Лида со скулптурата од Медена

Лида: Изработив скулптура од кучето Медена оти сме слични – одбиваме тешкотиите да нè огорчат

Лида Шерафатманд, чии слики, написи и песни се објавувани и од страна на Обединетите нации, УНЕСКО, Амнести Интернешнал, голем број уметнички списанија и други институции, во разговор со Мета.мк раскажува како се инспирирала, кој ѝ бил поттикот да направи скулптура од бездомно куче и која е приказната што се крие зад уметничкото дело

Изминативе неколку дена Струга повторно е во центарот на вниманието меѓу активистите за заштита на уличните кучиња. Но, овој пат не поради тоа што некој пука во нив или ги труе, туку затоа што светски познатата уметница Лида Шерафатманд, која веќе неколку години живее во Струга, изработи скулптура за бездомната кучка Медена, која ги обожава луѓето и лесно се спријателува со нив.

Лида досега има направено 25 изложби низ светот и нејзините наградувани слики, написи и песни се објавувани од страна на Обединетите нации, УНЕСКО, Амнести Интернешнл, голем број уметнички списанија и други институции. Во разговор со Мета.мк, таа раскажува зошто се инспирирала и кој ѝ бил поттикот да ја направи оваа скулптура, зошто избрала да прави статуа токму за бездомно куче и која е приказната што се крие зад уметничкото дело.

Таа вели дека нејзиниот живот како уметник наликува на Медена и ја цени нејзината кроткост, бидејќи и двете одбиваат да дозволат тешкотиите да ги огорчат.

„Ова куче ме придружуваше лично дома неколку пати навечер кога се плашев да одам сама, особено во периодот на пандемијата. Тоа отсекогаш навистина ме одушевуваше кај неа, како таа можеше да ме почувствува и да ме врати дома толку нежно и самоуверено. Тогаш забележав дека таа е секогаш многу нежна и многу добро се однесува со луѓето, воопшто. Таа исто така преживеа многу предизвици во изминатите 5-6 години. Видов дека таа е всушност прекрасен дел од заедницата“, вели Лида.

Таа раскажа дека гледајќи како нејзините пријатели купуваат храна за Медена и како се грижат за неа и за нејзините кутриња кога се окучила, дури сакала да направи и документарен филм, но бидејќи не била обучена за таков вид творештво, решила да ѝ оддаде почит на Медена со изработка на скулптура во нејзината природна големина.

Лида: Изработив скулптура од кучето Медена оти сме слични – одбиваме тешкотиите да нè огорчат
Фото: Кукунеш Томе, приватна архива

„Ова беше пред околу една година, а потоа, додека се подготвуваше статуата, целата ситуација со уличните кучиња ескалираше до екстремно ниво на насилство, за жал, како што знаете. Ми рекоа дека имало и период кога имало труење со храна по улиците, па таа буквално преживеала како „две светски војни“ во еден кучешки живот, а сепак останува толку нежно суштество, па дури и „дарежливо“ со тоа што е толку љубезна со лица како мене на кои понекогаш им е потребна помош за да бидат придружувани заради безбедност“, истакна Лида.

Таа, иако претходно изработувала скулптури од глина и камен, решила да се обиде скулптурата на Медена да ја изработи во цемент, а за тоа и помогнал нејзиниот пријател Александар Голбоски.

„Сопственикот на Кингстон Мезебар се понуди да го купи цементот за мене. Јас буквално употребив 100 килограми цемент во прав, едно пакетче од 50 килограми и две пакувања од 25 килограми. За да ја однесат до патот беа потребни шест луѓе. Инаку, статуата ја изработив без никаков надомест, од срце. Процесот беше навистина интересен за мене, возбудлив во своите предизвици. Предизвикот во основа беше дека цементниот раствор е нешто како раствор за палачинки по вискозност и дебелина, не можете да го „моделирате“ како што може да се моделира глина. Ниту некој може да го издлаби како што се резба камен или дрво! Обично таквите скулптури се прават со други материјали, потоа земаат калап и го полнат калапот со цементен раствор. Но, немав шанси за тој метод. Така, буквално го изработив со додавање слој по слој обидувајќи се да го контролирам со мојата рака секој пат. Ова е причината зошто ми требаше долго време, нешто повеќе од 6 месеци“ раскажува Лида за Мета.мк.

Таа во процесот на создавање на скулптурата буквално се обидела да ја почувствува Медена, нејзината издржливост, нејзиниот нежен и заштитнички дух.

„Иако идејата ми дојде пред една година, додека ги добивме материјалите буквално се „молев“ пред да ја започнам скулптурата, како што се молам секогаш и пред да започнам со моја слика. Молејќи се не во традиционална смисла, туку во смисла на кажување вистинска желба од срцето и душата. Ми се допаѓа моите постапки да бидат за доброто на сите, бидејќи не живееме изолирано…сите сме дел од поголема заедница и верувам дека секој човек, секое суштество е подарок за заедницата“, вели Лида.

Лида: Изработив скулптура од кучето Медена оти сме слични – одбиваме тешкотиите да нè огорчат
Фото: Лида Шерафатманд приватна архива

Според Лида, ситуацијата со кучињата скитници во земјава е сложено прашање кое бара сеопфатен пристап кој вклучува различни сектори од општеството да работат заедно.

„Тоа е комплексен проблем кој бара повеќеслоен напор од различни сектори на општеството, да ги здружат сите сили за благосостојба на граѓаните и животните. Тој е повеќеслоен бидејќи го вклучува општото образование на јавноста во врска со кучињата, луѓето треба да знаат дека кучињата треба да се стерилизираат или кастрираат доколку не сакаат да продолжат да репродуцираат кученца. Исто така, сите кучиња треба да имаат регистерски број, како граѓаните кои се некаде регистрирани како граѓани. Другиот слој е администрацијата како и регулираните засолништа за кучиња кои не нашле семејство за посвојување. Ваквите центри бараат редовна ревизија и контрола за транспарентност. За правилно регулирање на транспарентноста на буџетите и правилна регулација, како и стерилизација на кучињата, мора да се воведат конкретни закони за овие работи“, вели Лида.

Таа дополнително предлага:

„Мислам дека рестораните на кои им останало храна можат да им ја понудат преостанатата храна на кучињата, но потребен е метод на сепарација што ќе ја одвои храната од другите материјали како чепкалки, хартија, пластика итн. кои не се добри кучињата да ги јадат. Може да се воведе регистрирана доброволна работа од која било младинска организација или извидници итн., што исто така за возврат ќе влијае на размислувањето на младите“.

Лида: Изработив скулптура од кучето Медена оти сме слични – одбиваме тешкотиите да нè огорчат
Принтскрин, www.lida.gallery

Лида истакна дека со нејзината скулптура се надева дека ќе ја допре публиката на начинот на кој Медена ја допрела неа, со нејзината нежност, и покрај тоа што минувала низ тешки времиња во градот како улично куче.

„Пренесувањето социјални пораки преку мојата уметност беше мојата долгогодишна цел како уметник. Кога имав 3 години, мојот роден град во Иран, каде што сум родена, беше бомбардиран во војната меѓу Иран и Ирак. Бев шокирана, плачев и во тоа време и го прашав/молев Бог на таа возраст: „Те молам кажи ми дали направив нешто погрешно за ова да се случи“. А одговорот ми дојде како визија… визија на сонцето како пее и ангелите кои танцуваат и испраќаат цвеќиња од небото за луѓето. Таа слика ја цртав со моите боички како дете, и тоа беше буквално почеток на мојот пат како уметник. Денес, како возрасен сликар студирав и меѓународни односи и политички науки со цел подобро да ја разберам природата на конфликтите во нашето општество за да можам да творам како поинформиран сликар. Преку моите студии видов како секој конфликт има неколку слоеви, и за тие да се решат, потребна е средина во која граѓаните можат да ги развиваат своите потенцијали и да растат, но и да даваат на другите од тој развој“, раскажа Лида.

Лида: Изработив скулптура од кучето Медена оти сме слични – одбиваме тешкотиите да нè огорчат
Фото: Лида Шерафатманд приватна архива

Оваа година во Струга насликала „возрасна верзија“ на нејзиниот прв цртеж, а делото ќе го изложи на Струшките вечери на поезијата, заедно со уште неколку дела од нејзината нова колекција која е создадена на концептот „моќ“.

„Ја протолкував моќта на конструктивен начин, гледајќи како можеме да бидеме моќни како добри луѓе. Воодушевена и почестена сум да споделам со вас дека професорот Владимир Мартиноски пишува песни за секое дело од оваа нова збирка што ќе ги прикажам заедно со сликите на Струшките вечери на поезијата. Следната година ќе имам изложба на целата збирка во Европскиот парламент во Брисел, а песните на професор Мартиноски со задоволство ги носам и таму на изложбата“, најави Лида и додаде дека во нејзината уметност морала во основа да се спротивстави на притисокот, дури и од уметничкиот свет кој од неа очекувал да создава агресивни, насилни слики, бидејќи зборува за општествени прашања.

„Не можеа да поверуваат дека пораснав во војна, револуција, потоа во бегалско животно искуство, но сепак создавам нежни слики… па токму тоа е битката што сакам да ја добијам во животот, да не дозволам суровоста да ме натера да ја изгубам мојата благост и добрина. Како што забележувате, јас сликам главно цвеќиња и секогаш велам – колку повеќе слушам насилни вести, толку повеќе сликам нежни цвеќиња“, раскажа Лида.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Вебинар онлајн

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн

Правете бекап на дигиталните податоци, бидејќи ако чувате сè на лаптоп и ако случајно се …