Дел од мутациите на коронавирусот можат да заразат луѓе кои веќе еднаш биле инфицирани

Дел од мутираните варијанти на коронавирусот, особено јужноафриканската и бразилската, можат да заразат лица кои и претходно биле инфицирани со „оригиналниот“ коронавирус, пишува германски „Шпигел“. Иако пружаат релативно добра заштита, се чини дека и вакцините се помалку ефективни против неколку од новите соеви, па впечатокот е како да започнува цела нова пандемија со мутациите на вирусот кои се шират многу побргу од првичниот SARS-CoV-2.

Во Германија, стапката на новозарзени опаѓа и мерките се почитуваат, но сега, иако сè уште невидливи во купот ковид-случаи, се шират многу заразни мутациии, посебно Б.1.1.7. варијантата на вирусот која направи Португалија да има највисока стапка на новозаболени во светот. Во Германија очекувањата се дека неизбежно истата варијанта ќе доминира и само прашање на време е кога опасните мутации ќе почнат неконтролирано да се шират.

Во Македонија, пак, нема јасни бројки во однос на ширењето на овие мутации на вирусот. Институтот за јавно здравје во последниот неделен извештај за состојбата со ковид-19 само кратко спомнува дека се детектирани поголем број нови варијанти.

„Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број на нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на континуиран внес на нови случаи на COVID-19 од странство“, се вели во извештајот на Институтот за периодот од 8 до 14 февруари.

Всушност, буквално истата реченица е наведена и во претходниот извештај на ИЈЗ од 1 до 7 февруари. Во овој извештај беше посочено и дека од 649 материјали кои пристигнале во лабораторијата во МАНУ, 56 се позитивни на присуство на британската варијанта, но нема никакви информации за присуство на мутацијата од Јужна Африка или од Бразил.

Иако новата студија објавена пред неколку дена во „New England Journal of Medicine“ сугерира дека вакцината против ковид-19 на „Фајзер-Бионтек“ е добра заштита и од новите варијанти на коронавирусот, вклучувајќи ја и јужноафриканската, ваквите вести не влеваат голема надеж кај експертите.

Коментирајќи ги овие случувања, епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, вели дека, според информациите што тој ги има, вакцините и стекнатиот имунитет по природен пат се ефективни кај мутацијата што потекнува од Јужна Африка, иако редуцирано, а кај бразилската варијанта, многу помалку.

Тој ја цитира лабораториската студија во „New England Journal of Medicine“, објавена минатата среда, која покажува дека јужноафриканската варијанта може да ја редуцира заштитата со антителата од вакцината на „Фајзер“ за две третини. Но, важно е да се напомене, дека иако е помал бројот на антителата, тоа не значи дека вакцината не е ефикасна против вирусот.

„За бразилскиот нема прецизни податоци, но редукцијата е многу поголема“, вели Даниловски. Тој не верува дека овие две мутации би се појавиле кај нас во догледно време.

„Но, никогаш не се знае. Најдобра заштита е што побрзо што поголем дел од населението да стекне имунитет против варијантата што е кај нас. Тоа ќе биде сепак цврста бариера“, вели Даниловски.

Неговиот колега, професорот микробиолог Никола Пановски, се надева дека британската мутација која сè повеќе се шири во Македонија, ќе спречи ширење на другите две, уште поопасни мутации.

Според анализата на „Шпигел“ добрата вест е дека вакцините кои се сега достапни обезбедуваат доволна заштита од варијантата Б.1.1.7 (Британската варијанта на вирусот) со мали падови во ефикасноста.

„Но, варијантата Б.1.351 од Јужна Африка и П.1 од Бразил, таканаречените ‘escape’ мутации се поголем проблем. Двете варијанти на SARS-CoV-2 имаат друга мутација во нивниот геном: E484K. Како во некој хорор филм, американските специјалисти за инфективни болести ги нарекуваат ‘eeek’ мутации“, пишува Шпигел.

Имено, експериментите направени во Јужна Африка покажале дека оваа мутација му помага на вирусоот да го измами имунолошкиот систем. Истражувачите ги мешале мутираните вируси со примероци од крвта на пациентите кои прележале ковид-19.

Антителата од прележаната болест ги направиле мутантите безопасни само во мала мера, што значи дека јужноафриканската мутација може да зарази луѓе кои веќе биле болни со COVID-19 или биле заразени со SARS-CoV-2, односно луѓе за кои се сметало дека имаат имунитет. Ова значи дека третманите што користат моноклонални антитела, повеќе нема да функционираат, како и дека достапните вакцини се сигурни во помала мера.

Од друга страна, за потребите на студијата на „New England Journal of Medicine“, истражувачите од „Фајзер“ генетски изработиле верзии на вирусот за да носат некои од мутациите пронајдени во варијантата Б.1.351. Тие ги тестирале преку примероци земени од крв од 15 лица кои примиле две дози вакцина „Фајзер-Бионтек“. Додека примероците од крвниот серум произвеле помала неутрализирачка активност на антитела, сепак тоа било доволно да се неутрализира вирусот. Иако истражувачите навеле дека сè уште не знаат точно кое ниво на неутрализација е потребно за заштита од ковид-19 или од инфекција, нивното искуство со други вакцини им кажува дека вакцината на „Фајзер“ нуди релативно добра заштита од новата варијанта.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Фондацијата Метаморфозис со конкурс за годишна награда „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации

Ќе бидат доделени две годишни награди во две категории: Најдобар новинарски труд, односно стручен труд …