Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски за „Мета“ зборува за подметнувањето пожари во предизборието како „нов облик на тероризам“.
Впечаток е дека пола Македонија деновиве изгоре во пожари …
– Вчера имавме драматичен ден. До доцна по полноќ ми пристигнуваа информации за новоподметнати пожари. Во моментов има неколку активни – кај Ранковце, во општина Долнени кај село Црнилиште, во кривопаланечко кај Петралица, се дејствуваше во близина на Македонски Брод кај Самоков, каде авионите на Дирекцијата за заштита и спасување направија еден навистина херојски подвиг, во една доста драматична ситуација го спречија ширење на намерно подметна пожар кон фабриката за оружје.
Велите подметнат пожар. Дали се работи за прецизни информации?
– Да, бидејќи на таа иста локација претходно изгаснавме исто така подметнат пожар, но овој пат подметнаа пожар до самата фабрика во која има експлозивни средства и муниција. Истовремено беа подметнати четири пожари во крушевско и таму дејствуваше АРМ со хеликоптери. Додека го гасевме едниот од подметнатите пожари кај село Норово, подметнуваа нови и кај селото Врбовец беше фатен пироманот на лице место и сега го процесуира МВР и Обвинителство.
Може ли сторителот да се оправдува со тоа дека палел стрниште на нива?
– Не, бидејќи е фатен на такво место, среде густа шума, далеку од секакви ниви,на непристапен терен и е фатен додека палел.
Како намерно се пали шумски пожар?
– Во вакви околности, при релативно ниски температури кои ноќе се и во минус и во најгусти шуми каде ни зрак сонце не пробива, таков пожар може да се запали само со поливање со бензин, нафта, а пожарите, за жал, се подметнати во најгусти, стари и вредни шуми. Имате пожар кој се појавува ноќе, на непристапен терен, на студено време, во најгуста шума, и такви пожари имате по неколку во исто време.
Имате ли сознанија која е мотивацијата на сторителите, имајќи предвид дека се работи за предизборие, па се појавија веќе коментари дека пожарите се политички мотивирани.
– Не сакам да верувам, но се повеќе факти укажуваат дека подметнатите пожари се политички мотивирани. Систематското палење во континуитет, на различни локации низ целата држава, сето тоа укажува дека постои намера да се предизвика паника и незадоволство кај населението, но и на немање на свест дека ја уништуваш природата, го уништуваш еко-системот во кој и ти самиот живееш, ја палиш сам својата земја. Ова што се случува е еден нов вид на тероризам – тероризам насочен против природата, кој ја загрозува општата безбедност. Видовме што се случи лани во Атина, каде од шумски пожар загинаа толкав број на луѓе. Иницирав итни законски измени во Кривичниот закон и во Законот за шуми, кои треба да го дефинираат и санкционираат намерното подметнување на шумски пожари како акт на тероризам, со повисоки казни. Затоа што, каква е разликата ако некој подметне бомба и убие луѓе и ако некој подметне пожар и исто така изгорат десетина, стотина луѓе? Мораме да бидеме ригорозни и да санкционираме вакви злостори! Но, нашето општество последниве триесетина години сериозно ги загуби вредностите, потфрли на планот на развивање на свеста на своите граѓани од најрана возраст како да се однесуваат кон природата, кон шумите, да ги едуцираат за опасностите од пожари.
Има осуммина приведени за пожарите. Дали се фатени на лице место, како палат?
– Од почетокот на забраната за движење има патроли на МВР, на Национални шуми, и сите релевантни институции се на терен. Не е лесно да се избега од такви места. Од февруари, кога почнаа првите спорадични случаи на подметнати пожари па до сега се приведени осум луѓе, но од први март до сега авионите за гаснење пожари на Дирекцијата буквално не се застанати! Секогаш кога имаме изборна година, имаме силни пожари, катастрофи. Во 2017 година, кога беа локалните избори речиси ни изгоре државата. Лани немавме избори, немавме ниту пожари. Сега тргнува кампањата, трга палењето шуми. Треба сериозно да седнеме и да размислиме што ни се случува, што нам ни фали, како општество, зошто дозволивме да ни се случува ваков, досега невиден облик на тероризам. Последиците ќе ги чувствуваме наредните 50-60 години и тоа на територија на целата земја.
Има ли Македонија капацитет да се справува со катастрофи од вакви размери?
– Она што ние го затекнавме како систем на управување со кризи е навистина во очајна состојба и Владата донесе одлука за темелна реформа на тој систем. На тоа работиме заедно со Европската Комисија од кои побаравме да направат ревизија, а на 6 мај го очекувам директорот на Цивилна заштита на ЕУ во Скопје за да го донесе конечниот извештај со насоки за реформа на системот. Триесетина години, посебно последните 12-13 години не само што ништо не е вложувано во овој систем туку тој свесно бил разградуван. Опрема која пропаѓа, погрешна кадровска политика, затворен и уништен единствениот Центар за обука за заштита и спасување во 2016, се показатели на таквата политика.
Извор: МЕТА