Д-р Арбен Аголи: Позитивни сме, а немавме никакви симптоми освен благата малаксаност на мојот колега

Д-р Арбен Аголи: Позитивни сме, а немавме никакви симптоми освен благата малаксаност на мојот колега

Кога забележав дека мојот колега доктор чувствува малаксаност, а со кого работиме заедно во педијатриската ординација, побарав и инсистирав да направиме сите вработени тест за корона вирус. Тестовите се позитивни, ова за „Мета.мк“ го изјави д-р Арбен Аголи од Дебар, кој на својот фејсбук профил информира дека тој и неговите соработници се позитивни на корона вирусот. Го прашавме како се чувствува и дали некој од нив деновиве пројавил некакви симптоми.

– Мене не ми е апсолутно ништо, ниту пак нешто чувствуваат моите колеги. Побарав да се тестираме откако мојот колега почувствува мала малаксаност пред неколку дена. Излезе дека на 7 март, прегледувал дете чии мајка и татко биле со него, а биле во контакт со роднини на веќе разболените сопружници од Дебар. Баш тој ден, докторот не носел заштитна маска и ракавици и ете, се случи ова – вели д-р Аголи.

Во ординацијата кај докторот работат тој и неговиот колега, заедно со уште три медицински сестри. Сите се позитивни.

– Јас не сум исплашен и не стравувам за моето здравје. Не се плашам ниту за здравјето на моите колеги, иако тие се. И тоа е нормално. Ги охрабрував да не се грижат, но тие се загрижени бидејќи некои од нив имаат семејства, мали деца. Сега ќе бидеме дома, амбулантата не работи. Две недели ќе седиме дома. Утре ќе одиме на преглед кај инфектологот од Скопје, па ќе видиме дали да се лечиме во домашни услови. Ниту еден од нас ниту во моментов чувствува симптоми – вели д-р Аголи.

Тој е матичен педијатар и не е дел од болничкиот персонал. Под концесија користи простор во болницата која му е ординација.

За Дебар, вели дека луѓето се подисциплинирани откако е прогласена кризна состојба во градот.

– Нормално е луѓето да се загрижени и да се плашат. Откако се воведоа построгите мерки луѓето почнаа да бидат повнимателни, за разлика од претходно кога беше хаос невиден. Еве од денеска, маркетите работат од 8 до 14 часот – вели Аголи.

Д-р Аголи пошироката јавност го запозна неодамна откако на социјалните мрежи сподели фотографија со неговите колешки, држејќи со транспарент во рацете „Ние сме на работа, вие седете дома“.

Аголи постојано на својот профил објавува апели како да се однесуваат луѓето во време на корона вирусот. Неодамна имаше споделено фотографии од фрлени на улица искористени маски и ракавици, па апелираше граѓаните тоа да не го прават затоа што на тој начин ја шират болеста.

Тој и другите здравствени работници кои работат во дебарската болница, добија стотици коментари на социјалните мрежи во знак на поддршка и побрзо оздравување.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, испрати порака со оддавање почит и слава …