Додека гинат цивили од руските напади, Путин во посета на окупираните делови на Украина

Додека гинат цивили од руските напади, Путин во посета на окупираните делови на Украина

Најмалку тројца цивили загинале во воздушните напади на руските сили врз населеното место Новојехоривка во Луханскиот регион.

Рускиот претседател Владимир Путин повторно ги посетил окупираните делови на украинските региони Херсон и Луханск. Руските власти не соопштија кога Путин ја извршил посетата, но се наведува дека тој бил во штабот на армиската командна група „Днепар“ во областа Херсон, како и во седиштето на руската национална гарда во окупираниот регион Луханск, пренесува Гардијан.

Најновите информации за посетата на Путин на окупираните украински региони доаѓа откако претходно во март тој го посети градот Мариупол, кој беше заземен од руските сили по жестоки борби во кои беше уништен најголем дел од ова пристанишно место на Азовското море.

Во исто време, продолжуваат руските напади врз украинските населени места. Најмалку тројца цивили загинале во воздушните напади на руските сили врз населеното место Новојехоривка во Луханскиот регион, јавува Укринформ.

Изминатово деноноќие во 57 наврати биле гранатирани населени места во Херсонскиот регион, при што од руските гранати бил повреден цивил, пренесува Укринформ. Самиот град Херсон бил гранатиран во шест наврати во изминативе 24 часа.

Руски ракетни напади се регистрирани и во регионот Суми во североисточна Украина. Пет населени места во пограничната област со Русија биле ракетирани, но освен материјална штета на цивилни објекти не биле регистрирани жртви.

Речиси непроменета е состојбата во градот Бахмут, каде и понатаму се водат интензивни борби меѓу руските и украинските сили. Во најновиот извештај на британското Министерство за одбрана се наведува дека руските сили направиле мал напредок во освојувањето на овој град во Донецкиот регион, којшто не можат да го освојат со месеци наназад, пишува Гардијан.

Според разузнавачките податоци, постои реална можност Русија да го намали бројот на војници и да ги намали офанзивните дејствија околу градот Доњецк за да ги пренасочи ресурсите кон секторот Бахмут.

Инаку, Словачка е најновата земја од Централна Европа која го забрани увозот на житарици и други земјоделски производи од Украина, откако претходно ваквиот чекор го презедоа Полска и Унгарија, пренесува Укринформ.

Според словачките власти, околу 1.500 тони жито увезени од Украина потенцијално биле контаминирани со пестициди. Сепак, официјалните власти во исто време соопштуваат дека со забраната ќе се заштити словачкото земјоделство и прехранбениот сектор.

Слична забрана викендов воспоставија Полска и Унгарија, но Европската комисија веднаш испрати реакција во која ги предупреди двете земји дека трговската политика е прашање што треба да се договори на ниво на ЕУ, заедно со евентуалните мерки што треба да се договорат меѓу сите земји-членки.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Најмалку 19 загинати: Се урна автопат во Кина

Најмалку 19 загинати: Се урна автопат во Кина

По повеќедневни поројни дождови, планински автопат се урна во јужна Кина. Најмалку 19 лица загинаа …