Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, годинава, се одбележува 2 Август- Денот на Републиката, Илинден. Во таа чест, делегации на Владата, Собранието и на Претседателот на Република Северна Македонија ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености.
И оваа година, граѓаните на Република Северна Македонија го слават националниот празник почитувајќи ги заедничките, интеркултурни вредности, меѓусебно почитувајќи се, празнувајќи гордо, достоинствено и обединето.
По повод чествувањето на денот, кога славиме 120 години од започнувањето на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и Денот кога пред 79 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на нашата државност, ќе се одржат низа свечености во организација, но и со учество на државниот врв.
На 1 август во 20:30 часот во Крушево, традиционално, во организација на НКС „Десет дена Крушевска Република“ се отвора истоимената манифестација која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево, пред нашите граѓани. На отворањето на НКС „Десет дена Крушевска Република“ ќе присуствува и ќе се обрати и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
Делегации на Владата учествуваат на сите настани опфатени со државната програма за одбележување на државниот празник 2 Август – Денот на Републиката, Илинден.
Одбележувањето на Денот на Републиката, Илинден на 2 Август ќе започне со настаните во Скопје, каде на свечена манифестација на Тврдината Кале во Скопје ќе се обрати претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, а високи владини делегации ќе положат цвеќе на повеќе локации во градот.
По обраќањето на премиерот на свеченоста, следува културно уметничка програма.
Премиерот Ковачевски, ја предводи владината делегација во чиј состав се првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи, министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, предводејќи висока државна делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.
Во состав на владината делегација на чествувањето на државниот празник 2 Август – Денот на Републиката, Илинден во Крушево се министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Владината делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република, со почеток во 9:00 часот.