Едно нешто мора да му се признае на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро – тој ѝ посветува големо внимание на дождовната шума. За толкав голем интерес заштитниците на природната средина во минатите години можеа само да сонуваат.

Болсонаро поентира и реторички во дебатата за Амазонија. Одбивањето на меѓународната помош за Амазонија со образложение – Европејците треба прво да се погрижат за своите шуми, е на место. Конечно, германската влада не без причина за во септември закажа самит на национално ниво посветен на состојбата на шумите.

Но тука доаѓа обвинувањето за колонијализам: кога претседателот на Бразил, поранешна колонија на Португалија, го употребува терминот, може да биде сигурен во симпатиите на своите сонародници. Сеедно дали францускиот претседател Емануел Макрон лично поседува „колонијалистички менталитет“, за што Болсонаро го обвинува, или не – колонијализмот е дел од историјата на Франција.

Воената диктатура како модел

Но внимавајте! Одврзаниот јазик на бразилскиот претседател не служи за заштита на Амазонија, туку напротив, тој го оправдува натамошното уништување и всушност е чист лицемер.

Зашто, самонаречениот критичар на колонијализмот од своето стапување на функцијата самиот демонстрира „колонијалистички менталитет“. Тоа претставува копирање на ерата на бразилската воена диктатура (1964  до 1985 година). Во тој период, под слоганот „Амазонија ни припаѓа нам“, генералите вршеа освојување обработлива почва преку уништување на дождовната шума, територија која била слабо населена, и обезбедување на надворешната граница против наводната странска инвазија.

Историјата со индогените народи

Ситните земјоделци од југот на Бразил, меѓу нив и многу германски доселеници, биле намамувани во прашумата со ветување за бесплатно добивање земја. Бразилските староседелци биле ставени под туторство на владата и требало да бидат „асимилирани“.

Токму на тоа се надоврзува Болсонаро. Поранешниот висок офицер е јавно деклариран симпатизер на воената диктатура. Во својот „колонијалистички менталитет“, тој староседелците ги смета за „луѓе како нас“, кои со помош на мисионери, претприемачи, војската и други моќни општествени групи, треба да бидат „цивилизирани“.

Според сфаќањето на Болсонаро, и индогените жители треба да смеат да одгледуваат соја, да чуваат стока и да бараат злато – и во националните заштитени подрачја или резерватите. Многумина веќе го прават тоа, зашто крајно во Бразил не постои законско ограничување за избор на професијата на индогените.

Но, Болсонаро сака и повеќе: тој сака да им „помогне“ на индогените жители, нивните области, кои според законот припаѓаат на бразилската федерација и се неотуѓиви, да бидат отворени за инвеститори. Исто како во времето на колонијализмот, ова за последица може да има индогените жители самите најмалку да профитираат од богатствата на нивните територии, а кајмакот да го собираат други.

Протест на гувернерите

Но за истакнување е што токму гувернерите на девет федерални држави во регионот на Амазон противречат на откажувањето на Болсонаро од меѓународна  помош. За разлика од бразилскиот претседател, тие се радуваат на секое евро кое меѓународната заедница го инвестира во дождовните шуми.

Со оглед на институционалната ослабеност на бразилската еколошка служба, за гувернерот на Амазонија Вилсон Миранда Лима е непобитно: „Амазонскиот фонд е фундаментален, ние не можеме да се откажеме од овие средства“, изјави тој неодамна во интервју во бразилскиот весник „Фолја де Сао Паоло“.

Од Фондот за Амазонија, основан од Германија и Норвешка, меѓу другото се финансираат земјоделски кооперации, помошта за заштитените области и проекти за еколошки туризам. Преку него се создаваат работни места за локалното население, без сечење на шумата.

Болсонаро тврди дека прави токму тоа – обезбедување работни места за околу 20 милиони жители на Амазонија, а всушност секојдневно го торпедира тоа. Тука не помагаат никакви обвинувања за колонијализам – политиката на Болсонаро е врв на лицемерие.

Извор: DW