Лидерите на 44 европски земји денеска во Прага ќе испратат јасен сигнал за изолација на Русија и ќе се обидат да создадат нов поредок без Москва, изјави шефот за надворешна политика на Европската унија Жозеп Борел. „Средбата бара нов поредок без Русија“, изјави тој за новинарите во Прага. Инаку, главна цел на Европската политичка заедница, е да се спроведе политичка дискусија за стратешки прашања од заеднички интерес за европскиот континент, велат од ЕУ, додавајќи дека меѓу главните теми ќе бидат војната во Украина, енергетската криза и економската ситуација во Европа.
Европската политичка заедница, идејата на францускиот претседател Емануел Макрон, треба да обезбеди платформа за политички дијалог и соработка со земјите кои сакаат да влезат во ЕУ и земјите кои немаат такви аспирации, но ги споделуваат демократските вредности на ЕУ. Македонската делегација на состанокот во Прага ја предводи премиерот Димитар Ковачевски. За време на посетата на премиерот Ковачевски заедно со премиерот на Украина Денис Шмихал, ќе присуствува на потпишувањето на договори помеѓу Република Македонија и Украина поврзани со слободната трговија и обезбедувањето храна.
Извор: Радио Слободна Европа