Да ги дочекаме Бугарите учтиво и студено

Да ги дочекаме Бугарите учтиво и студено

Тоа би била најсилната „шлаканица“ што треба да им ја удриме, не затоа што дошле во Скопје да го слават Гоце Делчев, туку затоа што никогаш не доаѓале да му оддадат почит, а го сметаат само за свој.

Пишува: Ерол Ризаов

Можеме ли на Бугарите што ќе дојдат на четврти февруари, да го одбележат роденденот на Гоце Делчев во Скопје, да им одржиме една лекција за културно однесување? Да ги пречекаме учтиво, достоинствено, воздржано и студено. Тоа би била најсилната засрамувачка „шлаканица“ што треба да им ја удриме на јавна сцена не затоа што дошле во Скопје да го слават Гоце Делчев, туку затоа што никогаш не доаѓале да му оддадат почит, а го сметаат само за свој. Сите знаеме зошто баш сега наеднаш им текна да дојдат како неканети гости. Не е за арно.

Освен некои бугарски политичари при официјални посети на Македонија и ретки бугарски туристи кои се поклониле пред великнатот Делчев, никогаш од Бугарија немало ниту една организирана посета. Затоа непоканетите гости кои најавуваат „инвазија“ на Скопје на четврти февруари не може поинаку да се прифатат освен како провокација на која треба да наседнат не само некои граѓани, туку и политички партии, македонски и бугарски, кои во таа игра и манипулација со чувствата на граѓаните  гледаат добри предизборни поени. Нивните веќе најавени активности, иако се прикажуваат како самоорганизирани, можат лесно да излезат од контрола и да предизвикаат трагични последици.

Што подраматични настани на граничните премини, на патиштата и во Скопје, толку повеќе штета во односите меѓу двете земји кои по инцидентот во Охрид со физичкиот напад на секретарат на бугарскиот клуб Цар Борис Трети се крена на ниво на закана со војна. Не може да се игнорира, а ни целосно да се контролира опасноста ако во едни вакви напрегнати моменти се замешаат и разузнувачки служби на други земји кои имаат и тоа каков голем интерес за дестабилизација на Балканот. Ако вандалскиот напад на македонскиот Бугарин во Охрид, Христијан Пендиков предизвика студена војна, иако веднаш се уапсени напаѓачите, тогаш, некој божем заталкан истрел од огнено оружје на професионален разузнавач може да ја погоди најтрагичната мета и да предизвика многу потешки последици воодносите меѓу двете земјикои најмногу ќе ѝ наштетат на Македонија.

Патриотски екскурзии можат да го запалат бурето барут

Воопшто не е време на овој четврти февруари за вакви политички, партиски и балканско патриотски екскурзии и „свечени“ пречеци, кои колку и да е големо обезбедувањето можат да го запалат краткиот фитил на бурето барут. Исто така, сега не е времето да се потсетуваме на немили настани од пред повеќе години, но треба да се каже како лошо искуство дека не така одамна кога Македонците од Бугарија и од Македонија одеа на Пирин да му оддадат почит на Јане Сандански повеќепати беа претепувани не само од „самоорганизирани“ параполициски служби, туку и директно од бугарската полиција.

После секој таков настан она малку што беше постигнувано со повеќе годишни напори на културен, научен и деловен план брзо беше уништувано на голема радост на оние кои никогаш не сакаат да има добри односи меѓу Бугарија и Македонија.

Имајќи ги предвид овие болни искуства и сѐ она што ѝ се случува на Македонија со бугарските блокади и вета, ако веќе не може да се одбегне со фанфари најавуваната посета на светилиштето каде е саркофагот на Гоце Делчев – црквата Св. Спас во центарот на Скопје, тогаш најдобрата работа што може да се направи е да се покаже граѓанска воздржаност, игнорирање на евентуалните провокации и целосно запазување на редот и мирот со почитување на сите правила при посетата на ова македонско светилиште.

Црквата Св. Спас, како и сите светилишта и мавзолеи во светот, има свое работно време, ред и строги правила на однесување на посетителите. Малото дворче каде што се наоѓа саркофагот наГоце Делчев не може да прими повеќе од 15-20 луѓе во исто време. На 4 февруари нема да дојдат само „гости“ од Бугарија, туку и од Македонија кои сакаат да му оддадат почит на Гоце Делчев. Во зависност од бројноста на официјалните делегации кои не чекаат на ред, туку влегуваат со посебен протокол, можно е да се создадат долги редици на граѓани и „блиски“ запаливи средби.

Ова ли е културен натпревар меѓу народите?

Би било полезно на бугарските граѓани при влезот во Македонија тие денови да им се даде една брошура, или флаер за значењето на оваа црква, но и за работното време на црквата која е под заштита на државата, за правилата на однесување при посетата со напомена дека секое отстапување  и нарушување на редот и мирот ќе бидат строго санкционирани. Така е секаде во светот.

Ја имав таа можност да посетам повеќе мавзолеи, светилишта, музеи, цркви и џамии каде се наоѓаат моштите на значајни историски личности. За сите нив заедничка карактеристика е тишината и атмосферата на пиетет кон личноста и неговото почивалиште. Така, во сабота, на 4-ти февруари, треба да биде и во дворчето на црквата Св. Спас, но и пред неа, во редиците граѓани од Македонија и од Бугарија кои ќе дојдат да му оддадат почит на Гоце Делчев, чија големина и значење ги надминува границите и на Македонија и на Бугарија.

Секој скандал на овој ден, или немил настан би бил голем срам, дијаметрално спротивен на една општо позната мисла која му се припишува на Гоце Делчев: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.

За голема жал на цивилизираните луѓе и на голема радост на милитантните националисти и шовинисти, менливи и минорни политичари чии имиња се забораваат веднаш по мандатот, аманетот на Гоце Делчев во двете соседни држави, Македонија и Бугарија, кои го сметаат великанот за свој, натпреварот не се одвива на културно поле, туку на полето на омразата и блокадите. Сѐ уште, и по 151 година од неговото раѓање и 120 години од неговата смрт, денес, и во третата декада на 21 век, секој обид за добри и пријателски односи меѓу Бугарите и Македонците завршува со победа на силите што влечат назад.

Од една страна, посилната, сѐ уште тегне накај 1878 година и го сонува неостварениот сон од Сан Стефано, денешен Јешиљќој, безмалку среде Истанбул. Само таа промена на историјата и на географијата и 145-годишната реалност на непостоечки договор, без да се навлегува во други историски факти, јасно ја кажува големината на будалштината која може да се негува со векови во лулката на национализмот која прави пустош во главите на луѓето. Од другата страна, пак, послабата, со истата силина на националистички вознес квази патриотските сили успешно со децении  ја одржуваат улогата на „ем шуто ем боде“, секогаш на штета на шутото.

Прочитајте повеќе

Полициска акција во затворот Идризово

Полициска акција во затворот Идризово

Во најголемиот затвор ,,Идризово” во Скопје, денеска биле извршени претреси. Од обвинителството ја потврдуваат акцијата, …