евра

АНАЛИЗА Нова должничка листа: Тетово со 14,3 милиони евра, а Гостивар со скоро 8 милиони евра долг!

Само за три месеца, внатрешниот државен долг се зголеми за скоро 6,5 милиони евра. На крајот од третиот квартал од годинава, доспеаните, а неплатени обврски на јавните претпријатија, министерства, здравство, образование, култура, општините, достигнаа 405,7 милиони евра. Во првиот дел од анализата Порталб нуди преглед на должничката состојба во која се наоѓаат општините и јавните претпријатија под капа на локалните власти.

Дел од општините за три месеци го зголемија долгот

Општина Тетово, заклучно со септември, пријавила доспеани, а неплатени, обврски во износ од 14.340.000 евра. За три месеца, долгот е зголемен за околу 240.000 евра. Оваа општина, според висината на долгот, котира на високото 4. место на новата должничка листа на Министерството за финансии. ЈКП Тетово пријавило доспеани, а неплатени. сметки во износ од 5,4 милиони евра. Долг од 378.000 евра пријавил и Државиот универзитет Тетово, но долгови имаат и основни и средни училишта кои се во рамките на оваа општина.

Општина Гостивар крајот од третиот квартал го завршува со долг од 7.812.000 евра. И оваа општина го зголемила долгот само за три месеца, и тоа за повеќе од 300.000 евра. Гостивар е рaнгирана на 9. место според износот на обврските. Долгот на ЈК Комуналец – Гостивар изнесува 3,3 милиона евра, ЈП за јавни паркиралишта има долг од 65.500 евра, а Општа болница Тетово има неплатени обврски во износ од 282.200 евра. На должничката листа се наоѓаат и средни и основни училишта во оваа општина.

Доспеаните а неплатени долгови на Општина Кичево изнесуваат 1,5 милиона евра. На територијата на оваа општина се наоѓа една од најзадолежните здравствени установи – Општа болница Кичево е на 6. место на должничката листа, со неплатени обврски во износ од 11.343.000 евра. ЈП Комуналец – Гостивар има неплатени сметки во износ од 1,2 милиона евра, а долгови имаат и Здравствен дом Кичево, основни, средни училишта, како и Правниот факултет во Кичево.

Општина Струга на крајот од септември имала долг во износ од 3.041.000 евра. а со долг од 3.038.000 евра е и ЈП Водовод и канализација Струга. Општа болница Струга пријавила доспеани, а неплатени, обврски во износ од 2,45 милиона евра, а струшкиот Завод за нефрологија должнички износ од 1.344.000 евра. Уште едно јавно претпријатие од оваа општина има голем долг, ЈП Комунално – Струга има неплатени сметки во износ од 731.000 евра. На територијата на оваа општина освен основни и средни училишта, долгови имаат и затворот Струга, Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата – Струга“, Основен суд – Струга, Јавно обвинителство – Струга.

Општина Чаир на крајот од третиот квартал има долг од 1.064.000 евра. На територијата на оваа општина од здравствените установи највисок износ на долг – од 511.000 евра – има Болницата за гинекологија и акушерство – Чаир, а долгови имаат десетина основни и средни училишта што се на територија на оваа скопска општина.

И Општина Сарај со доспеани, а неплатени, обврски во износ од 1,7 милиона евра е рангирана на новата должничка листа. На локално ниво долгови пријавиле и пет основни училишта, како и средното училиште на Град Скопје – Сарај.

На должничката листа се наоѓаат и Општина Арачиново, со доспеани, а неплатени, обврски во износ од 835.000 евра, Општина Дебар со долг од 1,1 милиона евра, Општина Боговиње со 416.000 евра, а доспеани, а неплатени, сметки во износ од  1.030.000 евра има и Општина Липково.

Високо на новата листа должници се наоѓаат и други општини, па така во првите педесет најзадолжени се наоѓаат и Општина Охрид, со неплатени сметки во износ од 6,3 милиона евра, Општина Делчево со износ од 3,1 милиона евра, Општина Прилеп има долг од 2 милиона евра, а Општина Врапчиште е со должнички износ од 1,7 милиона евра.

Во вториот дел од анализата Порталб ќе објави податоци за долговите на централно ниво на здравството, на јавните претпријатија и на министерствата.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите …