Членството му даде доверба, ќе испорача ли Заев нова политика?

Членството му даде доверба, ќе испорача ли Заев нова политика?

Пишува: Зоран Милошески

Огромното мнозинство на партиското реевидентирано и ажурирано членство, го кажа она што на сите, а најмногу на злобниците им беше јасно: дека својот легитимитет Зоран Заев го црпи од членовите на СДСМ. Што, впрочем, никогаш и не било спорно.

Постојаното инсистирање на демократизација на партијата, што не било одлика на ниту еден друг претходен или актуелен претседател на било кој политички субјект, за многумина е неразбирливо. Тоа е процес кој Заев го започна во време на првиот мандат и оттогаш секоја година го надградува. Штотуку завршените први непосредни внатрепартиски избори и можноста секој член на СДСМ да има право да одлучува за новиот лидер, се врв на партиската демократија. Тоа што никој друг освен Заев не се осмели да влезе во изборната трка, најмалку е негов проблем. Тоа е потврда на нашиот карактер на ненарушување на личниот комодитет и избирање на полесната опција: гледање сеир од страна, оговарање и наоѓање мани.

Во политиката, исто како и во животот, не постојат безгрешни. Има две работи кои одат „на душа“ на премиерот и претседател на СДСМ: неказнивоста на функционерите од единаесетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и лошите кадровски решенија, кои четири години го рушат неговиот личен авторитет и рејтингот на партијата.

Паролата „нема правда, нема мир“, беше сврзувачкото ткиво кое „Шарената револуција“ ја претвори во општонароден фронт против клептоманското друштво и режимот на унгарскиот бегалец. Колку и да е издржана тезата дека ниту тој, ниту Владата имаат право да се мешаат во работата на правосудните органи, сепак граѓаните го држат Заев за збор, за даденото ветување дека функционерите од претходната власт на ДПМНЕ чии гласови ги слушавме во „бомбите“, ќе завршат во затвор. Тоа што во последно време правдата затропа на вратата на злосторничкото здружување, ги подгреа надежите дека сепак не е се’ изгубено. Прашањето е, дали сето ова не е забаено?

Вториот „грев“ на Заев, лошата кадровска политика, е рак-рана на социјалдемократите, која лошо ја менаџирале и сите неговите претходници во партиската претседателска фотелја.

Многу зборови се кажани, многу страници испишани на оваа тема. Неколкуте досегашни најави за кадровско луфтирање, останаа „истрел во празно“, што беше причина граѓаните да ја изгубат вербата дека тоа некогаш воопшто и ќе се случи. Ова прашање повторно се актуализираше деновиве, кога самиот Заев јавно се обврза дека веднаш после неговиот реизбор за претседател на СДСМ, ќе започне со сериозна реформа на актуелната кадровска понуда:

„Некои многу сработуваат, некои можат повеќе, но некои потфрлија. Уште сега најавувам, доколку мнозинството членови на СДСМ одлучат да продолжам да ја водам партијата, нема да има емоции кон никого повеќе. Сметам дека никому ништо не му должам. Единствениот долг кој го прифаќам, е долгот кон граѓаните за ефикасна и доследна исправка на ветеното. И тука е точката од која почнува новиот начин на работа, тука е точката од која ја најавувам пролетната иницијатива!“.

Членовите на СДСМ вчера го направија првиот чекор – излегувајќи масовно на изборите и давајќи му доверба и легитимитет за новиот мандат.

Денеска е понеделник, вториот ден од пролетта, првиот од новиот, трет по ред четиригодишен претседателски мандат на Зоран Заев. Исполнети се сите предуслови за почеток на испораката на ветената нова политика.

Новата политика се создава со нови лица, а политичарите не се делат на стари и млади, туку единствено на добри и лоши. Од тој аспект, СДСМ поседува огромен кадровски потенцијал, од кој добар дел досега бил недоволно, или пак воопшто неискористен. Меѓу нив се наоѓаат млади и искусни, образовани и способни луѓе, кои чекаат шанса да го дадат својот придонес во функционирањето на партијата и развојот на државата.

Освен тоа, најавата дека сериозната реформа на досегашната кадровска понуда подразбира отворање на вратите за сите оние кои се блиски до социјалдемократските идеи, уште повеќе ја зголемува понудата на кадри, кои час поскоро треба да ги заменат тие кои многу порано требаше и мораше да заминат.

Во политиката не смее да има емоции, а фактот дека Заев никому ништо не му должи, во многу треба да му ја олесни работата. Јасно е дека ова и дефинитивно е последната шанса да се направат толку долго очекуваните промени, од причина што политичката агенда на старо-новиот лидер е пребукирана и време за било какви пролонгирања – нема!

Крајната временска рамка до кога социјалдемократите и првиот меѓу нив, Зоран Заев, можат да се занимаваат сами со себе е 16 мај, за кога е закажан 26 Конгрес на СДСМ. Конгрес кој во својата основа ќе биде изборен и кој ќе треба да значи заокружување и ставање точка на севкупната внатрепартиска кадровска политика. Ден потоа, партијата влегува во процес на реализација на крајната и најважна цел за оваа година – победа на есенските локални избори.

Победа или пораз? – првите прогнози и очекувања ќе „паднат“ паралелно со првите кадровски разрешувања и именувања. Друже Заев, вашите сопартијци го направија своето. Ќе им вратите ли со иста мера?

Прочитајте повеќе

Филипче во Гевгелија

Д-р Филипче од Гевгелија: Како пратеник ќе останам достапен за грижите, но и за идеите на граѓаните

Дочекан со аплаузи и овации, носителот на листа на Изборна единица 4, д-р Венко Филипче …