Другарки и другари, ќе го барате Заев со боринче!

Пишува: Зоран Милошески

Промените се составен и неизбежен дел од животот. И тоа, во секој негов сегмент. Оттаму, нивното повремено доаѓање не треба да го сфаќаме како крај на светот, туку како дел од животниот циклус кој ќе донесе нешто ново во општественото живеење. Генерално, но и поединечно кај секој од нас. На подобро или полошо, кому како му е пишано.

Заминувањето на Зоран Заев од политичката сцена, независно дали за навек или само привремено, е нешто кое порано или подоцна мораше да се случи. Како, впрочем, и заминувањето на било кој друг политичар. Од тој аспект, тука нема ништо чудно и необично.

Она коешто остава простор за дилема и дебата, е прашањето за изборот на моментот за заминување. Односно, дали тоа требаше да го направи сега, или после првите следни парламентарни избори? Редовни или предвремени, сеедно.

Цели 8 години, што од позиција на лидер на опозиција, што како премиер, Заев беше во фокусот на сите политички случувања во нашата земја, но и пошироко, во регионални рамки.

Во целиот тој период, тој беше spiritus movens на сите стратешки процеси во и за државата: почнувајќи од „бомбите“ кои го обелоденија суровото, бескрупулозно и криминално  владеење на режимот на Груевски, преку решавање на деценискиот проблем со Грција, членството во НАТО, се’ до Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и стигнувањето во предворјето на ЕУ.

И тука повторно доаѓаме до клучните прашања: Избрза ли Заев со најавената двојна оставка? Не требаше ли да го заврши започнатиот процес за добивање датум за почеток на преговорите за влез во ЕУ и одржување на првата меѓувладина конференција, па дури потоа да замине од „Бихаќка“ и „Илинденска“?

Како и да е, одлуката е негова и без разлика дали ни се допаѓа и дали се согласуваме со неа, дали сметаме дека е оправдана или не, никој нема право било што да му забележи.

Оти…Факт е дека кај Заев постои разочараност од тактизирањето на меѓународната заедница и неиспорачување на ветувањата, како контратежа на започнатите и реализирани реформи и исполнети барања од страна на Владата. Како при потпишувањето на Преспанскиот договор, така и во совладувањето на последната пречка наречена Бугарија.

Сепак, она што кај него ја прели чашата, беше поразот на последните локални избори и сето она коешто му претходеше.

За да нема дилеми: Заев не заминува заради ножот во грб од Бугарија. Ниту заради одолговлекувањето со датумот за почеток на преговорите за влез во ЕУ, уште помалку заради стравот од ДПМНЕ.

Заев заминува заради разочараноста и немоќта да се справи со бандитите во сопствените редови. Со неработниците, матикашите, кариеристите, хохштаплерите, рекетарите, среброљупците, нечесните, неспособните, подлизурковците, кодошите.

Заминува заради ароганцијата и алчноста на избраните и именуваните партиски и владини функционери, чија самобендисаност и незаситност за пари и моќ континуирано и бесрамно го рушеа сето она кое тој со години наназад го градеше.

Заев, исто така, заминува и заради дволичноста на голем број “обични“ членови на СДСМ, кои заради ситни лични интереси го користеа секој момент да ја уценуваат и партијата и него. Кои играа на две или повеќе карти, ја злоупотребуваа неговата неразбирливо неумерена и безгранична достапност за секого, во секое време од денот и ноќта. Во буквална смисла на зборот!

Само тој што не посакал, не бил примен во неговиот кабинет. Само тој кој не му ѕвонел на телефон или не му пишал СМС, не добил повратен одговор. За излегувањето во пресрет на неброените барања за еден или друг вид на помош, за хуманата, човечката страна која никогаш не била предмет на јавна опсервација, не е момент а ниту место да се пишувасега и овде.

Драги другарки и другари, заради сето ова, но и заради многу други причини, ќе го барате Заев со боринче! Сакале тоа да го признаеме или не, но сите вие, сите ние, случајно или намерно, извадивме барем по една цигла од куќата која тој ја градеше.

Едно е сигурно: наследникот на Заев, кој и да е, нема да биде ни приближно толку достапен како што беше тој. Ама и не треба! Оти и нему, исто како и на Заев, сето тоа ќе му се удри од глава. Верувам дека имајќи го предвид искуството на својот претходник, новиот лидер ќе наметне нови правила на игра и однесување, кои ќе значат помалку лични релации, а многу повеќе работа и дисциплина. Бидејќи неброено пати се потврдило дека во партискиот живот, танка е линијата помеѓу демократијата и анархијата.

Ама, да не се разбереме погрешно – Заев не е безгрешен. Рекле, никој никогаш не се сопнал лежејќи во кревет. Ако треба да ја издвојам неговата најголема грешка, ќе речам дека е тоа најавуваната „метла“ која никогаш не заигра! Пред нешто повеќе од три години реков дека ако не ги замети министерските, директорските и партиските кабинети, ако не ги смени неспособните и корумпираните од раководните функции, тогаш еден ден тие ќе го заметат него. За жал, се случи токму тоа…

На 12 декември СДСМ отвора ново поглавје во своето дејствување!

Прочитајте повеќе

Отворен ден соу ѓорче петров прилеп

Отворен ден во СОУ Ѓорче Петров во Прилеп

Непосредно пред големиот празник на Сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, Средното општинско училиште …