Драматични избори во Данска

Драматични избори во Данска

По изборниот трилер во Шведска, Скандинавија доживеа уште една незаборавна изборна вечер. Во Данска, левичарскиот блок на премиерката Фредериксен оствари победа, буквално во последен момент. Но, драмата не завршува тука.

По драматичната изборна ноќ, Данска е соочена со потрага по нова влада. И покрај мнозинството обезбедено во последен момент за левичарскиот табор околу нејзините владејачки социјалдемократи, премиерката Мете Фредериксен во изборната ноќ најави дека денеска нејзината малцинска влада ќе поднесе оставка. Со тоа, таа сака да го отвори патот за  можно формирање на широка владина коалиција со партиите од двата политички блока. Таков облик на владеење е редок во Данска – но според Фредериксен, со оглед на актуелните кризи, токму тоа е исправно.

Социјалдемократите повторно освоија најмногу гласови на изборите – 27,5 отсто. Тоа е најдобар изборен резултат во последните 20 години, изјави Фредериксен пред партиските поддржувачи во Копенхаген во изборната ноќ. Но, „исто така е јасно дека повеќе нема мнозинство зад владата во нејзината сегашна форма“. Затоа, таа, како што рече, сака денеска да оди кај кралицата Маргрета Втора и да го поднесе барањето за оставка на нејзината влада. Доколку мнозинство од партиите ја изберат за мандатарка за составување на новата влада, Фредериксен ќе испита дали може да се формира широка владина коалиција. Таква констелација би било добро за Данска, истакна премиерката.

 Мете Фредериксен пред премиерската резиденција во Мариенборг
Мете Фредериксен пред премиерската резиденција во Мариенборг

Мнозинство во последен момент

Данска претходно ја доживеа една од најдраматичните изборни вечери во својата историја. Прогнозите и проекциите долго време укажуваа дека ниту црвениот, левичарски табор ниту синиот, централно-десничарски табор нема да освојат мнозинство. Во тој момент, клучната улога меѓу блоковите ја имаше поранешниот премиер Ларс Локе Расмусен со неговата нова центристичко-либерална партија „Умерени“. По пребројувањето на сите гласови дадени во земјата, изборниот резултат во последен момент се преврте во полза на левичарите: црвениот блок скокна на 87 мандати, додека синиот блок дојде на 72, а 16 места во данскиот парламент освоија „Умерените“ на Локе.

90 од 179 пратенички места се неопходни за апсолутно мнозинство во данскиот парламент во Копенхаген. 175 од овие мандати се доделуваат во Данска, по два на Гренланд и на Фарските Острови, кои се официјално дел од Кралството Данска. Мандатите од Фарските острови во понеделикот веќе беа распределени меѓу двата блока. Како и на последните шест избори, двата мандата од Гренланд утрината отидоа за црвениот блок. Левиот табор со тоа би имал точно 90 пратенички места во идниот дански парламент.

Силна преговарачка позиција

За време на предизборната кампања, Фредериксен, меѓутоа, неколкупати нагласи дека се залага за широка владина коалиција. Сепак, парламентарното  мнозинство на црвените значително ја подобрува нејзината преговарачка позиција во тој поглед: доколку „Умерените“ од Локе кои стојат меѓу двата политички блока или пак партиите од синиот десничарски блок, во можните преговори. не покажат отвореност кон нејзините барања, таа за формирањето на влада повторно би можела да потпре на нејзиниот црвен табор.

Ларс Локе Расмусен беше премиер на Данска во два наврати
Ларс Локе Расмусен беше премиер на Данска во два наврати

Овие левичарски партии веќе ја поддржуваат претходната чисто социјалдемократска малцинска влада на Фредериксен во парламентот. Во некои работи, како што е нејзината строга политика за имиграција, Фредериксен често се потпираше на гласови од десницата. По руската инвазија на Украина, имаше и меѓублоковска соработка за воени прашања, а неодамна имаше и соработка околу поддршка за Данците во борбата против наглиот пораст на цените на енергијата.

Централно прашање во идните преговори за составување на владата ќе биде до кој степен Фредериксен може да соработува со нејзиниот претходник Локе. Тој беше премиер од 2009 до 2011 година и од 2015 до 2019 година. Тој, по децении, ја напушти либерално-конзервативната партија Венстре во 2021 година. Потоа, Локе ги основа „Умерените“, кои сега ќе бидат третата најсилна сила по нивното изборно деби со освоени 9,3 отсто од гласовите.

Венстре, која го предводи сојузот на десниот центар, од друга страна, загуби многу гласови: по освоените 23,4 отсто на последните избори во 2019 година, поранешната партија на Локе овојпат сега доби само 13,3 отсто. Сепак, таа останува втората најсилна сила во земјата зад социјалдемократите на Фредериксен.

Прочитајте повеќе

Израелската армија нареди евакуација пред операцијата во Рафа

Израелската армија нареди евакуација пред операцијата во Рафа

Израелската војска им наредила на Палестинците кои живеат во населбите во Источен Рафа, во близина …