Честитка од претседателот Пендаровски по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

Честитка од претседателот Пендаровски по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.

Почитувани граѓани,

Денеска, на 24 мај, ние во Република Северна Македонија, заедно со другите народи од словенското говорно подрачје, го празнуваме делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Св. Кирил вели дека „без книга сите народи се голи“ и подложни на асимилација и исчезнување. Создавајќи ја првата пишана словенска азбука – глаголицата и преведувајќи го Светото писмо и другите црковни и световни текстови на старословенски јазик, светите браќа отворија нови просветни, духовни и културни видици за словенските народи во Европа. Со тоа Св. Кирил и Методиј на словенските народи им го дадоа клучот за самоидентификација и самоопределување низ вековите. Бранејќи го фундаменталното право на словенските народи на свој јазик и писменост, Св. Кирил и Методиј се изборија и за достоинството на различноста како суштинска европска вредност.

Македонскиот јазик, како и секој друг словенски јазик, е гранка од стеблото засадено од Св. Кирил и Методиј и нивните ученици, меѓу кои и Св. Климент и Св. Наум Охридски. Какви плодови ќе береме зависи од тоа колку ќе вложуваме во нашата македонска гранка од словенското јазично стебло. Тоа е наша должност кон претходните и идните генерации но и наш придонес кон европскиот културен, образовен и цивилизациски простор.

Нека ни е за многу години 24 мај – Денот на сесловенските просветители!

Прочитајте повеќе

Камери Безбеден град

„Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира од февруари идната година

Системот за санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира од февруари …