Општина Прилеп продолжува со своите активности околу изнаоѓање дополнителни мерки за заштита на граѓаните од коронавирусот. Откако пред неколку денови почна соработката со неколку компании од градот за изработка на заштитни маски, од денеска започнува изработка и на штитови за лице, кои првично ќе бидат наменети за заштита на здравствените работници.

„Од денеска имаме нов начин на изработка на заштитни маски, се работи за заштитен штит за лице, кој што е дело на компанијата ‘Ипринт’ од нашиот град, со што покажуваме дека се грижиме за нашите граѓани. Ќе започнеме со распределба на штитовите за лице на медицинскиот персонал, како некој што е најмногу изложен на ризик од инфекција со коронавирусот. Штитовите за лице се ставаат над заштитната маска, за да заштитата биде поголема од кивање, кашлање и капличната инфекција која се јавува. Во Прилеп има се’ повеќе вакви компании кои ќе се вклучат во производството на овие заштитни штитови. Затоа денеска формиравме таканаречен ‘3Д пункт’, каде нашите сограѓани кои поседуваат 3Д принтери можат да се јават, со цел да направиме што побрзо и што повеќе вакви штитови за лице, затоа што се неопходни во овој момент“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.

Градоначалникот Јованоски напомена дека во текот на утрешниот ден, шеесетина штитови ќе и’ бидат дадени на Општата болница во Прилеп. Во следните неколку денови вакви штитови ќе добие целиот медицински персонал во болницата, после што заштитни штитови ќе им бидат донирани и на матичните лекари и стоматолози.

Прилепчанецот Зоран Дамчески кој неколку години работи со 3Д принтер, вели дека бил трогнат и инспириран од примерот на ентузијастите во Италија, кои преку изработка на вентил за респираторните машини му помогнале на медицинскиот персонал да спаси што повеќе животи во борбата со коронавирусот. Тоа било за него било основниот мотив да започне со печатење и изработка на штитници за лице.

Дамчески истакнува дека градоначалникот Илија Јованоски веднаш ја препознал иницијативата и понудил помош во правец на изнаоѓање начини да се забрза процесот и да се зголеми дневниот број на изработени штитници за лице, бидејќи брзината на 3Д принтерите е мала.

„Со градоначалникот и под покровителство на Општина Прилеп, направивме 3Д пункт на социјалната мрежа Фејсбук, со цел во него да се приклучат сите оние  од градот кои поседуваат 3Д принтер и да ја помогнат оваа акција. Сето тоа во правец на што побрзо обезбедување на бесплатни штитници за лице за медицинскиот персонал, а потоа и за сите други работници кои се најизложени на заразни болести, како што е коронавирусот“, изјави Дамчески.

Дамчески потенцираше дека на инцијативата за изработка на штитниците која ја започнале тој и неговиот син, до сега се приклучиле и претставници од фирмите „Резонатор“ и „Графика Дизајн“, како и тоа дека се оградува од сите оние кои на социјалните мрежи, во негово име, бараат донации за изработка на 3Д штитниците за лице.