Државната матура најверојатно одложена, за кога, не се знае

Државната матура најверојатно одложена, за кога, не се знае

Сѐ поверојатно е дека матурантите нема да полагаат матурски испит на 27 мај. Вработените во Државниот испитен центар го продолжуваат штрајкот, откако со надлежните институции не успеаја да постигнат договор за зголемување на нивните плати. Од Синдикатот обвинуваат дека повисоки плати добија само функционерите. Министерот Шаќири апелира да не се доведуваат во прашање испитите.

Дваесетте вработени во Државниот испитен центар (ДИЦ) го продолжуваат штрајкот, откако по два неуспешни состанока со претставниците на Министерството за финансии, не успеале да се договорат за зголемување на нивните плати. Тоа значи дека првиот датум на полагање државна матура, односно 27 мај, најверојатно ќе биде пролонгиран. Од Синдикатот на ДИЦ велат дека сега веќе е невозможно да се направат потребните подготовки за полагање на матурата, а тоа, како што велат би значело и доцнење со резултатите.

„Од таа причина веќе бараме министерот за образование да преговара со нас за тоа кои се следните опции за нови термини за полагање државна матура. Ние не бараме, туку кажуваме дека овие датуми не може да ги постигнеме, има многу активности кои се поврзани и сите вработени се неопходни во тој процес. Подготвени сме да работиме деноноќно за да ги реализираме обврските, не сакаме да им наштетите на матурантите со какво било пролонгирање на резултатите, но во прашање се минути, не денови. Искрено се надевам дека ова пролонгирање нема да биде големо и се ќе зависи од одговорот на Министерството за финансии, изјави Емилија Бошковска, претседател на Синдикалната организација при ДИЦ.

Вработените во оваа институција која е надлежна за спроведување на државната матура, но и за полагањето на испити за директори и приправници, бараат зголемување на платите за околу 25 проценти согласно колективниот договор. Но, од ресорното министерство за финансии им било понудено зголемување за околу 1000 денари по вработен. Тврдат дека наместо за нив, парите од буџетот биле наменети за зголемените плати на функционерите.

„Од нашиот буџет се резервирани средства за пренамена која е во ек, односно за платите на функционерите. Некои си 270 до 300 илјади денари се резервирани за нивните плати, а за нас планираат по 1000 денари зголемување од човек. Нашите барања беа околу 400.000 денари, вели Бошковска.

Шаќири: Да не се доведуваат во прашање процесите

Непосредно пред денешната прес конференција на вработените во Испитниот центар, министерот за образование Јетон Шаќири апелираше вработените да го почекаат Општиот колективен договор за кој рече дека можеби ќе биде подобар од сегашните услови што им ги нуди Министерството за финансии.

„Нека продолжат со нивните барања, но нека не ги доведуваат во прашање процесите“, изјави Шаќири.

Тој притоа посочи дека дел од вработените се вклучиле при полагањето на испитите за директори, кои се во надлежност на ДИЦ и дека тие биле во законски рок.

„Истото би го побарал од истите тие вработени. Со Министерството за финансии да се најде начин за нов колективен договор, но истовремено очекуваме што побрзо да се потпише и Општиот колективен договор кој веќе е најавен и за другите сектори. Во момент кога дискутираме, тоа да не го поврзуваме со датумот на државната матура,“ рече Шаќири.

Дваесет и деветте вработени бараат повисоки плати кои не им се зголемени и по повторниот пораст на минималната плата, што довело до изедначување на платите за различни работни позиции. Речиси половина од нив, односно 11 примаат околу 20.100 денари или минимална плата, а советниците добиваат плата од 26 илјади денари.

И додека овие вработени се обидуваат да го добијат саканото покачување на платите, функционерите веќе добиваат повисоки плати. По одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, платите на функционерите се зголемија за речиси 80 проценти.

Според таа одлука, претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски добија покачување на платата од околу 70 илјади денари. Повисоки плати ќе имаат и пратениците, министрите, гувернерот на Народната банка, уставните судии, градоначалничката на Скопје, јавниот и народниот правобранител и секретарите на Владата и Собранието.

Одложувањето на матурата-нови главоболки за матурантите кои ќе студираат надвор

Од Синдикатот на ДИЦ велат дека пролонгирањето на рокот за полагање на државна матура нема да им предизвика поголеми проблеми на матурантите кои ќе го продолжат високото образование на домашните универзитети. Но, проблем може да имаат тие кои ќе студираат надвор од земјата.

„За мене кој планирам да аплицирам на еден универзитет во Барселона, тоа ќе значи неколку проблеми. Доцнењето на полагањето матура значи доцнење на резултатите кои се потребни кога се запишувате на конкретниот универзитет. Значи или ќе се пропушти шансата доколку не покажат толеранција од специфичниот универзитет, или во случај да ми дадат шанса, ќе биде покомплициран процесот, а доколку добијам пониска оценка од тоа што се бара, ќе имам многу пократко време да реагирам за да најдам нова опција, наспроти таа што веќе ја планирав“, вели еден матурант од гимназијата „Орце Николов“.

Во Македонија има околу 17 илјади матуранти, а само во Словенија се запишуваат над 1.300, без да се земат предвид запишаните. Овој број не ги вклучува македонските студенти од прва година на приватните универзитети во Словенија, што значи дека најверојатно бројот е поголем. Според Фондот за здравствено осигурување, секоја година имаме дополнителни 300-400 матуранти кои студираат во уште 17 други земји од Европската унија, Западниот Балкан и Турција. Само оваа година државата стипендира 37 матуранти т.е. бруцоши кои студираат на првите сто универзитети од Шангајската листа.

Во меѓувреме на барање на средношколците МОН веќе го олесни полагањето на државната матура, откако беше постигнат договор на барање на Сојузот на средношколци. Годинашната матура ќе биде приспособена на состојбата во образованието и ќе биде олесната за оваа генерација матуранти која беше најмногу погодена од прекините на наставата.

Инаку оваа година матурира генерацијата на која уште во прва година ѝ се случи пандемија со ковид 19 и онлајн настава. Пoтоа губеа часови и поради штрајкот на просветните работници, а последната година од средното образование им поминува и со дојави за бомби. Од четири години средно училиште не ги поминаа ниту половината во училишните клупи.

Од Синдикатот на ДИЦ велат дека иако има одредени несогласувања меѓу вработените, сепак мнозинството се единствени во ставот дека штрајкот треба да продолжи се додека не биде прифатено нивното барање. Бошковска вели дека вработените немаат ентузијазам за работа и не се чувствуваат одговорни за евентуалните последици.

„Ако државата смета дека не сме и важни, тогаш зошто ние да се жртвуваме и да работиме по 20 часа на ден?,“ прашува Бошковска.

Од штрајкот на ДИЦ се засегнати 15. 620 матуранти кои се пријавени за 27 мај и на 10 јуни да ги полагаат двата екстерни испита. Исто така, стопирано е и меѓународното тестирање ТИМСС, со кое се мерат постигнувањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија). Тестирањето почна на 3 април и опфаќа околу 4.900 ученици во 150 основни училишта.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Летово ќе биде пеколно, климатските промени си го наплатуваат данокот

Летово ќе биде пеколно, климатските промени си го наплатуваат данокот

Едни од најчестите индикатори на климатските промени се надминувањата на екстремните температурни вредности, а УХМР …