Циркузи во Советот на град Скопје: Кој кому ги украл микрофоните за водење седница?

Обвинувања, навреди, полиција и прекинување на седницата е епилогот од вчерашното собирање на советниците од Советот на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска заради одговарање прашања од интерес на граѓаните.

Денот во Град Скопје започна со обвинување на претседателот на Советот, Трајко Славески, дека му се украдени микрофоните од страна на Данела Арсовска, па продолжи со повикување полиција од Данела Арсовска за да изготват записник, а заврши со неодговорени во целост советнички прашања, поради расправиите помеѓу Славески и Арсовска во Градската сала.

„Пред да предложам дневен ред, сакам да укажам на нешто, имено знаете дека на изминативе две седници забележавме дека некој неовластено без дозвола на претседател на Совет и на советниците, коишто се единствени коишто можат да вршат измени во оваа сала на опремата, на распоред на седење и така натаму, на претседателот на Совет му е оневозможено да го спроведува Деловникот од аспект на спроведување на редот во салата, давањето и одземањето, ако за тоа има потреба, збор, контролата на времето на дискусии итн.“, нагласи Славески.

Славески рече дека претседателот на Советот треба да дава збор по редослед на пријавување и, доколку некој од дискутантите не се придржува на точката на дневен ред по три опомени, да одзема збор.

„Јас како претседател на Совет во неколку наврати и усно, а и писмено се обратив, да му се овозможи на претседателот на Совет тоа деловничко и статутарно право. Дури и потпишав една наредба до Секторот за општи работи. И, како што гледам, до овој момент, не е постапено според тоа“, се пожали Славески.

Тој рече дека ќе побара и писмено од Инспекторатот за локална самоуправа да интервенира за да се вратат опремата и микрофоните, со кои Советот одржал 18 седници досега.

Инаку, седницата на Советот на Град Скопје продолжи, но по тензичната атмосфера со земањето на микрофонот од говорницата од страна на Трајко Славески, градоначалничката Данела Арсовска викна полиција и го пријави Славески дека го украл микрофонот од говорницата.

Ваквиот епилог уследи откако градските служби не му го вратија копчето на Трајко Славески, со кое може да го исклучи микрофонот на градоначалничката и советниците доколку не се придржуваат на дневниот ред и Деловникот за работата.

Инаку, седницата за поставување на советнички прашања во Советот на Град Скопје помина со навреди и надмудрувања меѓу градоначалничката Арсовска и претседателот на Советот Славески и со навреди за тоа кој е Хитлер и крадец, а кој треба да седи во магарешка клупа.

Од Град Скопје попладнето се огласија со соопштение по повод скандалозната седница, велејќи дека жалат што скопската јавност уште еднаш била сведок на самоволието, некултурата и немањето на доволен демократски капацитет на претседавачот на Советот на Град Скопје, Трајко Слаевски.

Информираа дека против Славески е поднесена итна претставка до Министерството за локална самоуправа и Инспекторатот за локалната самоуправа, поради тешки прекршувања на Уставот во член 16, Законот за локална самоуправа во член 48 и Деловникот на Град Скопје во член 57.

„Од сечија корист би било г-дин Трајко Славевски да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, со цел да се спречи блокирањето на функционирањето на градот и претпријатијата на градот Скопје, смислената хајка поради политичката нетрпеливост и поради потребите на ПР тимот на Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението од Град Скопје.

Прочитајте повеќе

полиција

Двајца приведени за убиството на лекарот во Железара

Две лица се приведени во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, изјави …