Студеничани обвиено во тага по трагедијата, роднините немаат зборови да ја опишат болката

Студеничани обвиено во тага по трагедијата, роднините немаат зборови да ја опишат болката

Правдата нема да ги врати починатите, но мора да завршат процедурите и да се открие што се случило за да не страдаат други патници во вакви несреќи, вели Фати Исеини, роднина на дел од жртвите во несреќата во Бугарија кои потекнуваат од општина Студеничани.

Тој посочува дека истрагата нема да им ја намали загубата, нема да ги врати загинатите, но дека сепак мора да се открие што се случило, каде се прекинал синџирот на контролата.

„Правда. Тоа не ни прави некоја разлика. Дали всушност ќе се открие утре што се случило или нема, тоа нам нема ништо да ни смени. Тоа нема да ни ги врати нашите луѓе. Но, треба да се спроведат сите процедури, со обвинителите и други судски структури тука и во Бугарија, за да откријат што се случило, да не страдаат други патници во такви несреќи“, рече тој.

„Инаку, знаете, болката е многу тешка. Не можете … Нема зборови да се опише ова“, додаде Исеини.

Во однос на прашањето за автобуската несреќа кај Перник вчера ноќта и несреќата кај Ласкарци од пред три години во која загинаа 15 лица, тој нема дефинитивен одговор, но вели оти е очигледно дека нешто се случило и некаде е прекинат синџирот на контролата.

„Немаме идеја што се случувало. Дали има корупциски елементи во целата апликација и регистрација на компаниите и автобусите и, всушност, спроведувањето на техничките прегледи на автобусите пред да им се даде дозвола да возат. Нешто се случило. И целиот овој синџир е очигледно некаде пресечен“, рече Исеини.

Исеини вели дека неговите роднини биле многу радосни и споделувале со нив фотографии од екскурзијата во Истанбул. Најмногу 14-годишната Аниса.

„Јас сум прв братучед на четири членови на семејство кои загинаа, најмладата е Аниса Исени. Таа имаше 14 години. И нејзината мајка Фикрије Исени, таа имаше 37 и нашиот вујко Хамди Исени и Меџиде Исени, жената на Хамди“, вели Фати.

Тој посочува дека 12 или 14 од загинатите имале семејни врски, сите биле роднински поврзани. На пример, Аниса била со двете тетки со своите деца и сите се роднински поврзани.

„Последен пат контактиравме завчера, ден пред да се враќаат во Македонија. Ни испратија многу фотографии. Посебно Аниса, беше многу активна на нејзиниот телефон и не може да се опише тоа, целиот момент. Знаете, таа ми беше како ќерка, знаете, живеевме во иста куќа и … многу е тешко“, објасни Фати Исени со треперлив глас.

Тој рече дека постојано доаѓаат роднини и пријатели да изразат сочувство за трагичната загуба.

Азем Садиќи, градоначалник на општина Студеничани вели дека според информациите со кои располага повеќе од 20 лица кои биле учесници во трагичната несреќа се од таа општина. Бројката на жртви од Студеничани се движи околу 17 загинати и плус 4 повредени.

„Ние сме во контакт со семејствата, ова е голема трагедија, голема болка за семејствата, за блиските, и за нас како општина. Ги знаевме луѓето, тешки моменти. Се обидуваме да бидеме покрај нив, да им се ублажи болката, да ја споделиме болката заедно“, вели Садиќи.

Тој додава дека денеска на вонредна седница на Советот општината се организирале како да им помогнат на семејствата во рамките на можностите.

„Нема ништо во овој свет што може да им ја надокнади нивната загуба. Меѓутоа најважно во овие моменти е да заврши постапката за идентификација на жртвите која се прави со ДНК анализа. Да заврши тоа и да им ја дадеме последната почит на жртвите. Кај нас традиција е потоа на фамилиите да им се оддаде почит, на „сабр“ ние го викаме. Тешка болка, господ да им даде сила за да го преболат ова“, рече градоначалникот додавајќи дека ова што се случи е многу голема загуба за цела држава, а посебно за нивните семејства.

„Имаме случај од село Моране, 10 члена од фамилијата изгубија, мајка со четири деца и друга мајка со две деца и две нивни внуки. Имаме случај кај нас во Студеничани, наша учителка во ОУ Наим Фрашери, го загуби животот заедно со нејзината ќерка 14 годишно девојче. Имаме наш колега матичар, кој што работеше во службата за матична евиденција, со неговата сопруга. Имаме три члена на семејство од Долно Количани кои што ги загубија животите. Од седумте преживеани четворица се од село Долно Количани“, Садиќи во неверување ги набројуваше жртвите.

Тој потенцира дека сега е најважно процесот да оди до крај, да се расчисти случајот, точно за да се дознае причината поради која дошло до толку голем пожар по сударот.

„Да знаеме дали навистина носеле таков запаллив материјал кој одеднаш ги изгоре сите во кобниот автобус во тој кобен ден“, додаде градоначалникот. Тој ги уверува граѓаните дека како претставник на општината се обидува да биде што поблиску до семејствата и да ги информира за процесот на идентификација на загинатите, за процесот на донесување на загинатите и повредените.

„Голема болка, голема трагедија, дај боже да не се повторува“, рече Садиќи.

Несреќата што се случи во Бугарија претставува голема и тешка болка и за 76-годишниот Озер Усени. Тој е еден од постарите роднини на жртвите кои живи се запалија во автобусот на „Беса Транс“.

„Не можеме да ги смириме. Тоа, е ама што да правиме. Господ така рекол. Тоа не се брише, што пишал Господ, тоа е. Ние сме голема фамилија“, вели Усени и зема длабока воздишка бидејќи му е тешко да зборува.

„Не е само да се даде ден за тага. Тука малце треба да се стегне државата. Ама … во моите години не памтам ваква болка. Ние сме од првата генерација во селото, 700 години сме тука. Ние сме староседелци. Мајка ми умре на 100 години, сега, нема 6 месеци. Вакво нешто не памтам“, објаснува тој.

Усени вели дека болката е толку голема што дури ни оџата не може доволно да ги утеши жителите на Студеничани.

„Оџата нè теши, ама нема, што ќе рече. Колку сакаш плачи, колку сакаш збори тоа е. Цело село иде на сочувство ама џабе е“, рече Усени.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Кочанскиот Центар

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Донесена е пресуда за кривичното дело Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп …