Доверливи документи: Процесот против Трамп почнува во мај

Доверливи документи: Процесот против Трамп почнува во мај

Доналд Трамп е обвинет по 37 точки од обвинението во случајот со чувањето доверливи документи. Трамп тврди дека е невин.

Одговорната федерална судијка Ејлин Кенон го одреди 20 мај 2024 година како датум за почеток на судењето. Тоа значи дека процесот за наводно незаконско чување тајни досиеја ќе се одвива за време на републиканските прелиминарни избори за претседателската кандидатура, за која Трамп досега беше јасен фаворит.

Трамп во јуни беше обвинет по 37 точки во аферата со документите. 77-годишникот е обвинет за незаконско чување на стотици тајни досиеја на неговиот приватен имот, Мар-а-Лаго, во Флорида. Според обвинението на специјалниот иследник Џек Смит, тој ги зел документите од Белата куќа на крајот на неговиот мандат во јануари 2021 година и ги складирал на Флорида без никакви посебни безбедносни мерки. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува долга затворска казна.

Специјалниот иследник во случајот со доверливите документи, Џек Смит
Специјалниот иследник во случајот со доверливите документи, Џек Смит

Екс-претседателот ги негира сите обвинувања

Судијката Кенон сакаше судењето да започне во август. Јавното обвинителство побара како датум за почеток на судењето да се определи 11 декември. Адвокатите на Трамп побараа судењето да се одложи за по претседателските избори во ноември 2024 година.

Сега поставениот датум е приближно на половина пат помеѓу различните барања. Според објаснувањето на судијката Кенон, таа со тоа сакала да им даде на двете страни „доволно време“ да прегледаат повеќе од милион страници судски досиеја. Трамп ги отфрли сите обвинувања и пред судот се изјасни за невин. Тој ја опишува истрагата против него како обид на администрацијата на претседателот Џо Бајден политички да го неутрализира пред изборите во 2024 година.

Планирани се и други судски процеси против Трамп

Напролет треба да започне уште еден судски процес против Трамп. Во врска со исплаќањето пари на порно актерката Сторми Даниелс пред претседателските избори во 2016 година во замена за нејзино молчење, Трамп на крајот на март стана прв поранешен претседател во историјата на САД кој бил обвинет.

Доналд Трамп САД
Доналд Трамп во судница во Њујорк, 4.04.2023

Покрај тоа, специјалниот иследник Смит сè уште ја испитува можната кривична одговорност на Трамп за упадот во Капитол на 6 јануари 2021 година. Илјадници радикални поддржувачи на Трамп упаднаа во Конгресот во времето кога требаше формално да се потврди победата на Бајден на претседателските избори во 2020 година. Трамп претходно ги повика своите приврзаници да маршираат до Капитол.

Истражната комисија на Претставничкиот дом за упадот во Капитол му препорача на американското правосудство да покрене кривична постапка против Трамп, меѓу другото, за поттикнување или помагање на немири. Трамп пред неколку дена рече дека специјалниот советник Смит му дал четири дена да се појави пред таканаречената голема порота во врска со упадот во Капитол, „што речиси секогаш значи апсење и обвинение“.

Трамп би можел да се соочи со обвиненија и во сојузната држава Џорџија: по претседателските избори во 2020 година, јавното обвинителство во округот Фултон започна истрага за обидите на Трамп и неговите сојузници да го поништат исходот од изборите во оваа американска сојузна држава. Обвинителката Фани Вилис во август би требало да донесе одлука за можните обвиненија.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Македонија со раст на индексот на слобода на медиуми, чекориме по патот на демократските и европски вредности

Ковачевски: Македонија со раст на индексот на слобода на медиуми, чекориме по патот на демократските и европски вредности

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска упати честитка до медиумите и медиумските работници по повод …