Другари, со другари партија не се прави!

Другари, со другари партија не се прави!

Пишува: Зоран Милошески

Македонија е мала држава. Настрана од Скопје, во градовите и селата ширум внатрешноста останавме толку малку на број што, безмалку, секој секому е или комшија или роднина. Не дека некогаш не сме можеле да се доброиме, ама… подруго било.

Политизираните и корумпирани институции, неконзистентните државни политики и лошите политичари, се главната причина поради која сме таму кај што сме: на чекор од пропаста, на два од излезот. Со сериозна закана доколку брзо не се качиме на чамецот за спасување, да потониме во најдлабоката точка на океанот. Или во најдобар случај, да останеме во нашата жална Македонија таман толку народ, колку да не’ собере под еден орев.

Премиерот Ковачевски ја има неблагодарната обврска да не’ извлече од ќорсокакот, справувајќи се со уцените на Бугарија, неодлучноста на Европската Унија, светската економска и енергетска криза, алчноста за власт на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и последиците на руската агресија на Украина.

Не дека претходниците на актуелниот претседател на Владата уживале во комоцијата на премиерскиот кабинет и во безгрижноста и привилегиите на престижната функција. Ама, пак, дека некому од нив му се паднало истовремено да разврзува олку многу „Гордиеви јазли“, не соодветствува на реалноста.

И ако голем дел од добитните карти за проблемот со Бугарија се наоѓаат во рацете на „тешкашите“ од Вашингтон и Брисел, решението за „Бихаќка“, домашната задача на равенката со многу непознати, зависи исклучиво од Ковачевски. Од него и од партискиот генсек.

Продолжување на добрите политики и корекција на грешките на Заев, треба да бидат двата основни постулати во внатрепартиското функционирање на двоецот Ковачевски-Зечевиќ.

Се разбира, нивната старна позиција ќе беше многу поинаква доколку, тогаш кога беше најавена, заиграше струмичката „метла“. Ако тоа се случеше, денеска во директорските и функционерските кабинети ќе седеа авторитетни, компетентни и одговорни лица, кои своите функции ќе ги извршуваа од работните простории во институциите кои ги раководат, а не од кафеани, кафетерии, бутици… И, соодветно на тоа, резултатот од ланските локални избори сигурно ќе беше многу подобар од постигнатиот.

Во тој контекст, партиското членство сеуште очекува испорачување на даденото ветување на тогашниот кандидат за претседател на СДСМ, сегашен прв социјалдемократ, дека неговиот евентуален избор ќе значи устоличување на способните на местата „окупирани“ од оние другите. Кои таму кај што се, стигнале по некои странични патишта, според некои други критериуми и „заслуги“.

Она што дава надеж дека неизбежното ресетирање на партијата сепак ќе се случи, се недвосмислените и неколку пати потенцирани изјави на Ковачевски кажани во поширок партиски форум:

  • дека со другари партија не се прави;
  • дека именувањето на блиски пријатели и роднини во органите и телата на партијата и на раководни општествени функции, не смее да се случи ни под разно;
  • дека единствен вредносен критериум во кадровската политика мора да биде квалитетот и способноста на кандидатот;
  • дека се’ друго освен тоа, го води СДСМ на пат од кој нема назад.

Изнесениот став на претседателот на најголемата владејачка партија не значи измислување „топла вода“.

Логиката е едноставна и лесно разбирлива: со стратегијата „јас, тате и бате“ и со истите досегашни луѓе разместени на различни позиции во партиската хиерархија, нема надеж дека во партиското живеење ќе се случи било каков, дури и најмал квалитативен исчекор напред.

Со неменливоста на оние локални раководители на државните институции кои се „несреќа во движење“, жив зијан и срам како за партијата, уште повеќе за државата, СДСМ ќе остане закопан во сегашните ровови. Оти, ако нив ги бидувало, ако знаеле како треба, во временска рамка од неколку години, имале шанса тоа да го покажат. Бидејќи не се случи такво нешто, ами спротивното, кадровското луфтирање е нешто кое треба да се подразбира.

Секоја естетска а не суштинска корекција, ќе биде исто што и претање во жив песок. Кое неизбежно ќе значи сигурно и континуирано пропаѓање, до конечно исчезнување.

Од тие причини, чешлањето на партиската база со постојниот интелектуален потенцијал и ставањето во функција на капацитетот на секој поединец, треба да се направи не сега и веднаш, туку вчера. Во спротивно, без разлика на се’ добро и позитивно што го прават Владата и премиерот во справувањето со погоре наброените предизвици, ќе биде недоволно за избегнување на нов пораз на првите следни избори. Бидејќи, никој не се сопнал на карпа, ами на ситен камен.

А после сето она што се преживеа во изминатите 5 години, да изгубите од вакво никакво ДПМНЕ чии довчерашни ударни тупаници секојдневно добиваат нови и нови пресуди за „свирење клавир“, од опозиција чии главни адути се „новите ликови“ Мицко, Антонио Милошоски, Александар Николовски, Илија Димоски и армијата неспособни градоначалници предводени од Данела, би бил резил и срам од епски размери.

Прочитајте повеќе

Сите македонски претседатели - од Глигоров до Пендаровски

Сите македонски претседатели – од Глигоров до Пендаровски

Од 1991 година досега, петмина претседатели избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата …