Заев: Нема да има емоции кон никого, никому ништо не му должам

Заев: Нема да има емоции кон никого, никому ништо не му должам

Единствениот долг кој го прифаќам е долгот кон граѓаните за испорака на ветеното. И тука е точката од која почнува новиот начин на работа, најавува Заев во програмата „Нова политика“.

Повлекување линија, сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, враќање на вербата во правната држава, последно предупредување до сите кои ќе се огрешат пред законот… Сите овие ветувања може да се прочитаат во програмата „Нова политика – СДСМ прв во промените“, со која Заев на 21-ви март ќе побара нов лидерски мандат на директни, непосредни внатрепартиски избори. Програмата е објавена во интегрална форма и достапна за јавноста на официјалната интеренет страница на СДСМ.

„СДСМ има свои недостатоци, прави и грешки, но никогаш не скршнал од стратешкиот колосек” се вели во програмата, но и дека партијата покажала внатрешен капацитет да се менува, се откажала од старите погрешни салонски навики, почнала да ги слуша граѓаните, да прифаќа критика, да се коригира. Според Заев, сепак, тоа не е доволно.

„И до тука повлекувам линија! Имавме доволно време како поедници да покажеме што знаеме и колку сме подготвени за предизвиците за внатрешните реформи. Направивме многу, но тоа не доволно. Граѓаните со право не критикуваат во одредени сегменти. Сите оние кои со мене го одеа трнливиот и ужасно мачен опозициски пат, добија шанса да се докажат на различни начини во законодавната, извршната и локалната власт. Некои многу сработуваат, некои можат и повеќе, но некои потфрлија. Уште сега најавувам, доколку мнозинството членови на СДСМ одлучат да ја водам партијата, нема да има емоции кон никого повеќе. Сметам дека никому ништо не му должам. Единствениот долг кој го прифаќам е долгот кон граѓаните за ефикасна испорака на ветеното. И тука е точката од која почнува новиот начин на работа, тука е точката од која ја најавувам пролетната иницијатива”, порачува Заев, во најавата на нов пресврт во политичкото делување на СДСМ.

Членската книшка не заштитува никого

Таа цел подразбира промени во пет клучни точки: сериозна реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ, унапредување на внатрепартиската демократија, кревање на мотивацијата на граѓаните, повик до младите за градење на млад СДСМ – доминиран од новите генерации, и продлабочување на започнатата борба против корупцијата и организираниот криминал.

„Нема привилегирани и заштитени. Членската книшка на СДСМ не заштитува никого од ништо, а особено не од законите. Сите сме еднакви пред законите, почнувајќи од лидерот на СДСМ, како прв меѓу еднаквите. Правда мора да има, секој кој се огрешил или ќе се огреши пред законите, ќе одговара во фер судска постапка. И започнувањето на секоја таква постапка, нема да значи политичка борба со неистомислениците, ниту расчистување на евентуалните внатрешнопартиски конфликти и борби за превласт, туку целосно и недискриминаторско функционирање на правната држава. Штетите од претходниот режим не се само материјални, туку и во самиот дух на граѓанинот кој престана да верува дека може да постои искрена борба против корупцијата. Ние таа верба ќе ја вратиме. Ние го започнавме мандатот токму со таа надеж, и во ниту еден миг тоа не сме го заборавиле. Правда ќе има, и ова го кажувам како последно предупредување до сите кои ќе се огрешат пред законот, и никој да не помисли дека ќе биде можно да постои исклучок од тоа правило”, се вели во програмата на Заев.

Покажи на дело!

Hic Rhodus, hic salta – порачува критичката јавност, особено што ваквите најави доаѓаат во период кога се многу згуснати критиките кон СДСМ, партискиот лидер и други функционери – за корупција, но и несоодветно однесување во време на криза. Додека Заев во програмата тврди дека СДСМ не е елитен клуб и ветува неселективна антикорупциска борба, во фокусот на јавноста е постапката на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој купил софтвер за сообраќајни прекршоци што не го користи ниту една институција. Кога ќе се одржуваат внатрепартиските избори во СДСМ, Рашковски ќе ја троши втората половина од двонеделениот одмор во Мексико.

Dragi Raskovski Generalsekretär nordmazedonische RegierungПоранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски

Запрашан дали ќе побара оставка од Рашковски, кој сега е секретар задолжен за мониторинг на реализацијата на владината програма и стратегиските проекти, премиерот Заев вчера рече дека не треба да биде обвинуван секој што патентирал систем и го отстапил бесплатно на користење на својата земја.

Одговорот е зачудувачки, ако се има предвид дека Рашковски тврдеше дека нема никаква поврзаност или корелација меѓу неговите патентирани идеи и набавениот софтвер.

Премиерот, изјави дека очекува надлежните да го проверат случајот, но нагласи дека лично ја проверил постапката.

„Очекувам било која од надлежните институции да направи проверка, како ДКСК, соодветното обвинителство, прочитав дека едно од јавните обвинителства упатува до МВР да направи истрага, слободно нека направат истрага, затоа што лично јас проверив, постапката е целосно законито направена и набавен е софтвер по пат на конкуренција, каде од 8 милиони предвидени во буџетот се потрошени 5 милиони денари за набавка на таков софтвер кој има мултифункицонална примена и стои на располагање. Апелирам секоја надлежна институција, којашто постои во државата за проверка на законитоста на постапката да направи конкретно проверка и да достави извештај. Јас, како претседател на Владата којшто го има именувано за еден од секретарите во мојот кабинет, ќе постапам директно доколку има какво било прекршување на законот“, рече Заев.

Под лупа на ДКСК

Во моментов, во Државната комисија за спречување на корупцијата. (ДКСК) во почетна фаза е постапката за проверка нa наводите за набавката на софтверот од страна на Рашковски. Од Комисијата велат дека се доставени барања за добивање информации и документи до МВР, Централен регистер, Генералниот секретаријат на Владата, Државниот завод за индустриска сопственост, а доколку се јави потреба ќе се побараат и од други институции.

А до каде се постапките за постари предмети за Рашкоски? Според претседателката на ДКСК, предметот за Рашковски поврзан со набавката M-Нав e oбработен вo голем дел, односно 90% е завршен. „Недовршените работи кои ни останаа поради променетиот начин на работа во време на здравствена криза, во најскоро време ќе се завршат, пo што резултатите ќе ги соопштиме во јавноста“, ветува Билјана Ивановска.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Да се скратат часовите поради топлото време, препорачува МОН

Одлуката на надлежните следува откако родители реагираа на социјалните мрежи и негодуваа децата да бидат …