Државата се празни, партиите мува не ги лази

Државата се празни, партиите мува не ги лази

Пишува: Зоран Милошески

Податоците кои ги покажаа резултатите од пописот не се веќе предупредувачки, туку застрашувачки показатели дека „белата чума“ е нашата сурова реалност: младите ја напуштаат државата, нацијата ни старее, секој ден не’ има се’ помалку.

Заминуваат младите, образованите. Ненадоместливо го губиме највредното, најскапоценото. Сериозно е разнишан темелот на државата.

Во татковината остануваат само тие кои мораат. И оние другите, малубројните, на кои им се наредиле коцките како што во ниту една друга земја не би им се наредиле. Оние кои направиле пари единствено заради поседувањето „квалитети“ кои немаат многу заедничко со доброто образование, честа и честитоста.

За среќа, постојат и успешни луѓе, дијаметрално спротивни на претходно споменатите, кои сето она што го имаат – стандард, социјален статус и углед, го стекнале благодарејќи им на трудољубивоста, домашното воспитување и менаџерските способности.

Ништо не доаѓа преку ноќ, па ни неуспехот. Оттаму, процесот на бавно но континуирано одење кон провалијата не започна вчера, пред три месеци или четири години. Фактот дека во последните две децении од Македонија се иселиле близу 200.000 луѓе, што ќе рече дека секоја година од географската карта исчезнувал по еден град од 10.000 жители, делува поразително по сите досегашни власти во државата. Без исклучок.

Она коешто сите тие испуштија да го направат, е да излезат од идеолошките матрици на партиските субјекти од кои потекнуваат и нештата да ги гледаат низ призмата на работење за општото добро, надвор „од кутијата“. Во едно толку политизирано општество како нашето, тоа што партиите целосно забегаа од своите основни идеолошки постулати, што се измешаа левичарската и десничарската, социјалдемократската и демохристијанската идеологија, само дополнително ја проблематизираа и онака комплицираната домашна политичка сцена.

Партиите одамна престанаа да работат на едукација на своето членство. Важно беше да се прикаже што поголема бројка на партиски активисти, да се поделат што повеќе партиски книшки. Уште поважно, пак, „плавите“ на „црвените“, и обратно, да им покажат дека за партиските митинзи наполниле повеќе автобуси. Дека на плоштадите собрале повеќе народ. Дека имаат подолги списоци на членови кои донесле 10, 15, 30 или повеќе “сигурни гласачи“.

Тука заврши се’! Повеќе никого не го интересираше ни кој што нуди, ни кој е за НАТО а кој против, кој е „за Русите“ а кој „за Американците“. Личниот интерес на поединецот се издигна над заедничкиот интерес. Над интересите на заедницата, општината, државата.

Последиците од ситното политичко профитерство од кое многумина се офајдија на големо, од ден на ден се се’ повидливи. Ерозијата на политичката култура и поткованост, девалвирањето на партиските вредности стигнаа дотаму, што дури и големото мнозинство од членовите на највисоките органи на општинските ограноци, на Извршните одбори и комитети, абер немаат што пишува во статутите на нивните партии. Каква економска и социјална програма нудат, што содржи нивната политичка платформа, а најмалку умеат да направат дистанца помеѓу демохристијанската, “зелената“, либералната или социјалдемократската идеологија. Ама затоа знаат што значи тендер, провизија, брзо богатење и печалење без пот и мака.

Заради сето ова, емиграцијата стана заштитен знак на нашата држава. Давањето предност на образованите и капацитетните на сметка на медиокритетите, безобразните и „интелектуалците“ со купени дипломи од петпарачките факултети, е првиот чекор кон враќање на вистинските вредности.

Ни се бендисувало нам тоа или не, ќе признаеме или ќе ги затвораме очите пред реалноста, но многу што во државата зависи од ресетирањето на политичките партии, од нивното реформирање од корен.

Она коешто тие мора да го направат, е да се вратат три чекори назад и да почнат со сериозна едукација на партиското членство. Да им укажат на предностите, вредностите и целите на левата или десната идеологија. Сега и веднаш да го приберат сиот интелектуален потенцијал со кој располагаат. Во партиската хиерархија да ги вклучат визионерите, а институциите да им ги доверат не на полтроните и собирачите на арач, туку на чесните и способните.

Тоа е единствената формула како да се ослободиме од креаторите на нашите животи и судбини, за кои Винстон Черчил е англиска марка на цигари, Олоф Палме шведски хокеар, а Вили Брант германски фолк пејач. .

Само на тој начин можеме да си го зачуваме народот во државата. Само така може да не’ биде. Никако поинаку.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …