Украдена бистата на македонскиот поет Славко Јаневски во Струга

При вообичаената проверка, вчера изутрина било утврдено дека бистата на поетот Славко Јаневски е откорната од постаментот, додека бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин биле видливо расклатени во обид да се откорнат од постаментите

Бистата на македонскиот поет Славко Јаневски исчезнала од постаментот во состав на алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим, информираат од НУМ „Струшки вечери на поезијата“.

При вообичаената проверка, вчера изутрина било утврдено дека бистата на поетот Славко Јаневски е откорната од постаментот, додека бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин биле видливо расклатени во обид да се откорнат од постаментите.

Случајот бил пријавен во полициската станица во Струга од страна на директорот на СВП, Тодорче Тасевски.

„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славко Јаневски како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од која очекуваме да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови!“, велат од СВП.

Фото: НУМ „Струшки вечери на поезијата“

Сличен вандалски чин се случи на 1 октомври 2021 година кога бистата на познатиот македонски поет Анте Поповски беше откроната од постаментот и фрлена на крајбрежјето. Истата беше санирана, дополнително зацврстена и вратена на постаментот.

„Ваквите вандалски чинови ќе треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Општина Струга и МВР преку засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација како и со организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата. Апелираме сите добронамерни граѓани и почитувачи на поезијата да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата“, апелираат од СВП.

Прочитајте повеќе

Руски агенти во мантија

Малку е познато дека и пред Васијан Змеев руските агенти во Македонија вршат непријателска дејност …