Буџетот скратен, директорот спастрен: По половина век постоење, МКЦ Скопје е на колена

Помалку од еден месец откако Младинскиот културен центар во Скопје (МКЦ) одбележа половина век од своето основање, култната институција посветена исклучиво на младите се соочува со најтешкиот период во богатата историја. За време на мандатот на градоначалничката Данела Арсовска, во МКЦ има драстично намален буџет, смени на директори, протести, заклучени врати и многу нејаснотии.

Поранешниот директор, а сега раководител на драмската програма во МКЦ, Русе Арсов, за Мета.мк вели дека со предвидениот буџет од Град Скопје, годинава може да се реализираат два до три дена од меѓународниот фестивал Млад отворен театар. И ништо повеќе.

„Толку се парите“, вели Арсов додавајќи дека Советот на Град Скопје кога носи буџет ги распределува средствата кои се наменети за култура и културните институции, кои се седум или осум на број. Како што посочува Арсов, буџетот за 2023 година е скратен за сите јавни установи од областа на културата кои ги поддржува Град Скопје, но за МКЦ кратењето е најрадикално.

„Ако земеме во просек во последните 10 години дека сме имале од 23 до 27 милиони денари буџет, оваа година имаме буџет од 4,5 милиони од кои 2,5 се за кино Милениум. Тоа во пари за програма би рекол дека е како да имаме 2-3 дена МОТ фестивал од 365 дена работа“, рече Арсов.

До објавата на овој напис, од Град Скопје не одговорија на прашањето зошто е скратен буџетот за 2023 година за МКЦ.

На веб-страницата на Градот може да се види усвоениот буџет за оваа година, односно колку е планирано да се потроши во текот на целата година од страна на градот. Парите наменети за МКЦ се вкалкулирани во програмата „Културни манифестации и творештво“, категорија „Субвенции и трансфери“, ставка „Разни трансфери“. Во оваа ставка се пресметани средствата кои Градот планира да ги одвои за сите културни институции и манифестации. Но, не е објавено за која од овие институции колку пари се планирани. Односно, нема официјален податок колку пари се предвидени за МКЦ, а колку за другите јавни установи од областа на културата кои ги поддржува градот, како што се на пример ЈУ Библиотека „Браќа Миладиновци“ или ЈУ Културно информативен центар.

Грубата споредба покажува дека годинава средствата за оваа ставка (за сите јавни установи) се намалени за повеќе од 11 милиони денари, односно од 38,8 на 27,7 милиони денари или нешто под 30 отсто во споредба со лани.

Советникот во Град Скопје од „Зелен Хуман Град“, Горјан Јовановски, вели дека тие поднеле амандман на буџетот со кој барале за МКЦ да се издвојат вкупно 24 милиони денари, но го повлекле бидејќи немале поддршка.

Како што објаснува тој, на расправата за буџетот разговарале со другите советници и побарале поддшрка, но ниту Левица, ниту ВМРО-ДПМНЕ не биле расположени да го прифатат амандманот.

„Без тие групи, и сите други да ги убедевме советници, ќе немаше мнозинство“, вели Јовановски за Мета.мк. „Затоа го повлековме за да ревидираме од други ставки и повторно да го поднесеме на ребалансот“, додава тој.

Инаку, за волја на вистината, МКЦ Скопје се финансира од буџетот на Градот, но и преку Министерството за култура, како и преку сопствени средства, спонзорства и донации.

Нон-стоп вршители на должност

Покрај кратењето на буџетот од Град Скопје, во МКЦ се одвива и повеќегодишна битка за директорското место. Русе Арсов си поднесе оставка „од здравствени причини“ во декември 2021 година, откако повеќе од 3 и пол години беше в.д. директор.

Додека тој беше директор, а градоначалник беше Петре Шилегов, поточно во јули 2019 година, имаше обид за избор на нов директор на МКЦ. Тогаш, културните работници преку отворено писмо побараа музичарот Арбен Шаќири да не биде поставен за директор. По притисоците во јавноста, конкурсот за нов директор беше поништен.

Во меѓувреме, навидум се сменија многу работи. Се одржаа локални избори на кои во Скопје победи Данела Арсовска, а изгуби Петре Шилегов. Изборите за градоначалник ги изгуби и Арбен Шаќири кој исто така се кандидираше, но во вториот круг ја поддржа Арсовска. Во МКЦ, пак, на местото на Арсов, како в.д. директор (без конкурс) беше поставен Ванчо Богоев.

Богоев беше на чело на оваа институција и кога прослави 50 години постоење пред помалку од еден месец, па сè до пред неколку дена кога не му беше продолжен договорот за вршител на должност директор на Младинскиот културен центар.

Иако сега веќе екс директорот Богоев не беше достапен за коментар во однос на случувањата, во интервју за друг медиум тој вели дека не добил никакво образложение, само му било врачено решението за престанок на мандатот.

„Бев викнат на разговор и состанок, потем тоа прерасна во жестока неколкучасовна дискусија во која ми беше вршен директен притисок“, вели Богоев. Како што објави МКЦ на последниот ден кога директор беше Богоев, тој бил „сменет од својата позиција поради неподлегнување на екстремните притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири“.

Од друга страна, Арбен Шаќири, во јавноста попознат како Бени Шаќири, за Мета.мк вели дека нема коментар за ваквите тврдења, додавајќи оти некој сака да му го валка името.

На чело на МКЦ како вршител на должноста директор сега е поставен Никола Алексов, за кого од МКЦ велат дека нема никакво искуство во областа на културата.

„Бараме да се отвори фер конкурс на кој ќе можат културните работници кои се професионалци и кои се од браншата чесно да се пријават, а потоа кого сакаат нека изберат. Сè ќе биде ок ако има конкурс“, вели Арсов.

Клуч на врата

До објавувањето на овој напис, од Град Скопје не одговорија на прашањето која е причината за смената на директорот. Од таму не одговорија и на прашањето зошто е назначен токму Никола Алексов кој по професија е детектив и според кои критериуми е избран. Исто така, и Никола Алексов не беше достапен за коментар. Според вработените во МКЦ, тој веќе ги променил бравите на архивата и сметководството во институцијата.

Претседателката на Управниот одбор на МКЦ, Јелена Жугиќ, за Мета.мк изјави дека во координација со останатите членови на УО МКЦ, се договорени да почекаат новоназначениот в.д. директор наскоро да ги повика на состонок. Но, ако тоа не се случи, таа ќе свика состанок затоа што, како што рече, „сепак е ова некоја вонредна состојба“.

Во меѓувреме, стивна и музиката од протестот „Сите за МКЦ“, кој во неделата се одржа на платото пред МКЦ и каде присуствуваа стотици граѓани, главно млади. Енергичните настапи на S.A.M, Cut Your Nipple, Lufthansa, Дина Јашари, Новиот Почеток, Shock Troopers, Yöu, Хајка, Dope Kukjata беа навистина гласни и предизвикаа реакции во јавноста. Но, Градот Скопје и понатаму молчи.

Од таа причина, неформалното здружение на музичари, уметници, активисти, филмски и културни работници „Сите за МКЦ“ иницира и петиција „Да го зачуваме МКЦ“ преку која бара да се врати буџетот на МКЦ на истото ниво „на кое до сега бил финансиран со години наназад и да се спроведе фер и коректен конкурс за избор на директор“.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Граѓани, институции, градоначалници од земјава праќаат помош за настраданите во Турција и Сирија

Додека Светската здравствена организација прогнозира дека дури 23 милиони луѓе може да бидат погодени од …