Љупчо Палевски – Палчо со авион екстрадиран во Македонија

Љупчо Палевски – Палчо со авион екстрадиран во Македонија

Првоосомничениот за убиството на малолетното девојче Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, вечерва (15 мај) со авионски лет е екстрадиран во Северна Македонија од Турција.

Од скопскиот аеродром, со полициска придружба, тој директно беше транспортиран во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари бидејќи веќе има решение за 30-дневен притвор.

„Полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана меѓународна потерница“, наведоа од Министерството за внатрешни работи.

Министерот за правда, Кренар Лога, се заблагодари на брзата реакција и соработката од Турција за екстрадиција на Палевски која, оцени, била завршена во релативен краток период за околу пет месеци.

Ова следува откако на 30 април македонските власти добија официјално известување од турска страна дека е одобрена екстрадицијата.

По одобрувањето, екстрадицијата се спроведе во организација на Министерството за внатрешни работи.

Во притвор во „Шутка“ веќе се наоѓаат тројца осомничени соизвршители за грабнувањата и свирепите убиства на двете жртви.

Од безбедносни причини, од затворската управа за Радио Слободна Европа посочија дека Палевски ќе биде издвоен од останатите притвореници во посебна ќелија. За него ќе бидат задолжени само одреден дел од затворските чувари што значи дека останатите припадници на затворската полиција ќе немаат пристап до него. Во тој дел од затворот, објаснуваат оттаму, може да се влегува само со електронска партичка.

Исто така, велат од затворот за РСЕ, за осомничениот ќе се определи посебно време кога ќе може сам да излегува во затворскиот двор, ќе посетува посебна бања со придружба на чувари, ќе се проверува храната што ќе ја добива итн.

Палевски, како првоосомничен, избега од Северна Македонија преку Србија и Бугарија и стигна до Турција. На 5 декември турската полиција го уапси во градот Балибекир.

Кривичните дела за кој е осомничен се „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“. Предметот е се уште во фаза на истрага, но се очекува наскоро таа да заврши и да биде поднесено обвинение.

Двете жртви, 14-годишната Вања и велешкиот фризер Панче, беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември лани. Нивните беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.

Во овој случај како петоосомничен се јавува и таткото на Вања. Тој се гони за помагање во делото грабнување. Тој во моментов се наоѓа во домашен притвор.

За помагање во бегството на Палчо, пак, е осомничено едно лице кое се наоѓаше во притвор, но на 12 март по барање на обвинителството му беше укината оваа мерка и наместо неа му беа определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

земјотрес

Во Берово и Пехчево почуствуван земјотрес со јачина од 3,2 степени

Според досегашните податоци, земјотресот е почувствуван од жителите овие подрачја, а интензитетот се движи од …