оваа прилика вицепремиерот Битиќи порача дека локалните самоуправи и региони се клучот на развојот на сите држави и дека централната власт во соработка со локалната, креира механизми за поефикасно функционирање на пазарот, додека пак локалните власти се клучни актери кои го поддржуваат развојот на компаниите.

„Република Северна Македонија е фокусирана на рамномерен регионален развој на сите осум плански региони во државата, и тоа преку стимулативни мерки во сите области, особено на полето на инвестиции каде што инвестирањето во помалку развиените региони или општини значи поголема финансиска поддршка за компаниите, дури и до 60% повеќе отколку во најразвиениот регион“, истакна Битиќи.

Вицепремиерот посочи дека кризата во КОВИД периодот и воената агресија врз Украина ни покажаа колку многу зависиме едни од други, и дека кризата во одредена држава или регион носи последици за целиот свет. Тој истакна дека во вакви услови локалните самоуправи треба да соработуваат во однос на поврзување на компаниите од нивните региони и да креираат можности за дел од одредени процеси или продукти на развиените италијански компании да се донесат во Република Северна Македонија.

Вицепремиерот Битиќи во своето обраќање се осврна и на фактот што нашата земја нуди еден од најповолните пакети на поддршка за инвестиции во Југоисточна Европа, којшто е 100% хармонизиран со ЕУ директивите за државна помош.

Меѓу поволностите вицепремиерот Битиќи ги истакна поддршката на инвестиции во преработувачкиот сектор до ниво на 50% од вкупните инвестиции, можностите за ослободување на данок на доход и данок на добивка за период од 10 години, како и поддршката за нови вработувања со грантови до 4.400 евра по вработен.

„Мојот кабинет е постојано отворен за соработка и помош при процесот на инвестирање.  Длабоко сум уверен дека преку вакви иницијативи на локално ниво ќе ја продлабочиме нашата севкупна соработка”, подвлече Битиќи.

На форумот се обрати и министерот за дијаспора Чупи, кој потенцираше, „Знаејќи дека чувството на припадност кон својата татковина никогаш не замира и дека корените се длабоки и цврсти, наша основна цел е да се стремиме кон обединување на нашата дијаспора на секое поле и да ги искористите разликите како вредности кои ги учиме едни од други а не како средства за разделување и извор на тензии“.

Прочитајте повеќе

дизел

Дизелот поевтинува за 2 денарa

Од ноќеска на полноќ, дизел горивото на бензинските станици низ земјава ќе се продава поевтино …