„Ние ќе победиме затоа што имаме внатрешен отпор, сила на духот и силна поддршка од нашите партнери“, рече амбасадорката Дир
Украинците втор пат по ред го слават Денот на независноста во услови на жестока руска агресија. Сега, бранејќи ја својата независност, Украина крвари, рече во својот говор за украинскиот Ден на независноста – 24 Август, амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир.
Таа рече дека Руската Федерација уништи дел од европскиот безбедносен простор, меѓународното право и грубо ги прекрши духот и нормите на хуманитарното право.
„Украинците го бранат своето право на живот, суверенитет, територијален интегритет, како и универзалните човечки вредности, односно оние начела и морални принципи кои помагаат да се хармонизира постоењето на луѓето. Безбедноста зазема посебно место меѓу универзалните човечки вредности. Тоталитарниот режим на Руската Федерација ги пропагира идеите за насилство и смрт. Предаторската надворешна политика допре до сите континенти на Земјата“, рече Дир.
Според неа, епицентарот на дуелот е во Украина, но „руското зло им се заканува и на другите европски држави“.
Од почетокот на руската инвазија врз земјата на 24 февруари 2022 година, агресорот уби илјадници Украинци со ракетни и артилериски гранатирања, ги претвори во пепел градовите и селата во Украина, украде десетици илјади деца, мачеше и малтретираше цивилни и воени заробеници.
„Руската Федерација го обезвредни човечкиот живот. За Украинците целта е да се зачуваат животите на Украинците“, истакна Дир.
Амбасадорката додаде дека херојскиот отпор на Украинците не може да се замисли без помош и дека навремената воена помош од прогресивните демократски држави ги спасува животите на Украинците.
„Украина е благодарна за сите пакети на одбранбена поддршка кои што беа обезбедени и на оние кои се добиваат во моментов. Помошта се подобрува секојдневно. Тоа значи дека со напорите на солидарноста ќе се надмине руското самоволие за препишување на историјата, уништување на безбедносниот простор, наметнување тоталитарни модели на постоење“, рече амбасадорката на Украина.
Дир им се заблагодари на Претседателот на Северна Македонија, Владата и Собранието за, како што рече, политичката, одбранбената и хуманитарната помош на Украина.
„Посебна благодарност за неодамнешната одлука на Владата во врска со тоа на Украинците да им се обезбеди привремена заштита во период од една година, со која се предвидува право на привремен престој, пензиско осигурување, вработување и здравствено обезбедување“, рече Дир.
Според неа, се приширува кругот на држави кои ја поддржуваат Украина.
„Посилни сме заедно, Независноста на Украина ќе се зајакнува, бидејќи вредноста за нас е самиот човек. Ние ќе победиме затоа што имаме внатрешен отпор, сила на духот и силна поддршка од нашите партнери“, рече Дир.
Денеска се одбележува 32-годишнина од усвојувањето на Актот за прогласување на независност на земјата.
Извор: МЕТА