Денот на железничарите и годинава се одбележа без основан Музеј на железниците

Денот на железничарите и годинава се одбележа без основан Музеј на железниците

Денеска се одбележуваат 148 години од воспоставувањето на железничкиот систем во земјава. Во 1994 година, Работничкиот совет на Македонски железници го прогласил 9 април за Ден на железничарите, но овој ден и годинава ќе се одбележи без постоење на Музеј на железниците на Македонија, во чии простории би требало да се одбележи овој датум.

Во далечната 1873 година, се воспоставил сообраќајот на првата железничка линија во земјава меѓу Скопје и Солун, со пристигнувањето на првиот воз во Велес на 9 април.

Македонија, заедно со Албанија, денеска се единствените земји во Европа кои немаат железнички музеј, во кој чии рамки би се архивирале, зачувале и претставиле пред јавноста бројните фотографии, документи, артефакти и други историски материјали што говорат за развојот на железницата во Македонија.

Директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ, Хари Локвенец на денешната прес-конференција не ја спомена иницијативата за востановување на Музеј на железницата во Скопје. На крајот од 2019 година, ова претпријатие доделило просторија во рамките на Транспортниот центар-Скопје, во која би била сместена оваа музејска установа. Беа назначени и лица коишто ќе работат на основање на новата музејска установа, но работите се одолговлекоа поради ковид-19 пандемијата.

„Мета.мк“ лани разговараше со Владимир Петков, претседателот на Клубот на љубители на железниците во Македонија и долгогодишен иницијатор за основање на железнички музеј во земјава. Само тој има помеѓу 5.000 и 6.000 историски фотографии, како и бројни публикации и железнички артефакти кои би можеле да бидат сместени во идниот музеј. И двете железнички претпријатија – Железници на РСМ-Транспорт и ЈП за железничка инфраструктура имаат сопствена богата документација, но и возен парк којшто би можеле да постанат дел од ваквиот музеј.

Замислата на Владимир Петков е во рамките на Транспортниот центар да се основа железничкиот музеј, кој би се состоел од два дела. Затворениот дел од музејот би се сместил во една од просториите, во која свое место би нашле бројните фотографии, публикации, артефакти и други материјали кои ќе го опишат историскиот развој на железницата во земјава. Отворениот дел од музејот би се наоѓал на два од неискористениците колосеци на Железничката станица-Скопје и овде би се изложиле железничките експонати – возниот парк којшто вклучува парни и други локомотиви од минатото, товарни и патнички вагони, вклучувајќи го и вагонот од возот на Тито што се наоѓа во депото „Лисиче“. На овој начин, 9 Април како Ден на железничарите би можел да се одбележува во овој железнички музеј.

По повод 148 години од воспоставувањето на железничкиот систем во земјава, директорот на ЈП за железничка инфраструктура Хари Локвенец им упати честитки за празникот на железничките работници. Сепак, тој на прес-конференцијата нагласи дека најболното прашање со кое се соочува јавното претпријатие за железничка инфраструктура е старосната структура на вработените. Просечната старост е загрижувачка и со овој проблем се запознаени и премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, бидејќи реална е потребата од вршители на дејност кои ќе работат на самата железничка инфраструктура.

Директорот Локвенец посочи дека во ЈП за железничка инфраструктура дури 80 отсто од вработениот кадар се вршители на дејност, кои се луѓето што се одговорни за директно одржување на железничката инфраструктура, 10 отсто се вработени во администрацијата и 10 отсто помошно-технички персонал.

„Очекувам дека следниот период ќе имаме обновување на кадарот во МЖ. Станува збор за исклучително искусни и квалитетни кадри кои работат тука, меѓутоа тие се пред пензионирање. Тој проблем мораме да го решиме час поскоро“, изјави директорот Локвенец.

По повод Денот на железничарите, директорот на Железници на РСМ-Транспорт Аднан Азизи им се заблагодари на сите ветерани и сегашни вработени во Железниците на Северна Македонија и им го честита 9 април – Денот на Работниците во Железницата, посакувајќи им добро здравје и успех во работата.

„Иако во лоша финансиска состојба, оваа компанија има свои највредни средства, вредни и подготвени работници. Во ова време, во состојба на пандемија што го зафати целиот свет, железничарите решително го одржуваат во живот железничкиот систем во нашата земја“, се наведува во изјавата на директорот Азизи.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Обвинителство: Врховниот судија Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Јавен обвинител предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, …