Матурантите се исплашени оти испити ќе полагаат во холови, нема да има препишување

Матурантите се исплашени оти испити ќе полагаат во холови, нема да има препишување

Интерес за подготвителни часови покажуваат оние ученици кои сакаат да се запишат на државните факултети, за разлика од оние кои планираат да се запишат на приватен универзитет, бидејќи таму државната матура не е услов за упис

Учебната година за матурантите завршува в петок. Ова е период кога се подготвуваат да слават со своите врсници и професори, заокружувајќи го средното образование, но и период кога се подготвуваат за претстојните испити кои се дел од државната матура.

Новина годинава е тоа што за прв пат после многу години, испитот на зрелоста ќе се реализира во холови и во спортски сали, наместо во училници како до лани, за да нема препишувања и резултатите да бидат пообјективни.

За тоа како течат подготовките за претстојните полагања и што е она што им претставува потешкотија на матурантите, разговаравме со Татјана Лаљек, професорка по македонски јазик во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје.

„Есејот носи најмногу поени. Ги подготвувам учениците, им давам теми од претходни матури, им давам насоки за тоа како да се задржат на темата, да не избегаат од неа. Им укажувам да не отвораат мобилен телефон, бидејќи препис лесно би се препознал и би добиле 0 поени. Им укажувам дека мора да се пишува ракописно килирично писмо, дека мораат да користат само сино пенкало. Најисплашени се од фактот дека ќе полагаат во ходници, тоа им е стресно“, вели професорката Лаљек.

На 1 јуни се полага македонски, а по 7 дена математика или англиски

Професорката Лаљек работи и ќе работи со учениците до самиот ден пред полагање. Вели дека интерес за подготвителни часови покажуваат оние ученици кои сакаат да се запишат на државните факултети, за разлика од оние кои планираат да се запишат на приватен универзитет, бидејќи таму државната матура не е услов за упис.

„Во однос на материјалот, акцент, акцентски целости им се тешки зошто не ги употребуваат во секојдевниот говор. Работиме вежби од преходните години. Кај правосписот не употребуваат голема буква и овде мислам дека се под влијание на англискиот јазик. На пример, се случува „македонски јазик“ да го напишат со голема буква, а „Македонец“, со мала буква“, вели професорката.

Лаљек додава дека кратенките исто така им се проблем на учениците, односно не знаат, на пример, дека кратенка од „господин“ е „г.“. И турцизмите и архаизмите, но и дијалектите исто така им се проблем на учениците, но ги вежбаат за време на подготвителните часови. Во однос на литературните дела, професорката вели дека децата немаат некој посериозен проблем.

Андеј Манолев, директорот на оваа гимназија, вели дека веќе се прават подготовки за полагањето матура.

„За прв пат учениците ќе полагаат во училишниот хол. Годинава имаме 272 матуранти од 8 паралелки. Во петок завршуваат со настава, завршија со проектните задачи, се подготвуваат за матура. На 1 јуни полагаат македонски јазик, а седум дена подоцна полагаат математика или англиски јазик. На 14 јуни веќе ќе започнат со подготвителниот дел за интернетите испити“, вели Манолев.

Матурските тестови се веќе испечатени и спакувани

Билјана Михајловска, директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) за Мета.мк вели дека матурските тестови се веќе испечатени, спакувани и спремни за дистрибуција по училишта.

„Сите вработени во ДИЦ, но и сите соработници, мораа да потпишат изјава за тајност, односно дека испитниот материјал нема да го споделат со никој од надвор. Во врска со материјалот, имавме една средба за матурата со претставниците на средношколците, дојдоа кај нас, ние детално им објаснивме дека не смееме во базенот со прашања, од каде што вежбаат, да објавуваме прашања што ќе се паднат на државната матура. Тоа не смееме да го правиме согласно закон“, вели Михајловска.

Пред две недели, во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ беше спроведeнa пробна државна матура, во голем простор, со 600 матуранти. Надлежните од ДИЦ пробата ја оценија како успешна. Има и други училишта кои симулираа полагање во хол, за да видат дали би успеал процесот организациски и технички.

Матурантите се исплашени оти испити ќе полагаат во холови, нема да има препишување
Од пробното полагање државна матура во „Панче Караѓозов“ со која целта беше да се види дали ќе може
600 матуранти во исто време да го полагаат испитот на зрелоста. Фото: ДИЦ

Годинава матура ќе полагаат 14.834 ученици. Мајчин јазик ќе се полага на 1 јуни. а на 8 јуни се полага некој од избраните предмети – математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика. Македонски јазик и литература ќе полагаат 10.088 кандидати, албански јазик и литература ќе полагаат 4.189 кандидати, а турски јазик и литература ќе полагаат 315 кандидати. За вториот екстерен испит, најбројни се оние што избрале да плагаат англиски јазик – 13.198, а математика одбрале 1.356 ученици.

Минатата година, околу 3.000 матуранти беа фатени како препишуваат на испитот по англиски јазик. Препишаните есеи им се бодуваа со 0 поени. Затоа, од годинава ќе се полага во холови и во сали.

Директорката Михајловска за Мета.мк неодамна кажа дека одлуката за полагање в големи простори наместо училници се прави за да не се случува тестаторот да го нема, а за тоа време учениците да си прават селфи.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

земјотрес

Во Берово и Пехчево почуствуван земјотрес со јачина од 3,2 степени

Според досегашните податоци, земјотресот е почувствуван од жителите овие подрачја, а интензитетот се движи од …