Донација за реконструкција на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола

Донација за реконструкција на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ од Битола

Во просториите на Генералниот конзулат на Бугарија во Битола, вчера беше потпишан договорот за санација и реконструкција на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“. Со донацијата вредна 133.000 евра, ќе биде реконструиран покривот и ќе се изврши целосна замена на дограмата во училиштето. Средствата се обезбедени преку Програмата за помош и развој на Бугарија кон соседните држави.

Договорот го потпишаа генералниот конзул на Бугарија, Димитар Иванов и директорот на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“, Владимир Роме.

Во своите изјави тие не го криеја задоволството од постигнатиот договор и од значењето на оваа капитална инвестиција за училиштето.

„Потпишавме договор со кој бугарската држава преку Програмата за помош и развој обезбеди 133.000 евра, помош со која ќе биде реконструирано средното техничко училиште во Битола. Предвидуваме тоа да се случи во тековната година, почнувајќи од месец април, така што учениците од септември ќе изведуваат настава во современа и реновирана зграда. Ќе биде реконструиран покривот и целосно заменета дограмата. Целта е да се создадат нормални услови за учениците, администрацијата и професорите во училиштето. Целиот зафат ќе даде и позитивен еколошки ефект, затоа што училиштето се загрева на мазут и со санирањето ќе се намалат количините на потрошено гориво”, рече генералниот конзул Иванов.

„За нас е посебно важна оваа донација, бидејќи откако во 1986 година е пуштено во работа, училиштето немало никаква капитална инвестиција или реновирање. Дограмата е во очајна состојба, а покривот има азбестни плочи кои се штетни и кои секаде се исфрлаат од употреба. На ваков начин ќе создадеме подобри услови за следење на наставата на нашите ученици, подобри услови за вработените, со што успесите што ги постигнуваме ќе бидат уште поголеми. Ќе се заштеди на електрична и топлинска енергија, бидејќи во училиштето дограмата е стара и не одговара на потребите за изведување настава. Се надевам дека на први септември училиштето  ќе биде во нова, подобра состојба, со нов покрив, со што ќе се надминат проблемите со прокапување на вода во училниците и спортската сала”, рече директорот Роме.

Ова е најголема инвестиција во училиштето од неговото постоење. Од тие причини, од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ велат дека и во иднина ќе работат на изнаоѓање решенија за подобрување на целокупната работа на училиштето.

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …