Чии ставови промовира Оливер Вархеји

Чии ставови промовира Оливер Вархеји

Веќе се создаде еден впечаток во македонската јавност дека на Вархеји како аѓутант за врска со Брисел не може премногу да му се верува. Дека средбите со него се неопходни, но во нив нема искреност.

Пишува Љупчо Поповски

Два дена изгледаше како да е тоа средба на Џо Бајден со Владимир Путин. Во некоја рака беше разбирлив интересот поради неочекуваната сличност во изјавите на шефот на државата и лидерот на опозицијата околу судскиот процес и пресудите за 27 април. И во тоа немаше ништо што не е журналистички, или политички. Но со претворањето во спектакл на средбата на Стево Пендаровски и Христијан Мицкоски се отиде неколку чекори подалеку – како од овој разговор да зависи иднината на Македонија. Резултатот е сурова политика: Пендаровски драстично ги амортизира претходните контроверзни ставови изнесени во едно интервју, во кои дури си дозволи да ја оценува висината на затворските пресуди, а Мицкоски (преку „државнички“ потег, како што го славеа неговите портпароли) да најде некаков елегантен чекор да се обиде да ги избрише своите изјави дека шефот на државата бил „слуга“ на „стопанот“ Заев и да го одмрзне она што беше замрзнато. На крајот, оваа врева им помогна најмногу на нив двајца. Тоа е македонската политика. Ќе се повлечеш кога ќе стане неподносливо.

Еден друг „спектакл“ беше поважен овие неколку денови. Оној што го приреди европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји. И неговите изјави дека е можно Албанија да добие дозвола, а Македонија уште една блокада на патот кон ЕУ. Одамна е јасно дека Унгарецот Вархеји е далеку од калибарот на неговиот претходник Јоханес Хан, а ниту на Оли Рен, па и Штефан Филе. Оние што паметат подолго (без да гледаат во интернет архивите) не ќе можат да се сетат на изјави на неговите претходници кои ја демотивираат европската агенда на Македонија. Па дури и во ситуации кога требаше да го кажат познатиот став дека без договор за името со Грција е комплицирано да се оди напред. Тие тоа го правеа на умешен начин да не се повреди домаќинот.

Вархеји тоа го прави на суров начин. Дури и кога дојде во Скопје да ја испорача скромната доза на европските вакцини тој рече дека доколку Македонија и Бугарија не најдат заеднички јазик за историските барања за Софија ќе се разгледува опцијата за одвојување на двете земји. Тоа го кажа подоцна и во разговор за Еуроњуз, а неколку месеци порано велеше дека Македонија треба да покаже повеќе разбирање за барањата на Бугарија за да може да оди напред.

Веќе се создаде еден впечаток во македонската јавност дека на Оливер Вархеји како аѓутант за врска со Брисел (откако шефот на европската дипломатија Жозеп Борел покажува зачудувачки мала заинтересираност за регионот) не може премногу да му се верува. Дека средбите со него се неопходни, но дека искреноста и непосредноста на средбите на македонските раководители со него е фрлена настрана. Дека овие контакти се одвиваат на некакво неопходно подносливо ниво. Тоа е впечатокот, но прашање е дали е тоа целата вистина.

Неколку толкувања

Има неколку толкувања зошто изгледа дека Вархеји навидум има повеќе разбирање за бугарските ставови отколку за македонските позиции. Првата и основна е што тој е дел од Европската комисија која како заедничко тело има многу помала тежина од онаа претходната што ја предводеше Жан-Клод Јункер. Тоа им е совршено јасно и на новинарите и на политичарите во ЕУ. Но земјите членки ја избраа Урсула фон дер Лајен за претседателка, а Оливер Вархеји за комесар за проширување, а тоа беше резултат на комплицирани пазарења. Веројатно се сеќавате како реагираше Јункер кога Емануел Макрон го блокираше отворањето на преговорите со Македонија, барајќи реформа на процесот за пристапување. И како едно од објаснувањата на Макрон беше дека Македонија и Албанија (далеку послаба во критериумите) не смеат да се разделат за да не се вознемири албанската популација во регионот. Македонија и Заев беа не регионални туку европски ѕвезди по Преспанскиот договор и дека ЕУ има морална обврска тоа да го награди затоа што беше остварено она што го бараше. Па, сепак, Макрон објаснуваше дека поради заостанувањето на Албанија, Македонија не може да оди напред.

Две горчливи апчиња има испиено македонското општество – она во Букурешт 2008 и ова француското. Само што она што го постави на масата Макрон заедно со шампањско беше целосно неочекувано и длабоко неправедно. И оттогаш Македонија почна уште еднаш, по кој знае кој пат, да се врти во маѓепсаниот круг. Во Европската комисија сега нема луѓе кои се чувствуваат како некаков вид должници кон Македонија по склучувањето на Преспанската спогодба и договорот со Бугарија. Јоханес Хан е член и на оваа Комисија, само што е комесар за буџет и речиси нема никакви допирни точки со регионот.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

Матурантите се исплашени оти испити ќе полагаат во холови, нема да има препишување

Матурантите се исплашени оти испити ќе полагаат во холови, нема да има препишување

Интерес за подготвителни часови покажуваат оние ученици кои сакаат да се запишат на државните факултети, …