Депресијата и анксиозноста се` поприсутни меѓу младите

Депресијата и анксиозноста се` поприсутни меѓу младите

Секој трет адолесцент по пандемијата има симптоми на депресија, а 42 отсто се пожалиле на анксиозност, покажува студијата на УНИЦЕФ и Универзитетската клиника за психијатрија од Скопје.

Пандемијата остави сериозни последици врз здравјето на младите. Долгата социјална изолација, затворањето на училиштата, прекинот во дневните рутини, несигурноста, грижата за здравјето и добросостојбата на членовите од семејството и блиските луѓе, се одразија врз менталното здравје на адолесцентите. Се поголема е бројката на млади кои се жалат на депресија и анксиозност. Ова го покажуваат студиите за менталното здравје на младите на УНИЦЕФ и Универзитетската клиника за психијатрија, чија презентација се одржа во Скопје.

Секој трет адолесцент се жали на депресија

Секој трет адолесцент во истражувањето изјавил дека има симптоми на депресија по пандемијата, а 42 отсто се изјасниле дека доживеале умерени до сериозни симптоми на анксиозност. Повеќе од половина од испитаниците имале проблеми, но не побарале помош.  Шестпати е поголема веројатноста девојчињата да пријават симптоми на депресија во споредба со момчињата.

Студиите покажуваат и дека повеќе од 54 отсто од младите мајки, кои пријавиле сериозни симптоми на депресија, не успеваат да воспостават емоционална врска со новороденчето што е клучен фактор за здравјето и развојот на детето, но, исто така и за менталното здравје и благосостојба на мајката.

стрес
Шестпати е поголема веројатноста девојчињата да пријават симптоми на депресија во споредба со момчињата.

Стигма

УНИЦЕФ во средата (03.05.) ги претстави клучните резултати од програмите за ментално здравје на децата и адолесцентите, како и главните наоди од двете истражувања за менталното здравје, први од таков вид во земјата, што се спроведени со финансиска поддршка од УСАИД и во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија. Истражувањата се спроведени во средината на 2022 година.

Надлежните укажуваат дека е потребно системското зајакнување на поддршката на менталното здравје на децата и нивните семејства, зголемување на инвестициите во услугите за ментално здравје и психо-социјална поддршка, соодветен пристап кон менталното здравје во училиштата и во заедницата и промена на јавниот дискурс за да се намали стигмата поврзана со менталното здравје.

Менталното здравје е глобално прашање. Над 1 милијарда луѓе, според Светската здравствена организација (СЗО), се соочуваат со проблеми поврзани со менталното здравје, додека пак УНИЦЕФ проценува дека 1 од 7 деца и млади луѓе ширум светот имаат одредени проблеми со менталната здравствена состојба.

Прочитајте повеќе

полиција полицајци

Двајца полицајци се сомничат дека примиле поткуп за да не констатираат сообраќаен прекршок

Тие се сомничат дека на 04.07.2024 околу 23.00 часот на ул.„Даме Груев“ во Скопје, при …