Даниловски: Вакцинaтa го одржува високо нивото на заштита од хоспитализација и смрт

Даниловски: Вакцинaтa го одржува високо нивото на заштита од хоспитализација и смрт

Вкупно 870 лица се заразиле по втор пат, што е 0,4 отсто од вкупниот број на досега заразени лица (212.375), соопштува во последниот извештај Институтот за јавно здравје. Иако процентот на реинфекции е мал, поразговаравме со проф. д-р Драган Даниловски околу појавата на реинфекциите како и за ефикасноста од вакцините.

– Што значи бројката од 870 граѓани заразени по втор пат? Тоа значи дека вакцините не штитат стопроцентно од заразување. Со тек на време, нивото на заштита од зараза опаѓа. Сепак, нивото на заштита од хоспитализација и смрт се одржува релативно високо, на ниво од околу 80 проценти – вели Даниловски.

За разлика од вакцините, кај оние што прележале и развиле антитела (затоа што има и такви кои не развиваат), заштитата од заразување трае подолго, од 6 до 12 месеци.

Според него, „бустер“ доза треба да се прими во оптимален момент и после бустерот (третата доза) организмот веќе ќе поседува солидна одбрана, со која ќе може супериорно да му излезе на мегдан на вирусот.

– Се разбира, за позрасните и оние со хронични болести може да биде ризично да се заразат со вирусот. Побезбедно би им било периодично (сезонско) примање вакцина – апсолутно аналогно како кај сезонскиот грип – вели тој.

Согласно извештајот на ИЈЗ, во последната недела е забележан тренд на намалување на бројот на новозаразени лица. Во последната седмица од ковид-19 заболеле 2.929 лица, што е за 288 помалку од периодот меѓу 8 и 14 ноември. Најмногу новозаразени има во Скопје. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се лицата над 60 години (23,3 отсто). Најмалку заболени се регистрирани кај возрасната група од 0-9 години (3,6 отсто).

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …