москва

Дрон соборен над Москва, оштетена е една деловна зграда

Тасс пренесе и дека московскиот аеродром Внуково бил затворен по инцидентот, но бил повторно отворен кратко време подоцна

Руските власти ја обвинија Украина дека извршила напад со беспилотно летало врз зграда во Москва, предизвикувајќи експлозија која се слушна низ деловниот кварт на градот, пренесе Би-би-си.

Градоначалникот Сергеј Собјанин рече дека противвоздушната одбрана го соборила дронот со неговите остатоци кои паѓале врз Експо центарот во градот.

Непроверените снимки на социјалните мрежи се чини дека покажуваат густ сив чад што се издига на ноќното небо над Москва. Засега нема коментар од Украина, но властите во Кијив никогаш официјално не признале дека извршиле напади врз цели во Москва.

Нападот се случил околу 04:00 часот по локално време, соопшти руското Министерство за одбрана на апликацијата Телеграм.

Се вели дека, по активирањето на градските системи за противвоздушна одбрана, дронот „ја променил патеката на летот“, паѓајќи врз нестанбена зграда на насипот Краснопресненскаја, област во Москва во која се наоѓаат голем број владини згради, но нема првични извештаи за жртви.

Експо центарот е голем изложбен простор кој се користи за конференции и конвенции и се наоѓа на помалку од 5 километри од Кремљ.

Сведок кој бил во областа изјави за новинската агенција Ројтерс дека нападот предизвикал „силна експлозија“.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека остатоците не предизвикале пожар, додека Собјанин рече дека дронот не предизвикал „значителна штета“ на зградата.

Руската државна новинска агенција, Тасс објави дека еден од надворешните ѕидови на центарот делумно се урнал, повикувајќи се на итните служби. Се вели дека погодената област е околу 30 квадратни метри.

Тасс пренесе и дека московскиот аеродром Внуково бил затворен по инцидентот, но бил повторно отворен кратко време подоцна.

До почетокот на оваа година, Москва остана недопрена од војната во Украина, но во последните месеци беше цел на напади со беспилотни летала.

На 30 мај, во бранот напади неколку згради беа пријавени како оштетени. На 30 и 31 јули, две беспилотни летала удриле во стаклената фасада на облакодер на само неколку стотини метри од Експо центарот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски тогаш изјави дека војната „се враќа на територијата на Русија“ и дека тоа е „неизбежен, природен и апсолутно фер процес“.

Неколку часа пред последниот напад во Москва, руското Министерство за одбрана соопшти дека украински дрон бил уништен при обид за напад на руската поморска флота во Црното Море.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

израел хамас газа

Обединетите нации бараат истрага по откривање на масовни гробници во болниците во Газа

Полковникот Јамен Абу Сулејман, директор за цивилна одбрана во Кан Јунис, тврди дека некои од …