Здруженијата на граѓани и фондации во земјава не ја добиваат потребната финансиска поддршка од општинските буџети, се констатира во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, насловено „Трошки за здруженија на граѓаните во општинските буџети“.
Истражувањето посочува дека во просек, општините во 2022 година им доделиле за здруженијата на граѓани само 0,1 % од своите буџети.
Меѓудругото во извештајот се открива дека општините преку буџетската ставка 463 – наречена „Трансфери до невладини организации“ во 2022 година доделиле 6,6 милиони евра. Притоа, над 90 % од парите се доделени на спортските клубови, кои се миленици на локалните власти и во одредени општини добивале и по еден милион евра годишно.
Од Центарот за граѓански комуникациии посочуваат дека вредноста на доделените средства за здруженија на граѓани од општините во 2022 година изнесува скромни 75 илјади денари, а за спортските клубови шест ипол пати повеќе односно просечно по 488 илјади денари.
Најголем дел од парите што се доделени за НВО се за проекти од областа на социјалната заштита, по што следат проекти од областа од културата и на животната средина.
Според истражувањето, дека речиси и да нема проекти од областа на доброто владеење, со што се оневозможува здруженијата на граѓани да дадат придонес во борбата против корупцијата и кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти.
Од ЦКГ појаснуваат дека јавните повици за доделување финансиска поддршка за НВО се објавуваат на веб-страниците на општините, но забележуваат дека во нив, најчесто, не се наведени целите на повикот, висината на средствата, ниту критериумите за избор на предлог-проектите. Оттаму им забележуваат на општините дека во поголем дел не ги објавуваат јавно имињата на организациите кои добиле буџетска поддршка, ниту износот на доделените средства и нивната намена. Воедно не се бараат од примателите на средствата ниту да доставуваат извештаи за реализацијата на проектите.
Од ЦКГ заклучуваат дека со овој пристап општините не овозожуваат транспарентен и фер пристап до средствата, како и увид во начинот на кои тие се трошат – со што се отвора простор за злоупотреби и корупција.
Извор: РСЕ