CEE Bankwatch Network и „Еко свест“: Само во Новаци шестмина умираат предвреме како последица од РЕК Битола

Комплексот РЕК Битола е еден од најголемите загадувачи во Европа, а термоелектраната предизвикува до шест предвремени смртни случаи само во општината Новаци, открива новата анализа изработена од CEE Bankwatch Network. Во документот „Загадување на воздухот и поврзани здравствени последици во Новаци, Северна Македонија“ подготвена од CEE Bankwatch Network во соработка со „Еко-свест“ уште еднаш се потврдуваат претходните наоди дека РЕК Битола, како еден од најголемите загадувачи во Југоисточна Европа, е главниот причинител за надминување на граничните вредности за загадување на воздухот во Новаци и околината.

Според анализата, направена целосно според независни мерења извршени од Bankwatch, надминувањата на ПМ10 и ПМ2.5 честичките се главно во зимските месеци и потекнуваат од насоката на електраната, рудникот за јаглен и депонијата за пепел. Надминувањата пак на вредностите на сулфур диоксид доминантно потекнуваат од насоката на оџаците на електраната, кои испуштаат неколку пати повеќе гасови од дозволеното.

„Собраните измерени податоци ги споредивме со законските граници, но и со тие препорачани од Светската здравствена организација како оптимални за заштита на здравјето. Резултатите покажаа дека скоро и да нема ден во Новаци во кој концентрацијата на некој загадувач не е над нездравите вредности“, вели Давор Пехчевски, еден од авторите на студијата.

Ваквата концентрација на загадувачи предизвикува сериозни здравствени последици. Само ПМ2.5 честичките во Новаци предизвикуваат до шест смртни случаи годишно, или пренесено на популација од 100.000, тоа би биле 152 предвремени смртни случаи. Тоа е 50 отсто поголема смртност од аерозагадување отколку во Тузла, друго место со високозагадувачка електрана на јаглен.

Според заклучоците од анализата, во периодот во кој се следени параметрите на воздухот во Новаци, законската дневна гранична вредност на ПM10 била надмината во 10 дена за време на набљудуваниот период, а препорачаната дневна гранична вредност од СЗО била надмината во 13 дена. Највисокиот забележан дневен просек бил 111 µg/m3, или повеќе од два пати над законската граница.

Што се однесува до просечната концентрација на ПМ2.5, во текот на целиот набљудуван период била повеќе од три пати повисока од препорачаната од СЗО за цела година. Законодавството нема заведена дневна законска граница, но границата препорачана од СЗО беше надмината во 91 од набљудуваните денови, додека максимален број на дозволени надминувања е три. Честичките ПМ2.5 кај нас имаат само годишна гранична вредност од 25 µg/m3, меѓутоа, СЗО препорачува годишна граница од 5 µg/m3 и дневна граница од 15 µg/m3, која не смее да се надмине повеќе од три пати во годината. Највисоката регистрирана концентрација во Новаци во 2021 година била 107 µg/m3, или повеќе од седум пати повисока од препорачаната.

Загадувањето со SO2, пак, анализирано во документот, во текот на осум месеци е констатирано дека ја надминало законската часовна гранична вредност 41 пат и дневната гранична вредност 52 пати. Препорачаната гранична вредност од СЗО е надмината во 126 од 243 вкупно набљудувани денови, што значи дека повеќе од половина од деновите жителите имале воздух што е повеќе загаден од препорачаната граница за заштита на здравјето.

И покрај ваквата ситуација, граѓанските активисти се незадоволни што властите и АД ЕСМ и понатаму не преземаат сериозни активности за намалување на загадувањето од РЕК Битола и за заштита на здравјето на жителите од Битолскиот Регион, но и во целата земја.

„Плановите за продолжување на работниот век на ТЕЦ Битола по 2030 година преку отворањето на рудникот Живојно значат и дека битолчани ќе треба да го жртвуваат своето здравје за термоелектраната која работи нелегално и без еколошка дозвола. Ситуацијата во која се ставени битолчани покажува крајна негрижа за човековото здравје“, потенцираше Невена Смилевска од „Еко-свест“.

Документот нуди и повеќе препораки до различни институции, а најмногу до Министерството за животна средина, локалните власти и до компанијата АД ЕСМ. Главното барање на еколошките организации е издавање интегрирана еколошка дозвола на енергетскиот капацитет, како и поставување на нова мониторинг станица спроти РЕК Битола во најблиската населба.

Екологистите бараат и итна енергетска транзиција и исфрлање на јагленот како што е утврдено во Стратегијата за енергетика, како и праведна транзиција за локалните заедници.

Од државното претпријатие за електрична енергија АД ЕСМ се бара итна реконструкција на електростатични филтри, мониторинг на фугитивните емисии од депонијата за пепел и од рудникот и јавност на резултатите, инсталирање опрема за контрола на загадувањето, како прскачи со вода во рудникот и депонијата за јаловина, проширување на зелениот појас околу целиот комплекс и друго.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …