Чаир, Бутел и Шуто Оризари немаат станица што ќе го мери квалитетот на воздухот

Чаир, Бутел и Шуто Оризари немаат станица што ќе го мери квалитетот на воздухот

Општините Чаир, Бутел и Шуто Оризари, кои го сочинуваат целиот северен дел на главниот град, немаат ниту една мониторинг станица што ќе го мери квалитетот на воздухот на овие локации. Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ), управуван од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање се состои од 18 фиксни мониторинг станици низ земјава. 

Министерството за животна средина и просторно планирање ги надгради постојните мерни станици во Скопје, па така изминатава есен на пет локации – Центар, Карпош, Лисиче, Гази Баба и Ректорат се мери квалитетот на воздухот, не само за ПМ-10 честичките, азот двооксидот и јаглерод моноксидот, туку и за најопасниот загадувач на воздухот ПМ 2.5 честичките.

Мерењето на квалитетот на воздухот изминатава есен беше предмет на анализа на Мета.мк, при што утврдивме дека мерната станица во Лисиче покажува највисоки концентрации на ПМ-2.5 и ПМ-10 честички во воздухот, и тоа многу повеќе денови се надминуваат максимално дозволените гранични вредности во споредба со мерните станици, на пример во Карпош и Центар.

Поттикнати од ваквите разлики во мерењата, до Министерството за животна средина и просторно планирање доставивме прашалник за тоа дали и кога ќе се постават мерни станици на една или неколку локации во Бутел, Чаир и Шуто Оризари.

Целта на државниот мониторинг систем е да се следи квалитетот на воздухот во различни репрезентативни области, односно да има станици од различен тип (станица која го мери загадувањето од индустријата, станица која го мери загадувањето од сообраќајот и урбанa позадинска станица) во секоја зона и агломерација.

Од министерството велат дека во рамките на ДАМСКАВ од 2018 година во функција е и една мобилна станица, која има за цел да се поставува во општини кои не се опфатени со фиксните мониторинг станици за квалитет на воздух во период од една година и за неа е изработен пет годишен план за поставување на истата.

„Мобилната станица од март 2018 година до јуни 2019 година, беше поставена во Општина Бутел, поточно во дворот на ОУ Живко Брајковски. Поставеноста на станицата беше таква за да се регистрира уделот на загадувањето кое доаѓа претежно од согорувањето на горива за затоплување на административните згради и приватни живеалишта во зимскиот период од годината како и помал удел кое доаѓа од загадувањето од сообраќајот. Со тоа се доби слика и за квалитетот на воздухот во делот од градот Скопје кое вие го посочувате“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Моментално Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух е во согласност со пропишаните критериуми за минимален број на мониторинг станици за различни параметри во дефинираните зони/агломерација за управување со квалитет на воздух (две зони Источна и Западна и една агломерација Скопски регион).

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека цената на една мониторинг станица со инструменти за мерење на концентрации на повеќе различни загадувачки супстанци изнесува околу 150.000 евра, но во согласност со законите, локална мрежа на мерни станици можат да поставуваат и скопските општини и Градот Скопје, а не само нивното министерство.

Инаку, во Скопје има пет фиксни и една мобилна мерна станица, која што во моментов е поставена во Ѓорче Петров. Веќе подолг период наназад, еколошките активисти бараат зголемување на мрежата на станици што го мерат квалитетот на воздухот низ целиот град, како би можело граѓаните подетално да бидат запознаени каков воздух дишат во текот на денот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

пожари стрништа ниви

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Од обвинителството за Мета.мк брифираат дека во државата нема регистар на шуми и обвинителството тешко може …