Денеска се одржа тркалезна маса „Блаже Конески – мостот што ги поврзува македонските и руските слависти“

Денеска се одржа тркалезна маса „Блаже Конески – мостот што ги поврзува македонските и руските слависти“

За делото на Блаже Конески пишувано е многу пати, разгледувано е од многу аспекти, но сепак и децении подоцна тоа останува актуелно. За тоа најдобра потврда е географијата на денешниот настан, но исто така потврда е и задоволството за прифаќањето на поканата на сите поканети за учество на откривањето на уште еден сегмет од делото на Конески. Со овие зборови професорката и директор на Рускиот центар, Биљана Мирчевска-Бошева ја отвори тркалезната маса на тема: „Конески – мостот што ги поврзува македонските и руските слависти“ која денеска се одржа на платформата Зум.

„Плодната и многустрана соработка на славистичките кадри при филолошките факултети во Руската федерација и УКИМ во Скопје која подразбира размена на наставници и студенти, организирање на меѓународни конференции, работа на заеднички проекти на заеднички монографии и учебници и статии во последните години добива дополнителен импулс преку Рускиот центар при УКИМ кој што посветено работи на популаризација на македонскиот јазик, наука и култура. Во 2021 година, одбележуваме 100 години од раѓањето, 75 години од формирањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и ги заокружуваме првите 5 години од постоењето на Рускиот центар во Скопје“ рече Мирчевска Бошева, која воедно и го модерираше настанот.

На тркалезната маса се обрати и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски кој посочи дека Универзитетот се приклучува кон чествувањето на ликот и делото на Конески, што според него, тоа е најмалку што универзитетот може да направи за одбележување на значајната улога и непроценливото влијание на Конески.

„Зборувајќи за Конески неизбежно е да кажеме дека тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, преведувач, професор, автор на фундаментални дела од областа на македонскиот јазик и литература, вонсериски лингвист и меѓународен реномиран славист. Од ова станува јасно дека делото на Конески како научното, така и творечкото е толку богато и разновидно што дава простор постојано и одново да се осветлува и вреднува“ рече Јанкуловски, појаснувајќи дека токму овој настан ќе осветли уште еден сегмент и тоа, Конески како мост што ги поврзува македонските и руските слависти.

Рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин за Конески рече дека е пионир во многу сегменти, набројувајќи ги многубројните искуства на Конески и потсетувајќи за писанието на Петре Андреевски за Конески.

„Откако Конески почина, извонредниот Андреевски во својот дневник напиша: „Блаже Конески беше најмаркантната личност во нашиот културен простор. Светски поет и лингвист. Најбогата библиотека собрана во еден човек. Блаже Конески умре и нека му е лесна земја. Дај Боже, барем на секои сто години да ни се раѓа по еден Конески“. Така што, многубројните таленти на Конески се јасно потврдени со неговата плодна работа како филолог, поет, прозаист и професор“ рече амбасадорот и потенцираше дека Руската амбасада одржува тесна соработка со Филолошкиот факултет во Скопје каде и се изучува рускиот јазик.

Поради здравствени причини на настанот не присуствуваше Анета Дучевска, декан на Филолошкиот факултет, меѓутоа во нејзино име се обрати модераторката која го сподели нејзиното обраќање.

„Во оваа значајна и јубилејна година се одбележува квалитетна соработка и активности на планот на русистиката. Како водечка гранка на славистиката, таа е важен сегмет во филолошките проучувања на нашиот факултет и останува приоритна област во идните развојни стратегии“

Настанот е дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ која се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука на РСМ.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Одлуката на надлежните следува откако родители реагираа на социјалните мрежи и негодуваа децата да бидат …