За неодговорна држава и забрзаното уништување на природата за да се фати последниот воз пред скринингот на ЕУ, за тоа колку профитот е поважен од екологијата и за погрешните стратегии кои Македонија ја враќаат во 19. век, „Мета“ зборуваше со Александра Бујаровска од еколошкото здружение „Фронт 21/42“, експерт за криминално право од областа на животната средина.
Последниов месец гори трска крај Охридското Езеро, државата се прогласува за ненадлежна и замижува пред безмилосното уништување на ова светско природно наследство со брутална урбанизација…
– И во овој случај на виделина излегува манипулативниот однос на власта во однос на горливите проблеми од областа на животната средина. Препораката на контролната мисија на УНЕСКО беше јасна –мораториум на сите градби покрај Охридското Езеро, а Министерство за транспорт и врски ја „исфилува“ во нешто што го нарече „контролиран урбан развој“! Наместо да се почитуват препораките, засилено се легализираат дивоградбите, и по 50 на една седница на Советите на Охрид и Струга! Ставот на Инспекторатот за животна средина е дека нема ингеренции! Вие не можете ниту дрво да исечете во својот двор без соодветна дозвола, а тука се работи за ем заштитено подрачје ем крајбрежна линија, се знае дека трската е со закон заштитена и немаат ингеренции да постапат. Се разбира дека имаат, се знае колкав е појасот на заштита на природата и согласно Законот за заштита на природата Инспекторатот има обврска да постапи.
Истиот случај се повторува и со Матка или пак со Водно каде се вадат на недонесен закон иако се знае дека до донесувањето на законите за нивна заштита важи заштитниот статус во склад со старите закони и постојниот Просторен план.
– Мислам дека проблемот се појавува кога Инспекторатот за животна средина треба да постапи во однос на урбанистичка градба, каде треба да ги усогласи своите постапки со Државниот градежен инспекторат. Првиот треба да констатира дека на таа локација не треба да се гради, а вториот да донесе решение за уривање на објектот. Истото се однесува и на локално ниво. Излегува дека државата во последно време за ништо не е надлежна.
Имаме нефукционален државен систем кој охрабрува еколошки криминал и аерозагадување за кое не е виновна индустријата туку самите граѓани, како што не уверуваат Макрадули и Шилегов.
– Тоа е манипулирање на јавноста. Секако дека големите индустриски инсталации се загадувачи, затоа и подлежат на интегрирана еколошка дозвола која подразбира намалување на товарот кој тие го ставаат врз загадувањето на воздухот, водите, почвата, на користењето на ресурси, на генерирањето на отпад. Да се каже дека една фабрика не загадува би значело дека таа има нула емисии на штетни гасови во воздухот, нула емисии на отпадни води, максимална енергетска ефикасност и нула отпад, што не постои денес ниту во ЕУ, а не пак во Македонија! Македонската индустрија се уште не е усогласена со старите стандарди на ЕУ, нешто што требаше да го завршиме во април 2014, а не пак со новите, кои се уште построги бидејќи и технологијата напреднала. Но, прашањето на кривични дела од областа на заштитата на животната средина е сериозно недоработено во Македонија. Најголем број на кривични пријави кои се однесуваат на еколошки криминалитет се однесуваат на помор на риби или илегален лов и риболова за загадување на воздухот бројот е занемарлив. Не е јасно дали станува збор за непознавање на материјата од страна на ЈО, на МВР или пак Инспекторатот не си ја работи работата но со тоа државата праќа серозна порака дека делата поврзани со загадување на воздухот, работа без дозвола, опасен отпад и слично не се санкционираат.
Во Македонија владее конфузија за тоа каков развој на државата посакуваме – сакаме развој на туризам базиран на искористувањето на природните ресурси и убавини, но и развој на тешка индустрија, која ќе троши многу енергија и ресурси, ќе загадува вода, воздух, почва.
– Ние имаме стратегија за градење рудници и загадувачка индустрија во која е вработена евтина работна сила, со јаглен како главен енергенс, па испаѓа дека некој во 21 век ја гледа Македонија во 19 век! Македонија денес се „продава“ како бизнис-дестинација за рудници и депонии! Еден спротивен, позитивен пример е Естонија – тие заклучиле дека за нив најдобро е да инвестираат во компјутерска индустрија, успеаја да создадат вистинско е-општество и од тоа прават пари. Е, ама во таа индустрија нивото на корупција е неспоредливо помало од она кај рудниците, валканата индустрија, кај концесиите за мали хидроцентрали…
Гасовод преку Водно, платформи во Матка, бетонирање на Охридско крајбежје, дивоградби и сето ова како да се интензивира последниве месеци.
– …И издавање на концесии за мали хидроцентрали во заштитено подрачје. И покрај изричните ветувањата што беа дадени од Министерството дека нема да го прават тоа, годинава се издадени 13! Во „емералд“ подрачја, кои имаме обврска како држава да ги заштитиме по неколку основи! Со одложување на почетокот на преговорите со ЕУ постојано се померува границата до каде ќе оди уништувањето. Мислам дека сега се случува токму тоа – забрзано отворање на нови инфраструктурни и други градежни проекти во идните заштитени подрачја за да се фати последниот воз, пред да почне процесот на скрининг летово. И секаде се гледа интенцијата за поголема деструкција одошто суспензија – Охрид, Маврово, Шар Планина, уништувањето на Водно, аерозагадувањето.