Најмалку 78 луѓе загинаа во стампедо во главвниот град Јемен, Сана, кој се случи кога стотици луѓе се собраа да примат парични донации во едно училиште, изјавија очевидци и медиумите под контрола на Хутите.
Повеќе луѓе се повредени, од кои 13 тешко, пренесе телевизиската станица Ал Масира, која е под контрола на Хутите, под влијание на Иран, повикувајќи се на здравствените власти во Сана.
Стампедото се случило додека трговците делеле парична помош на населението, во последите денови на Рамазан, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според изјавите на очевидци, на кои се повикува Ројтерс, луѓето чекале донации во износ од 5.000 јеменски ријали, околу 9 долари.
На видео снимките поставени на Телеграм, се гледаат луѓе собрани во толпа, од кои некои врескаат и викаат барајќи помош додека обезбедувањето се обидува да го контролира собирот.

Двајцата трговци кои го организирале делењето на помош се приведени и е покрената истрага, соопшти Министерството.
Во Јемен веќе осум години се води граѓанска војна, во која животот го загубија десетици илјади луѓе, економијата е уништена, а милиони гладуваат.