Денеска оставки на премиерот Ковачевски и спикерот Џафери

Денеска оставки на премиерот Ковачевски и спикерот Џафери

Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери се очекува денеска да поднесат оставки на функциите, со што почнува формално-правната процедура за подготовка и избор на техничката Влада в недела на 28 јануари. Учеството во техничката влада синоќа го официјализираше и ВМРО-ДПМНЕ откако Извршниот комитет ги утврди кандидатите за министри и дополнителни заменици министри, но остана на ставот да не гласа за владата.

Панче Тошковски е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи, а Ѓоко Велковски за труд и социјална политика За дополнителен заменик– министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

СДСМ претходно ги објави имињата на кандидатите за техничката влада во која дополнителни заменици министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика се Митко Бојмацалиев и Јована Тренчевска, а според информации на МИА остануваат исти министрите од ДУИ и Алијанса за Албанците.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во пресрет на седницата повтори дека нема да ја гласаат техничката влада со Талат Џафери, кој, како што истакна, не заслужува да биде гласан.

„Нема да бидеме како СДСМ. Да, ќе бидеме во собраниските клупи, само ќе се воздржиме од гласање. Цениме дека Талат Џафери не заслужува да биде гласан. Ако го гледаме вториот мандат неколкупати тој го крши Деловникот, Уставот. Тој е плод на политички договор кој го имале СДСМ и ДУИ. Вие не може да поддржите политички договор на политички партии во чие што друштво вие влегувате по сила на закон“, рече Мицкоски во телевизиско гостување.

И покрај тоа што опозициската партија нема да гласа за техничката влада, според Џафери, нема пречка нејзините министри да не бидат дел од неа.

Џафери, кој треба да биде мандатар на преодната влада, прашан дали ќе му пречи доколку пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаат за новата техничка влада изјави дека по дефиниција пратеникот е слободен во волјата и во одлучувањето.

Во СДСМ во тек се процеси за предлагање претседателски кандидат и кандидати за пратеници, а дополнително ќе се утврдува како ќе настапуваат на изборите.

На 8 мај, покрај за парламентарни, ќе се гласа и за втор круг претседателски избори. Првиот круг од трката за шеф на државата, пак, ќе се одржи на 24 април. Ова ќе бидат 11-те парламентарни, а осми по ред претседателски избори на кои граѓаните ќе гласаат непосредно од осамостојувањето на државата во 1991 година.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …